Прејди на содржината

Камени Кукли

Координати: 42°06′19″N 22°03′18″E / 42.1052° СГШ; 22.0551° ИГД / 42.1052; 22.0551 (Камени Кукли)
Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Куклица, камени кукли)

Камени Кукликарпести образби кај с. Куклица, Кратовско, на десната долинска страна на Крива Река, поточно на еродираниот дел од нејзината речна тераса, на надморска височина од 415-420 метри. Целата појава е распространета на површина од околу 0,3-0,4 км2, при што се утврдени околу 120 помали и околу 15 поголеми образби.[1]

Глетка на камените кукли во Куклица

Морфолошки одлики на куклите

[уреди | уреди извор]

Во наоѓалиштето Куклица се јавуваат две групи на земјени пирамиди: оние во централниот дел на малата депресија во подножјето на ридот Дубица се поголеми (високи до 10 м), самостојни и во вид на земјени столбови; на исток (десно) од претходните, по страните на возвишението Забел се распоредени помали образби (високи до 5 м), блиску една до друга и често споени во подножјето. Поради интересниот изглед на големите земјени столбови кои наликуваат на човечки фигури наредени како „скаменети свадбари“, целата појава месното население ја нарекува „Весела свадба“.

Глетка од „камената свадба“ во Куклица

Настанок на камените кукли

[уреди | уреди извор]

Камените кукли во овој простор се природна појава настаната со долготрајната ерозија на вулканските карпи со различна отпорност: игнимбрити, андезити и туфови. Поцврстите, компактни карпи (игнимбрити, андезити) бавно се еродираат и ги штитат меките туфови под себе. Вака заштитени, туфовите заедно со карпестиот блок на врвот, остануваат да штрчат во релјефот во вид на остенци и столбови, односно земјени пирамиди. Во меѓувреме, долготрајните атмосферски влијанија (врнежите, температурните промени, ветрот) ги доизградиле, моделирале, модифицирале и затоа тие имаат така карактеристичен облик. Овиета процеси, кои почнале пред десетина илјади години, продолжуваат и денес, така што некои земјени пирамиди постепено се уништуваат, а други се создаваат. Со тоа, пирамидите перманентно го менуваат својот облик, само што тој процес е бавен и не може да се забележи за еден месец или една година.

Популарно наречените камења „Невеста и младоженец“, со останатите камени кукли во позадината
Камените кукли

Значење на наоѓалиштето

[уреди | уреди извор]

Феноменот земјени пирамиди или камени кукли, во светски рамки претставува ретка појава и за нивно создавање треба посебни геолошки, геоморфолошки, климатски и вегетациски услови. Тоа особено се однесува за добро изразените, типични појави како во Куклица. Затоа ова наоѓалиште е заштитено како природна реткост. Воедно не треба да се преземаат активности со кои ќе се загрози наоѓалиштето, поединечните образби или со кои ќе се намали амбиенталната вредност и природниот изглед на просторот. Поради малата површина на наоѓалиштето и неговата „осетливост“, треба да се ограничи бројот на посетители на прифатливи рамки. Во спротивно, овој феномен нема да се сочува во својата спектакуларност за идните генерации.

Народно предание

[уреди | уреди извор]

Меѓу народот постои предание односно легенда за настанокот на камените кукли која се поврзува со свадбата и несреќната љубов на едно момче со две девојки од тој крај. Според преданието, многу одамна во селото Куклица се случила голема трагедија. Едно момче, кое било голем мајстор неимар-ѕидар, а воедно и лажго и љубовџија, живеело во селото Куклица. Во него една девојка била бескрајно вљубена, но тоа се оженило со друга, поради што разочараната девојка ги проколнала младенците. Во преданието невестата била побогата девојка од долното маало, додека вљубената девојка која ја фрлила клетвата била поубава, но сиромашна девојка од горното маало. Кога дошол свадбениот ден, навидум се било во ред: се собрале сватовите, стасале и другите гости, веселбата почнала. Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Во една друга верзија на легендата се вели дека момчето им закажало свадба и на двете девојки во ист ден, а кога посиромашната поубава девојка ги чула гајдите и тапаните ги проколнала младоженците и сватовите да се скаменат.[2] Селаните го викаат местото „Весела свадба“ или „Камена свадба“ зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети „кукли“, и местото го добило своето име - Куклица.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Земјани пирамиди во Куклица-Кратовско. Географски разгледи кн. 35“, Милевски И., Скопје, 2000
  2. Александар Матески, „Кратово и Куклици“, Економија и бизнис, година 20, број 234/235, декември 2017/јануари 2018, стр. 109.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

42°06′19″N 22°03′18″E / 42.1052° СГШ; 22.0551° ИГД / 42.1052; 22.0551 (Камени Кукли)