Одделение за заштита на народот

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од ОЗНА)

Одделение за заштита на народот (ОЗН) била воена служба за безбедност.

Било формирано по одлука на Воениот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Југославија. Во првите воени години во Македонија таа дејност била во надлежност на месните народни, селски или партизански стражи (1941 - 1942), а потоа на известителната служба и на народната милиција (1943 - 1944).

Одлуката за формирање на ОЗН во Македонија била донесена на состанок на ЦК на КПМ во с. Рамно, Кумановско. Тука за таа цел бил дојден од Вис и инструкторот на ОЗН за Југославија Мијат Вулетиќ, кој донел и Упатство за организација на работата, а било избрано и раководство на ОЗН за Македонија при Поверенството за народна одбрана на НКОЈ. Потоа неговата дејност била официјализирана (с. Мелница, Велешко, 13 мај 1944) за борба против домашните предавници и тероризмот на слободната и на неослободената територија. Подоцна било осамостоено на слободната територија во Кумановско (втората половина на 1944), што значело целосно одвојување на разузнавачките од безбедносните функции и ОЗН станало единствен разузнавачки центар.

Со донесувањето на првиот Устав на ФНРЈ, во рамките на Министерството за одбрана била формирана Контраразузнавачката служба на ЈНА (КОС), а ОЗН било одвоено од ова Министерство и влегло во составот на Министерството за внатрешни работи - Управа за државна безбедност (УДБ) [1].

Историја[уреди | уреди извор]

На советувањето во Столице, одржано на 26 септември 1941, формирани се првите разузнавачки и контраразузнавачки служби и утврден е системот на организација и врски помеѓу нив. Во септември 1943 при Врховниот штаб на НОВЈ е формиран Отсек за заштита на народот, а на 13 мај 1944, со наредба на Врховниот командант Јосип Броз Тито е формирано Одделението за заштита на народот - ОЗНА како единствен орган на целокупната разузнавачка и контраразузнавачка организација. За началник на ОЗНА тогаш е поставен Александар Ранковиќ.

ОЗНА се состоела од 4 отсеци:

  • Првиот отсек бил задолжен за работа во странство и на окупираните територии. Началник на првиот отсек бил Макс Баќе Милиќ.
  • Вториот отсек бил задолжен за работа на ослободените територии. Началник бил Павле Пекиќ.
  • Третиот отсек имал разузнавачки задачи во самата НОВЈ. Негов началник бил Ефто Шашиќ.
  • Четвртиот отсек се занимавал со статистичко-технички работи и негов заповедник бил Мијат Вулетиќ.
Список на лица од ВМРО, од Штипскиот округ, уапсени од органите на ОЗНА, 1946

Во март и април 1945 биле формирани петти и шести отсек на ОЗНА:

  • Петтиот отсек бил формиран како контраразузнавачки против страните агентски мрежи во Југославија. Во 1946 овој отсек се приклучил како трет на првите два во рамки на УДБА.
  • Шестиот отсек извршувал задачи од областа на контраразузнавачката заштита на транспортот, но бил преточен во вториот сектор скоро по крајот на војната.

На крајот на војната, ОЗНА располагала со картотеки за над 17.750 лица.

По донесувањето на Уставот на ФНРЈ од 31 јануари 1946 биле реорганизирани безбедносно-разузнавачките служби. Во март 1946 од првиот и вториот отсек на ОЗНА е формирана при Министерството за внатрешни работи на ФНРЈ посебна Управа за државна безбедност (УДБА), додека од третиот отсек на ОЗНА при Министерството за народна одбрана на ФНРЈ била формирана Контраразузнавачката служба на Југословенската армија (КОС).

Под водство на Александар Ранковиќ, кој директно му одговарал за својата работа на Тито, ОЗНА станала многу силна организација во земјата и во странство, и истовремено успеала речиси целосно да постави српски кадар во југословенската разузнавачка заедница. Ова подоцна влијаело на настаните во подоцнежните фази од развојот и распадот на Југославија. Поради бруталните методи на испитување на осомничените, станала позната по изреката „ОЗНА - сѐ дозна“. ОЗНА се смета дека е одговорна за голем број масовни ликвидации на непријатели или противници на комунистичкиот режим кон крајот и по Втората светска војна во Југославија.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Феми Муча, Раѓањето на ОЗНА (1-5). Три децении на Службата за безбедност, †Нова Македонија#, XXX, 9801, Skopje, 8–12. V 1974, 3;