Марта Маркоска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Марта Маркоска
Роден(а)29 јуни 1981
Скопје, Македонија Македонија
НационалностМакедонка
Занимањеписателка

Марта Маркоска (родена на 29 јуни 1981 година, Скопје) — македонска писателка.

Биографија[уреди | уреди извор]

Марта Маркоска е родена на 29 јуни 1981 година во Скопје. Ќерка е на македонскиот сатиричар Иван Карадак. Дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала Интердисциплинирани културолошки студии во книжевноста, при Институтот за македонска литература во Скопје. Маркоска е член на Друштвото на писателите на Македонија, и досега има 12 авторски објави.

Со музика се занимава од 2006 година, и како музичарка, перкусионистка, во неколку џез формации, учествувала во два театарски мултимедијални перформанси, а е музички илустратор и на неколку документарни филмови, меѓу кои и документарецот „Верувам во Македонија“, посветен на трагично загинатиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски.

Нејзиното творештво е преведено на повеќе светски јазици и застапено во повеќе антологии на современата македонска и странска поезија и проза, а самата е составувач на Антологијата на љубовно-еротска лирика насловена „Гребени на љубовните пловидби“ (2014). Маркоска свои текстови објавувала и во: научните списанија Спектар и Културен живот, електронските списанија за литература Блесок и Мираж,списанијата Синтези и Современост, списанието за книжевност и култура АКТ, електронскиот конкурс за литература, Електролит, списанијата Стожер, Маргина, списанието Книжевно житие, списанијата Елитна и масовна култура и Вкалапувања, збирките Зборници на поезија и кратка проза на младите од просторите на поранешна Југославија (Rukopisi) и други, како и рецензии за театар во дневниот весник Дневник, рецензии за филмови и текстови од областа на културата на многу од македонските интернет портали.

Збирката поезија „Црни дупки во нас“ е издадена на турски јазик во Истанбул во 2016 година, како и на српски јазик во Белград во 2017 година.

Маркоска е добитничка на наградите: Прва награда за најдобар расказ на конкурсот Електролит (Темплум / Маргина) за расказот „Што се случува кога го читате Фрејзер“ (2007), награда Ацо Караманов (2012) за поетскиот ракопис „Стрмоглаво кон височините“; награда Бели мугри (2014), за поетскиот ракопис „Црни дупки во нас“,[1] награда Тодор Чаловски за поезија, есеистика, критика и креативни прозни форми, 2015 (прв лауреат);[2] награда за краток расказ на Нова Македонија, за расказот „Височините на Феликс“ (2015).

Дела[уреди | уреди извор]

  • „Сите притоки се слеваат во моето корито“ - книга песни, (Темплум, Скопје, 2009)
  • „Вител во Витлеем“ - збирка раскази, (Темплум, Скопје, 2010)
  • „Хипер Хипотези“ - збирка есеи (Институт за македонска литература, Скопје, 2011)
  • „Стрмоглаво кон височините“ - книга песни (Штип, 2012)
  • „Расправа за Зен будизмот (религиско-филозофски трансценденции помеѓу источната и западната мисла)“ - научна студија, Матица, Скопје, 2013
  • „Култура и меморија (културолошки студии)“, Матица, Скопје, 2014
  • „Црни дупки во нас“ - книга песни, Скопје, 2014
  • „Фил(м)увани приказ(н)и“ - научни студии за филмот и кинематографијата, ЕвроБалкан, Скопје, 2017
  • H/ERO/T/IC BOOK или Херојска еротска книга, 2019
  • Сценарио, режија и музичка илустрација на документарниот филм THE FUTURE IS NOW! (Value Based Leadership), 2019 (одбележување на 15 години од смртта на претседателот Борис Трајковски).

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]