Меѓународен платен промет

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Меѓународен платен промет претставува збир на методи, инструменти и правила со кои се извршуваат плаќањата меѓу луѓето, претпријатијата, финансиските институции и други организации со седиште во различни држави.

Инструменти на меѓународниот платен промет[уреди | уреди извор]

Плаќањата меѓу субјектите од различни земји се поврзани со различни активности, како што се: туристички патувања, увоз и извоз на стоки, извршување услуги итн. За извршување на меѓународниот платен промет се применуваат повеќе инструменти:[1]

Улогата на банките во меѓународниот платен промет[уреди | уреди извор]

Банките имаат централно место во меѓународниот платен промет. За извршување на платниот промет со странство, банките одржуваат кореспондентски односи со странските банки, кај кои имаат отворено сметки преку кои поминуваат сите девизни приливи и одливи.

Во платниот промет со странство, банките најчесто се јавуваат само во улога на посредник, односно тие не вложуваат сопствени средства, туку плаќањата се извршуваат од сметките на клиентите. Имено, ако некој клиент на банката треба да изврши плаќање кон странство, тој дава налог до својата банка, заедно со сите потребни документи, а банката го извршува плаќањето преку своите кореспондентни банки. Оттука, овие активности не ги изложуваат банките на ризик или, во најлош случај, станува збор за условни обврски. Се разбира, за посредувањето во меѓународниот платен промет, банките наплаќаат провизии, кои претставуваат важен извор на приходи.

Поради тоа што предизвикуваат само условни обврски за банките, инструментите на меѓународниот платен промет се прикажуваат како вонбилансни ставки. На пример, таков е случајот со акредитивот, еден од најчесто применуваните инструменти во меѓународниот платен промет. Со акредитивот, една банка се обврзува дека на корисникот на акредитивот ќе му исплати одреден износ, доколку тој ги исполни условите наведени во него. Оттука, акредитивот претставува условна обврска за банката, бидејќи таа ќе го плати наведениот износ само ако корисникот на акредитивот ги исполни бараните услови.[2]

Брз пренос на пари[уреди | уреди извор]

Во поширока смисла на зборот, во рамките на меѓународниот платен промет спаѓа и услугата "брз пренос на пари". Станува збор за услуга која им овозможува на луѓето, брзо и едноставно, да испратат или да примат одреден износ готови пари (во некоја странска валута) во или од странство, без некои посебни формалности, при што нема потреба ниту да поседуваат банкарска сметка. Меѓутоа, наспроти овие поволности, за извршената услуга, банките наплатуваат прилично високи провизии коишто се движат дури и до 5%. Инаку, во светот постојат две големи меѓународни мрежи за брз пренос на пари од една до друга земја: „Мани грем“ (MoneyGram) и „Вестерн унион“ (Western Union).[3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 340.
  2. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 340.
  3. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 340-341.