Милетска школа
Милетската школа е првата школа на научните филозофи никнала во Милет.
Овој град на јонскиот брег претставувал жива раскрсница за трговијата и за сообраќајот. На југоисток лежат Кипар, Феникија и Египет, на север Егејско Море и Црно Море, грчкото копно и островот Крит. На исток, Милет бил во тесна врска со Лидија, а преку неа и со државите на Месопотамија.
Од Лидија жителите на Милет го научиле занаетот на ковање златни пари. На милетското пристаниште имало врволица од едра на многу народи, а неговите складови биле натрупани со стока од целиот свет.
Со постоењето на парите како универзално средство за натрупување на вредности и за размена на еден вид стока со друга, не е ни чудно што милетските филозофи го поставувале прашањето за потеклото на стварите.
Тројцата славни филозофи од Милет се: Талес, Анаксимандар и Анаксимен.
Првите грчки филозофи и научници се од малоазискиот град Милет. Малоазиското крајбрежје уште во предисторискиот период било населено од грчки јонски племиња (Јонија), каде никнале многу напредни градови во кои населението се занимавало со занаети, морепловство и бродоградба, со трговија преку која ги поврзувале народите од Исток со оние на Запад. Погодните поморски и попатни раскрсници, како и благата клима и плодородната околина овозможила услови за создавање на богати градови-држави со благосостојба на нивните жители. Граѓаните на поголемите градови во тој регион како Милет, Ефес, Калофон итн., биле многустрано надарени и претприемливи. Во овие градови се натрупало големо богатство што овозможило еден слој од нив да се здобие со слободно време во кое да се посвети на политичка дејност и културно творештво. Патувајќи во Вавилон и Египет се запознале со нивните достигања. Знаењата со кои тие таму се здобивале ги пренесувале во родниот крај ги ширеле и усовршувале ослободувајќи ги од мистичките примеси. Во најнапредниот јонски град Милет се создала првата филозофска школа која го носи неговото име. Талес, Анаксимандар и Анаксимен се сметаат за први научници и филозофи. Тие се прашувале: Што е она што го прави светот космичен, т.е. суреден, строен, единствен во својата бескрајна разновидност од предмети и појави? Зошто е светот космос, а не хаос, тотално безредие од натрупаници на се' нешто, зафучено таму-ваму и како кое? Милетците сметале дека во основата на многуобразието на предметите и појавите лежи нешто суштинско, што перситира во промените, што е определувачко и од кое настануваат тие и во кое се враќаат. Основниот градежен елемент, кој е бескраен и вечен е во исто време и прапричина на сè нешто. Несоздадени од никого и неуништливи, од прапричините се' настанува и во нив се' се враќа. Според начинот на кој тие гледале на светот можеме да кажеме дека тие биле материјалисти.
Наводи
[уреди | уреди извор]- Учебник по филозофија за четврта година по гимназиско образование.