Органска храна
Здравата органска храна (здрава храна) се произведува по одредени производствени стандарди. Конвенционалната употреба на неоргански пестициди, инсектициди и хербициди е цврсто забранета и избегнувана како последна мерка. Сепак, спротивно на популарните верувања, се употребуваат и одредени вештачки ѓубрива. Доколку станува збор за добиток, животните мораат да бидат израснати без рутинираната употреба на антибиотици, како и хормони за раст. На животните мора да им се обезбеди и здрава исхрана. Во повеќето држави, органските производи не смеат да бидат генетски изменети.
Производството на органска храна е тешко регулирана индустрија, разграничена од приватното градинарство. Во моментов, Европската Унија, САД, Канада, Јапонија и многу други држави бараат од производителите специјални сертификати за да ја пласираат израснатата храна како „органска“, во рамките на нивната територија. Повеќето сертификати овозможуваат употреба на одредени хемикалии и пестициди, па консумирачите треба да внимаваат на стандардите кои треба да се исполнат за храната да биде квалификувана како органска, во локалите каде купуваат.
Обработената органска храна обично содржи само органски состојки. Доколку во храната постојат и неоргански состојки, одреден процент од растителните и животинските состојки на храната мора да биде органски, за таа да го задржи статусот на органска храна (95% во САД и Австралија). Сите неоргански произведени состојки во органската храна се подложни на разни земјоделски услови. Органската храна е често обработувана со што е можно помал број на вештачки методи, материјали и услови како што се хемиското созревање, зрачење на храната и генетски изменети компоненти. Покрај тоа, храната мора да биде ослободена и од вештачки адитиви. Органската храна по можност се произведува со технологии кои заштедуваат енергија, и се пакува во биораспадливи материјали, и материјали кои можат да бидат рециклирани.
Повеќе научни проекти биле формирани со цел да ги истражат и споредат конвенционалните и органските системи на земјоделството. Генералниот консензус меѓу овие истражувања е дека органското земјоделство е значително помалку штетно поради следните причини:
- Органските фарми немаат потреба од синтетички пестициди, дел од кои имаат потенцијал да ги оштетат почвата и водата, како и да му наштетат на живиот свет.
- Органските фарми покажуваат подобри резултати од конвенционалните фарми во можноста за прехранување на различни екосистеми.
- Пресметано според површината, органските фарми користат помалку енергија и произведуваат помалку отпад.
Сепак, некои критичари на органските методи на земјоделството веруваат дека органските фарми бараат повеќе земја од конвенционалните за да го произведат истото количество храна. Тие тврдат дека доколку е ова вистинито, органските фарми можат да ги уништат дождовните шуми и да збришат повеќе екосистеми.
Некои студии покажале дека органската храна има поголеми хранливи вредности од конвенционално одгледаните производи. Најважната студија на органската храна во историјата била остварена во 2007 г. и според неа, органското овошје и зеленчук содржат 40% повеќе антиоксиданси од конвенционалните еквиваленти, а во однос на органското млеко, процентот бил 60%. Четиригодишната студија била финансирана од страна на Европската Унија, и е најобемната од својот вид. Студија во 2001 година од истражувачи од Државниот универзитет во Вашингтон, заклучила дека органските јаболки се повкусни. Заедно со вкусот и благоста, текстурата и цврстината на јаболките исто така била повисока од онаа на конвенционално израснатите јаболки. Овие разлики се препишани на поголемиот квалитет на почвата што резултира од органските земјоделски техники. Сепак, во 2002 година мета-анализа (преглед на сите студии на темата) не нашла каков било показател дека органската храна нуди поголеми хранливи вредности, поголема безбедност за консумирачот или особени разлики во вкусот.
Органската храна вреди од 10 до 40 проценти повеќе од конвенционалната, во различни држави.
Иако органската храна претставува 1-2% од вкупната продажба на храна низ светот, пазарот на органската храна расте особено брзо, далеку побрзо од останатиот дел од индустријата за храна, во развиените земји, и во земјите во развој.
|