Прејди на содржината

Крипипаста

Од Википедија — слободната енциклопедија
Цифрена илустрација од крипипастите „Крвавиот уметник“, која наводно прикажува слика од камера за видеонадзор што е споделена на социјалните мрежи

Крипипаста (англиски: creepypasta) — жанр на семрежен фолклор, кој се состои од раскази на ужасите, чија цел е да го исплашат читателот.[1] Темата на крипипаста значително се менува и може да вклучува теми како што се призраци, убиства, самоубиства, зомбија, ритуали за повикување паранормални суштества и опседнати телеемисии и видеоигри. Крипипастите се движат по должина од еден пасус до продолжени серии од повеќе делови, кои можат да опфатат повеќе видови медиуми.[2][3]

Жанровски одлики

[уреди | уреди извор]

Според начинот на создавање на текстот, жанровската генеза и начините на општење меѓу авторите и примателите, „крипи“ приказните претставуваат појава на границата меѓу фолклорот и книжевноста. Текстовите што спаѓаат под определбата на крипи се создаваат од мноштво корисници на интернет, вклучувајќи и автори што професионално не се поврзани со книжевното творештво.

Одреден сет на заплетни ситуации, просторни слики, како и типологија на ликови, ја одредуваат поетиката на страшното во крипи-приказните. Од своја страна, оваа поетика ја условува специфичноста на општењето меѓу авторот и читателот. Читателот може да остави коментар на расказот или да раскаже сопствена крипи-приказна со слично сиже. Авторите и читателите како да се обидуваат да се надминат едни со други во „страшноста“ на раскажаните приказни. Ова натпреварување го одредува комуникативниот дискурс на овој жанр.

Првично, создавач на текстот на интернет може да биде едно лице или група автори, но во мрежната култура се задржуваат и развиваат само оние текстови што се важни за целата заедница или оние што поседуваат „разбирлива основа“, каква што се традиционалните жанрови како пословица, поговорка, кратки народни песни, анегдота и други. „Фолклорни“ на мрежата стануваат текстовите што ги изразуваат заедничките интереси на заедницата. Авторското дело, откако ќе помине низ колективната свест, почнува да се развива во општеството според законите на фолклорните жанрови.

Низа текстови од жанрот крипи поседуваат одлики на усно раскажување, поврзани со ориентацијата кон „страшните“ жанрови на традиционалниот фолклор, што сведочи за нивната неконвенционалност. Заемодејството на корисниците на имиџбордовите (англ. imageboards) се одвива во анонимен формат, што му дава сличност на жанрот со фолклорот. Крипи-приказните се блиски до низа жанрови на традиционалниот фолклор, како што се народните преданија, приказните за натприродното и легендите. Но додека усните раскази на „страшниот“ фолклор поседуваат голема варијабилност, крипи-текстовите по објавувањето на мрежата се стабилни и практично не се менуваат. При усната изведба во живо, слушателот визуелно ги доживува дејствата на авторот или изведувачот, додека во процесот на постоење на мрежниот фолклор, визуелната компонента е насочена кон восприемање на текстот. Техниките и начините за заплашување на читателот во мрежните страшни текстови се разликуваат од оние што се применуваат во усниот фолклорен облик.

Крипипастата како жанр на мрежната книжевност суштински се разликува од традиционалниот фолклор по начинот на општење меѓу раскажувачот и читателската публика. Во стремежот да ги зголеми оценките на своите приказни на сајтот (преку бројот на прегледи, коментари и рецензии), авторот е принуден да се вклучи во активен процес на книжевно општење, заемно читање на текстови и рецензирање. Дијалошката природа на односот меѓу авторот и читателот на мрежата е типолошки сродна со процесот на создавање фолклорни текстови.

Создавачите на крипи-приказни активно го користат уметничкото искуство на авторите на светските книжевни ужаси, вклучувајќи ги готските романи на Ана Радклиф и Хорас Волпол, расказите на Николај Гогољ и Едгар Алан По, како и делата на Хауард Филипс Лавкрафт и Стивен Кинг.

Посебен популарен поджанр станале приказните што првенствено предизвикуваат насмевка, а не ужас. Меѓу нив се приказни напишани смешно лошо или намерно лошо со цел тролање, пародија, раскази на граница со хумористичниот жанр и слично.

  1. Henriksen, Line (17 Dec 2013). „Here be monsters: a choreomaniac's companion to the danse macabre“. Women & Performance: A Journal of Feminist Theory. 23 (3): 414–423. doi:10.1080/0740770X.2013.857082. S2CID 191466919.
  2. Roy, Jessica (3 June 2014). „Behind Creepypasta, the Internet Community That Allegedly Spread a Killer Meme“. Time. Архивирано од изворникот на 2014-11-16. Посетено на 17 October 2014.
  3. Considine, Austin (12 November 2010). „Bored at Work? Try Creepypasta, or Web Scares“. The New York Times. Посетено на 14 September 2015.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]