Планинарски патеки во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Бележењето на планинарските патеки во Македонија ― активност која се спроведува од Федерацијата на планинарство на Македонија. Тоа е спектар на професионални услуги кој создава одржливи модел на управување со планинарските и рекреативните патеки, како и обука на стручни лица за одржување на истите. Планините се отворен простор, без оглед на националната, етничката, расната, половата или било која друга припадност на посетителите. Движењето во планините не е само физичка активност, тоа е извор на етички, естетски, образовни, културни и духовни вредности.[1]

Планинарско-рекреативната мрежа на патеки овозможува пешачење, планинарење, возење велосипеди, јавање и сл. и дава можности за подобар квалитет на животот и здравје на граѓаните.

Системот за класификација на патеките, нивното оценување (степен на тежина), обезбедува насоки за заштита на патеките, животната средина и типот на земјиштето преку кои тие поминуваат.

Проширувањето и одржувањето на таа мрежа на патеки е од витално значење за сите заедници и организации кои се поврзани со функционирањето на планинарско – рекреативните патеки, со нивниот развој и управување.[2]

Географија на Македонија[уреди | уреди извор]

Република Македонија е претежно планинско-котлинска земја. Дури 80% од целокупната територија на државата се планини. Просечната височина на релјефот на Република Македонија изнесува 829 м. Најниската надморска височина е 44 м во близина на Гевгелија, на местото каде што реката Вардар ја напушта територијата на Република Македонија и оди кон Грција, додека за највисока надморска височина се смета врвот Голем Кораб на планината Кораб со височина од 2.764 м. Релативната височина на територијата на Република Македонија е 1720 м.

Релјефот на Република Македонија има разновидни рељефни облици: рамничарски предели, котлини, речни долини, ридови, ниски, средни и високи планини, висорамнини и други голем број помали релјефни облици. За да се посетат тие рељефни облици потребни се патеки.

Класификација[уреди | уреди извор]

Постојат четири основни класи според ФПСМ односно Комисијата за планинарски патеки:[3]

  • Класа 1- рекреативно пешачење
  • Класа 2 – пешачење, лесна (патека достапна за одредена група луѓе со добра здравствена состојба и со основно планинарско знаење)
  • Класа 3 – пешачење, средно тешка (патека која бара добра здравствена состојба, добра физичка кондиција и добро познавање на планинарска техника)
  • Класа 4 – пешачење, тешкa патекa (патека за планинари „професионалци“)

Основни ознаки на планинарските патеки[уреди | уреди извор]

На планинарските патеки во нашава земја има два вида ознаки. Тоа се: маркации и смерни табли.

Кнафелцова ознака[уреди | уреди извор]

Цртеж од Кнафелцова ознака.

Основна маркација на македонските планини е т.н. Кнафелцовата ознака која се поставува на: дрвја, на камења, на карпи, на огради, на градби и др., каде со својот изглед ќе биде лесно препознатлива. Се поставува во висина на очите (1.7 - 2 м) и, во зависност од теренот на кој се движи, патеката вообичаено е поставена како вертикална ознака. Кнафелцовата ознака, како препознатлива маркација на патеките, е со бела точка, обрабена со црвен круг. Големина на ознаката е 12 см. Кнафелцова ознака поголема од 12 см може да се користи само во исклучителни случаи, во интерес на добрата видливост, но не поголема од 20 – 25 см. Големината на белата точка е 6 см, а ширината на црвениот прстен околу белата точка е 3 см.[4]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Симоновски, Симончо (2017). Прирачник за маркацисти (PDF). Скопје: ФПСМ. стр. 3.
  2. Симоновски, Симончо (2017). Прирачник за маркцисти (PDF). Скопје: ФПСМ. стр. 4.
  3. Симоновски, Симончо (2017). Прирачник за маркацисти (PDF). Скопје: ФПСМ. стр. 9.
  4. Симоновски, Симончо (2017). Прирачник за маркацисти (PDF). Скопје: ФПСМ. стр. 13.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]