Милчо Ристов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Академик Милчо Ристов.jpg
Роден 5 ноември 1931
Радовиш, Македонија
Починал 7 август 2005
Скопје, Македонија

Академик Милчо Ристов (Радовиш, 5 ноември 1931 - 7 август 2005, Скопје) бил македонски физичар и редовен професор на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и академик во МАНУ.

Кариера[уреди | уреди извор]

Основно училиште завршил во родниот град Радовиш. Среднотехничко училиште (хемиско-технолошка насока) завршил во Загреб како најдобар ученик на генерацијата.[1]

Дипломирал на Филозофскиот факултет (Група Физика) на Универзитетот во Скопје како најдобар дипломиран студент во генерацијата, за што бил награден.

Постдипломски студии по теориска физика завршил на Универзитетот „Викторија“ во Манчестер, Велика Британија, како стипендист на УНЕСКО, со одбрана на магистерскиот труд под наслов „Feroelectrical properties of Deoxyriibonucleic Acid“, во 1962г.

Докторирал во 1970г. со одбрана на тезата "Нискофреквентна волтамперна карактеристика на плазма одржувана со високо фреквентно поле" на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

За особени успеси во научната работа, во 1983г. бил избран за дописен, а во 1988г. за редовен член на МАНУ.

Една учебна година бил средношколски професор по физика, а асистент на Институтот за физика станал во јуни 1956 година. Ги предавал предметите: Електроника и апарати и инструменти во лабораторија (за физичари), електроника (за студентите по метеорологија), основи на електроника (за двопредметната настава математика-физика) и електронски инструменти (за студентите по хемија).

Голем е придонесот на академик Ристов и во осмислувањето, организирањето и работењето на постдипломските студии по физика на кондензирана материја и по сончева енергија на Институтот за физика (како наставник и како ментор на повеќе магистерски работи). Исто така, бил ангажиран и на постдипломските студии по сончева енергија на Електротехничкиот факултет во Скопје. Акад. Ристов бил ментор или консултант при изработката на голем број докторски дисертации на Институтот за физика, но и на други факултети на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

Автор е на учебник и практикум по електроника и коавтор на практикум по предметот апарати и инструменти.

Научниот опус на акад. Милчо Ристов е необично обемен и навлегува во различни области на физичките науки: физичка електроника, физика на плазма, физика на кондензирана материја (метали, легури). Особено значајно место во неговот истражувачки опус зазема физиката на полуспроводниците, а посебно фотоволтаичната конверзија, електрохромизмот.

Академик Ристов може да се смета за основач на посебната школа за тенки филмови во која се вклучија повеќе соработници од институтите за физика и хемија на Природно-математичкиот факултет, од Електротехничкиот, Технолошко-металуршкиот факултет и од Центарот за енергетика и информатика при МАНУ. Особено е значаен неговиот придонес во побудувањето на интересот во нашата држава и пошироко за ползувањето на сончевата енергија преку фотоволтаичната конверзија. Научната активност на академик Ристов во последните триесет гогини од неговиот животен и работен век била насочена во правење на тенкофилмови материјали и кон проучување на нивните својства од аспект на применливоста во соларната технологија.

Учествувал (најчесто како раководител) во повеќе од 20 научноистражувачки (национални, југословенски и интернационални) проекти. Резултатите од неговата обемна научна работа се публикувани во интерни изданија (Универзитет во Манчестер), во македонски (над 70 публикации), југословенски (десетина) и во меѓународни списанија (дваесетина). Со научни соопштенија учествувал речиси на сите југословенски симпозиуми по физика на кондензираната материја и на конгреси на Друштвото на математичарите, физичарите и астрономите на Југославија, како и на неколку македонски и меѓународни собири. Соработувал со повеќе институции: Универзитетот во Воронеж, САНУ, Институто за физика на Бугарската академија на науките (Софија) итн.

Академик Ристов пројавил особена активност и во апликативната и во стручната дејност. Подолго време бил надворешен соработник на Центарот за говор, слух и глас при Медицинскиот факултет во Скопје, од кој добил благодарница, а патентирал (заедно со уште двајца соработници) и говорна протеза.

Бил носител на Орден на трудот со златен венец, пофалница од град Скопје и други, а бил добитник и на највисокото републичко признание - наградата „11 Октомври“.

Академик Ристов починал на 7 август 2005 година во Скопје. Смртта го затекла како активен раководител и истражувач во рамките на европскиот проект, под наслов: „Ниско буџетски соларни ќелии од аморфен силициум“, кој се работел со 5 европски партнери, а бил финансиран од Шестата рамковна програма.

Литература[уреди | уреди извор]

  • 60 години Природно-математички Факултет - Скопје, МОНОГРАФИЈА 1946-2006, ПМФ-Скопје,2006.
  • Прекрасниот ум на академик Милчо Ристов, МОНОГРАФИЈА 1931-2005, ПМФ-Скопје, 2005.

Наводи[уреди | уреди извор]