Мимоза Ќека

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мимоза Ќека
Родена Скопје
Занимање Музичар, пијанист

Мимоза Ќека (Скопје, 1994) — македонска пијанистка, доктор по музичка уметност со интереси во повеќе полиња: научно-истражувачка работа, интерпретација, музички менаџмент и образование.

Животопис[уреди | уреди извор]

Мимоза Ќека, родена во Скопје, започнува со изучување на инструментот пијано на својата петгодишна возраст, а основното и средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј’’ во Скопје. Во 2015 година дипломира на Факултетот за музичка уметност – Скопје на одделот по пијано, во класата на проф. м-р Тодор Светиев и станува член на Сојузот на музички уметници на Македонија,[1] а во 2017 година магистрира на одделот по музичка интерпретација – пијано под менторство на маестра проф. Лилија Зилберштајн. Во 2021 година, на 26-годишна возраст се стекнува со титулата „доктор по музичка уметност“ при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, под менторство на проф м-р Тодор Светиев и проф. д-р Димитрије Бужаровски. Во рамки на интерпретацискиот дел од докторската дисертација премиерно ја изведува Соната за пијано оп. 26 од Самуел Барбер и премиерно интегрално го изведува циклусот ,,Огледала’’ од Морис Равел и ,,Во маглите’’ од Леош Јаначек[2], а во рамките на научно-истражувачкиот дел од докторската дисертација го објавува трудот ,,Употребата на дигиталните технологии во квантитативната анализа на пијанистичката интерпретација’’[3].  Од 2015 до 2017 година специјализира на музичката академија Accademia Musicale Chigiana во Сиена, Италија кај проф. Лилија Зилберштајн. Од 2015 година стекнува работно искуство како професор по пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луj’’, а од 2019 година работи на Факултетот за музичка уметност како уметнички соработник на диригентката Бисера Чадловска[4].

Концерти[уреди | уреди извор]

Мимоза Ќека на сцената е присутна со солистички рецитали и концерти со симфониски оркестри, учество во камерни ансамбли, пијано дуо и пијано придружба. Посебно се издвојува настапот со Симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност (К. Сент-Санс: Концерт за пијано и оркестар бр. 2) под диригентство на маестро Саша Николовски – Ѓумар, како и со проф. Сашо Татарчевски (Камерен оркестар на ФМУ Скопје, К. Сент-Санс: Lе Carnaval des Animaux). Од 2017 е член на составот за изведување на македонска современа музика ConTempora[5][6]. Во нејзините најзначајни настапи се вбројуваат солистичките рецитали во Музејот на Град Скопје во соработка со КИЦ-Скопје, во Музејот на македонската борба, во рамки на фестивалите ,,Златна Лира’’, ,,Есенски музички свечености’’[7] ,,Денови на македонска музика’’,,Musica Viva’’, на манифестацијата ,,Нов културен бран’’, учесник е на концертите во чест на Франц Лист, Гоце Коларовски, на Меѓународниот фестивал ,,Festival international de piano Jeunes Talents’’ Монтрон-ле-Бен, Франција,  на Фестивалот на класична музика во Сиена, Италија, Фестивалот на Франкофонијата ,,Солеј''[8] во Созопол, Бугарија, на Меѓународниот Фестивал ,,Concerti del Tempietto’’ во Театро Марчело Рим, Италија, на Фестивалот ,,Les dimanches musicaux’’[9] во Париз, Франција, Хуманитарниот пијано дуо концерт за СОС Детско Село Есенска Бајка, Новогодишниот концерт – Празнична Рапсодија во концертната сала на Филхармонија – Скопје, а настапува и во рамки на пролетната концертна сезона 2019 на Bristol Music Club во Бристол, Обединето Кралство, каде покрај соло изведува и дуо репертоар со пијанистката Франческа Орландо.

Проекти[уреди | уреди извор]

Во 2019 година е избрана да учествува во TEME Project (Transnational European Music Entrepreneur), како еден од десетте учесници од цела Европа, проект поддржан од Европската комисија и е дел од програмата на Европската Унија - Music Moves Europe.

Менаџер и автор е на неколку проекти меѓу кои ,,Есенска бајка’’ – Хуманитарен концерт за СОС Детско Село Скопје, ,,Празнична Рапсодија’’ – Новогодишен пијано дуо концерт, ,,Пијанистички звуци’’ – Концертна турнеја во Париз и Рим, Концерти на камерна музика на манифестацијата Нов Културен Бран.

Награди[уреди | уреди извор]

Во текот на нејзиното музичко образование учествува на државни и меѓународни натпревари од кои се издвојуваат: прва награда – лауреат – Меѓународен натпревар по пијано ,,Акордеон Арт плус’’ во Сараево, БиХ (2018), прва награда – Државен  натпревар по пијано (2007, 2010), втора награда – Meѓународен натпревар по пијано во Ниш, Србија (2008), втора награда – Меѓународен натпревар ,,Giovanni Talenti’’ Сан Бартоломео (2009), втора награда – Меѓународен натпревар по пијано ,,Pietro Argento’’ Gioia del Colle, Италија (2010).

Книги[уреди | уреди извор]

Мимоза Ќека ја објави книгата Употребата на дигиталните технологии во квантитативната анализа на пијанистичката интерпретација[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „СМУМ - Членови“. 2021-10-25. Посетено на 2021-10-25. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. „Одбрана на докторска дисертација“. ФМУ-Скопје.
  3. „Одбрана на докторска дисертација - теориски труд“. ФМУ-Скопје.
  4. „Мимоза Ќека - Мрежно место“. Мимоза Ќека. 2021-10-25. Посетено на 2021-10-25.
  5. „Концерт - Контемпора“ (PDF).
  6. „Концерт Контемпора - Скопје“.
  7. „Концерт на Есенски музички свечености“. Министерство за култура. Архивирано од изворникот на 2021-10-24. Посетено на 2021-10-25.
  8. „Солистички рецитал во Созопол, Бугарија“.
  9. „Концерт на Музички Недели во Париз“. Архивирано од изворникот на 2021-10-25. Посетено на 2021-10-25.
  10. Ќека, Мимоза (2021). Употребата на дигиталните технологии во квантитативната анализа на пијанистичката интерпретација. Скопје, Р.С.Македонија: Мимоза Ќека. стр. https://mimozakeka.com/product/the-use-of-digital-technologies-mk/. ISBN 978-608-66810-0-5.