Персијанци (драма на Есхил)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Персијанци (грчки: ΠΕΡΣΑΙ) - драма во стихови (од жанрот трагедија) на старогрчкиот писател Есхил. Драмата била за првпат прикажана во 472 година п.н.е.[1]

Ликови[уреди | уреди извор]

Во драмата се јавуваат следниве ликови:[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на драмата се одвива во Суса, главниот град на персиското царство, а во близината на гробот на Дариј. Таа се состои од влезна песна, три еписодии и ексода.

Влезна песна[уреди | уреди извор]

Персиските старци се собрани пред царската палата чекајќи вести од војската која заминала во поход на Атина. Старците се загрижени и имаат некое лошо претчувство.[2]

Прва еписодија[уреди | уреди извор]

На старците им се придружува Атоса, која ја споделува нивната загриженост, кажувајќи им дека сонила лош сон. Тогаш пристигнува гласник од бојното поле, кој им ја соопштува страшната вест: во Битката кај Саламина, многубројната персиска армија претрпела тежок пораз од Грците, а подоцна, преживеаните умреле на патот кон Персија. Од целата армија останал само мал дел при што царот Ксеркс успеал да се спаси. Слушајќи ја веста, Атоса и старците очајуваат.[3]

Втора еписодија[уреди | уреди извор]

Обземена од тага, Атоса принесува жртва на гробот на Дариј.[4]

Трета еписодија[уреди | уреди извор]

Од гробот излегува духот на Дариј, кој зборува за несреќната иднина што ги чека Персијанците кои никогаш повеќе нема да бидат моќни. Хорот го слави мудрото владеење на Дариј и жали за лекомисленоста на младиот Ксеркс. Тогаш, во палатата доаѓа царот Ксеркс, целиот во партали и психички скршен.[5]

Ексода[уреди | уреди извор]

Ксеркс им раскажува на старците за страшниот пораз на неговата војска и сите заедно ги оплакуваат големите јунаци кои загинале на бојното поле.[6]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Драмата „Персијанци“ претставува втор дел од тетралогијата која ја сочинувале и драмите „Финеј“ (како прва), „Глауко Потниски“ (трет дел) и „Прометеј Огненосецот“ (како сатирска игра), а на кои не им се знае содржината. Во неа, Есхил ги слави јуначките подвизи на слободољубивите Хелени против наездата на армијата на персискиот цар Ксеркс. Ова дело се разликува од сите останати старогрчки драми по тоа што темата не е земена ниту од митологијата, ниту од Хомер, туку од тогашната понова грчка историја. Драмата се прикажувала од страна на двајца глумци - еден ги толкувал гласникот и духот на Дариј, а другиот Атоса и Ксеркс. Драмата нема пролог, но во неа се забележува значаен напредок, зашто се одликува со позрел облик, посложен уметнички состав и посилен драмски живот. Исто така, во неа за првпат во хеленската трагедија се појавува улогата на гласник, а духот на Дариј е првата таква улога во историјата на европската драма.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Eshil, Persijanci – Okovani Prometej. Beograd: Rad, 1963, стр. 4.
  2. Eshil, Persijanci – Okovani Prometej. Beograd: Rad, 1963, стр. 5-11.
  3. Eshil, Persijanci – Okovani Prometej. Beograd: Rad, 1963, стр. 12-29.
  4. Eshil, Persijanci – Okovani Prometej. Beograd: Rad, 1963, стр. 30-33.
  5. Eshil, Persijanci – Okovani Prometej. Beograd: Rad, 1963, стр. 34-43.
  6. Eshil, Persijanci – Okovani Prometej. Beograd: Rad, 1963, стр. 44-54.
  7. Miloš N. Đurić, „Beleška o piscu“, во: Eshil, Persijanci – Okovani Prometej. Beograd: Rad, 1963, стр. 117-119.