Леворака жена

Од Википедија — слободната енциклопедија

Леворака жена (германски: Die linkshӓndige Frau) — кус роман од германскиот писател Петер Хандке. Романот бил напишан во Париз, во текот на зимата и пролетта 1976 година, а првото издание било објавено од страна на издавачката куќа „Suhrkamp Verlag“ од Франкфурт на Мајна во 1976 година.[1] Во 1978 година бил снимен истоимениот филм, чиј режисер бил Хандке.[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Маријане е млада жена на возраст од 30 години, омажена за Бруно, кој работи како претставник за продажба на една голема европска фирма за порцелан. Тие живеат во мало место, во населба на бунгалови на падината на еден рид. Маријане и нивниот син, Стефан, седат дома и ќекаат да се врати Бруно, кој се наоѓа на службен пат во Финска. Откако го пречекуваат на аеродромот, тие одат дома и го легнуваат синот, по што Бруно предлага да вечераат во ресторан. По вечерата, Бруно добива идеја да преспијат во хотелот. Утредента, додека пешачат кон својот дом, Маријане наеднаш застанува и му кажува на Бруно дека добила необична идеја, по што му кажува дека тој треба да се отсели од куќата. Бруно е зачуден, но послушно ја исполнува желбата на Маријане, сметајќи ја само за привремена состојба.

Бруно се оди да живее во станот на пријателката на Маријане, учителката Франциска, која ѝ нуди на Маријане да го посети клубот на жените, со цел да ја стабилизира својата емоционална и психичка состојба. Во меѓувреме, Маријане одвреме-навреме одржува средби со Бруно, но целото време го поминува осамена во својот дом. Тогаш, таа се обраќа до издавачката куќа во која работела пред многу години и така започнува да преведува некоја француска книга. Деновите минуваат еднолично: Маријане напорно работи на преводот, Стефан денгуби, гледајќи телевизија или изведувајќи лудории со своето најдобро другарче, а односите меѓу мајката и детето се студени. Бруно се обидува да стапи во поблизок контакт со неа, уредникот на издавачката куќа ѝ се додворува, Франциска настојува да ја наговори да го посети женскиот клуб, но Маријане упорно ги одбива сите понуди за дружење и претпочита да остане во самотијата.

Еден ден, неа ја посетува татко ѝ, но тој не се ни обидува да влијае врз Маријане, знаејќи дека таа нема да го послуша. Шетајќи заедно низ паркот и низ градот, таа дознава дека и тој е исто толку осамен како и неа. Шетајќи во трговскиот центар, тие случајно запознаваат еден неуспешен глумец, кој извесно време подоцна ѝ изјавува љубов на Маријане, но таа воопшто не реагира на нејзината понуда. Останувајќи сами, Маријане и Стефан одат на прошетка во блиската планина, евоцирајќи спомени и тогаш таа искажува потопли чувства кон детето.

Романот завршува така што кај осамената Маријане, ненадејно и без никаква најава, истовремено доаѓаат повеќе луѓе: уредникот на издавачката куќа со службениот шофер, учителката Франциска, една продавачка која Маријане ја запознава во продавница за облека, глумецот кој е заљубен во неа, и Бруно. Спонтано, тие започнуваат да се забавуваат, а потоа, еден по еден, сите си заминуваат, така што Маријане повторно останува сама во својот дом, но полна со самодоверба и одлучна да ја сочува својата независност по секоја цена.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Peter Handke, Ljevoruka žena. Zagreb: August Cesarec, 1979.
  2. РТС, Петер Хандке: Леворука жена - филм (пристапено на 2.12.2019)
  3. Peter Handke, Ljevoruka žena. Zagreb: August Cesarec, 1979.