Наган

Од Википедија — слободната енциклопедија

Наган M1895 револвер (или само наган) е револвер со калибар 7,62х38 мм; дизајниран и произведен од белгискиот индустријалец Леон Наган за потребите на Руската Империја.

Руски Наган M1895[уреди | уреди извор]

Браќата Леон и Емил Наган се добро познати на рускиот царски двор и воената администрација затоа што во 1891 ја дизајнирале и Мосин-Наган пушката која се користела од руските служби. Наганот M1895 е присвоен како стандардно рачно оружје за Царската Руска Армија и полициските службеници, заменувајќи ги претходните Смит и Весон модели.[1]

Прво се произведувала во Лиеж, Белгија; но во 1898г. Русија ги откупила правата за производство, и го преместила производството во Тулскиот Арсенал во Русија, каде набрзо се произведувале 20.000 парчиња годишно.[1]

Технички одлики[уреди | уреди извор]

Револверите обично имаат мал јаз меѓу цилиндерот и цевката со што се овозможува вртење на цилиндерот. Испуканиот куршумот мора да помине меѓу овој јаз, што негативно влијае врз прецизноста. Низ јазот исто така се исфрлаат топли гасови со висок притисок. Поскапите револвери како Корт и Манурхин се склопуваат рачно, при што јазот се сведува на минимум. Масовно произведените револвери може да имаат јаз и до 0,25 mm.

За разлика од нив, Наганот M1895 има механизам кој, штом петлето е затегнато, прво го врти цилиндерот, а потоа го придвижува напред, затворајќи го јазот меѓу цилиндерот и цевката. Чаурата е исто така оригинална, и игра важна улога во спречувањето на гасовите да излезат низ јазот. Зрното е набиено целосно во чаурата, а таа пак е малку стесната во пречник кај устието. Цевката на задната страна има кус конусен пресек; во кој влегува устието на чаурата, формирајќи заптивка за гасовите. Со заптивање на јазот, се зголемува брзината на куршумот за 15 до 45 m/s. Со ова, исто така, се спречуваат повредите од гасовите што излегуваат низ јазот.[2]

Наган револвер во футрола.

Историја и употреба[уреди | уреди извор]

Наган револверот М1895 е користен од Руската Царска Армија, а подоцна, по руската револуција, и од Советскиот Сојуз.

Бил претежно користен и од болшевистичката тајна полиција, Чека, а подоцна и од агенциите ОГПУ и НКВД. Со седум наган револвери комунистичките револуционери го погубиле руското царско семејство и нивните слуги во јули 1918 година.[3]

Наган револвери M1895, модифицикувани во тајни работилници, исто така се користеле од герилците од Виет Конг за време на Виетнамската војна.

Наган револверот во Македонија[уреди | уреди извор]

За време на илинденското востание, македонските револуционери (комитите, градските терористи и селската полиција) користеле оружје од најразлично производство. Меѓу револверите најценети биле т.н. „Крадачки“ и рускиот „Наган“. Крадачкиот всушност бил Колт, што се среќавал најчесто во Црна Гора a носел втиснат натпис со латински букви "Монте Негро". Наган револверот бил произведен во руската фабрика за оружје во Тула. Моделот од 1895, со кој главно биле вооружени војводите и градските раководители, имал седум патрони, калибар 7,62мм и со почетна брзина на зрното од 272 метри во секунда. Тежел 750 грама.[4] За време на стрелање со ваков револвер, реденицата со патроните (куршумите) ce долепувала до цевката на револверот и им давала поголема пробојност на зрната. И наганот и карадакот[5] на рачката имале метална алка за гајтан, што ce префрлал околу вратот. Рачките им биле од слонова коска и метал или само од метал со уметнички украси.[6]

За популарноста на ова оружје меѓу војводите и комитите сведочи американскиот новинар Алберт Сониксен (Albert Sonnichsen), во неговата книга „Исповед на еден македонски четник“ (Confessions of a Macedonian Bandit), кој што во 1906 година шест месеци престојувал во Македонија.[7]

Припадниците на македонската револуционерна организација заклетва давале пред евангелие и вкрстени кама и револвер, од кои што последниот не ретко бил и наган. Но ова оружје има и темна страна. Имено во 1907 година револуционерот Борис Сарафов бил застралан од страна на Тодор Паница токму со овој револвер.[7]

Гемиџијата Јордан Поп Орданов - Орцето на почетокот од своето проштално писмо го споменува овој револвер:

„Сакана единствена Кате, Кога ќе го читаш моето последно писмо, мене веќе нема да ме има,  јас ќе бидам труп или веќе фрлен во некоја дупка како претепано куче. Но во мигов кога пред мојата смрт ми останува да живеам уште еден час или два, додека ја фрлам и последната бомба и да го тргнам чкрапецот на мојот нагант, мислам на тебе, писмото нека ти докаже колку многу те сакам.“[8]

Наган револверот во македонските народни песни[уреди | уреди извор]

Во народната песна „Заплакало е Мариово“ посветена на предавството на Ѓорѓи Сугарев, во последната строфа се споменува дека за да не падне жив во рацете на Турците тој се самоубива со наган револвер:

Згрмеја пушки, пушки аскерски, крвави,

сета дружина му ја избија.

Тогај извади нагант леворвер, Ѓорѓи Сугарев

самиот крвта си ја пролеа,

самиот крвта си ја пролеа, Ѓорѓи Сугарев,

жив на душмани не се предаде.[9]

Во истата песна, но во верзијата на Петранка Костадинова, во втората строфа се споменува дека целата дружина на Ѓорѓи Сугарев имала пушки малихерки и наган револвери:

-Слушам ве народ, народ поробен,

слушам ви гласој, гласој жалосни.

Сега за скоро јас ќе дојдам, ќе пристигнам,

со триесет одбрани момчиња,

сите со пушки малихери,

сите со нагант револвери.“

Смртта на Ѓорѓи Сугарев, кој си го одзема животот со наган револвер е опеано и во „Песна за Ѓорѓи Сугаре“.[10] Во песната пак „Гоце ми отиде во Солуна града“, во која се пее за Гоце Делчев и како тој си ја жртува својата младост за слободата на Македонија, наган револверот е спомнат во последната строфа од песната:

Мојот стари татко небричен оди,

мене живо жали за мојата младост,

моите браќа нагани си стегат,

в планина ќе одат, борба да водат,

борба да водат за Македонија,

за Македонија да ја ослободат.[11]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Kowner, Historical Dictionary of the Russo-Japanese War, p. 248.
  2. Published on Nov 11, 2012 (2012-11-11). „Mythbusters Revolver Cylinder Gap“. YouTube. Посетено на 2020-05-07.
  3. Rappaport, The Last Days of the Romanovs: Tragedy at Ekaterinburg (2009), p. 181
  4. Большая советская энциклопедия, том 17. Москва. 1974. стр. 169–170.
  5. Се мисли на револверите Колт, донесени од Црна Гора (Црна Гора на турски - Карадаг (Karadağ)
  6. Дамјановски, Ристо (1988). Воените аспекти на македонското национално-ослободително движење 1893-1903. Скопје: Филозофски Факултет - Скопје. стр. 200–201.
  7. 7,0 7,1 „Наган револверот во служба на македонските револуционери“. Македонска Ризница. Број 19: Страна 8, 9, 10. 01.02.2014. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  8. „Предсмртно писмо од саможртва за Македонија“. macedonium.org.
  9. „Заплакало е Мариово“.
  10. „Песна за Ѓорѓи Сугаре“.
  11. „Гоце ми отиде во Солуна града“. pesna.org.