Кочани Оркестар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кочани оркестар заедно со Бејрут Бенд

Кочани оркестар — еден од најпознатите и најпопуларните блех-оркестри во светот, кој го сочинуваат десетмина Роми-Македонци по потекло од Кочани, предводени од трубачот Наат (Неат) Велиов.

Историјат[уреди | уреди извор]

Започнувајќи ја работата под името “Дувачки оркестар“, оркестарот е формиран и предводен од страна на Ахмед Велиов (припаѓа на семејство кое се населило во Кочани околу 1913 година). Подоцна него го наследува неговиот син, Хикмет, кој ја има позицијата на прва труба, за најпосле раководењето на бендот да го преземе синот на Хикмет, Наат Велиов. Групата наречена "Кочани оркестар" е еден од првите бендови што стана меѓународно познат. Светската слава ја започнува уште во 1988 година, благодарение на успехот на филмот "Време на Циганите" (Dom za vešanje) на режисерот Емир Кустурица, и интересот на европската јавност за дотогаш непознатите балкански звуци, кои посебно беа откриени по падот на социјалистички републики на Источна Европа.

Кочани оркестар со КИНГ Наат Велиов на настап во Кочани

Првиот официјален албум за странските пазари е издаден во 1995 година под називот “Цигански блех оркестар“ (A Gypsy Brass Band).

Во периодот на соработка со Кустурица, Кочани оркестар го издаваат албумот “Истокот е црвен“ (L’Orient Est Rouge), снимен 1997 година, во Скопје, во студиото на Македонската радио-телевизија. Албумот се појави под етикетата на белгиската издавачка куќа Crammed disks, со што ќе остават силен впечаток и ќе им овозможи да започнат меѓународна турнеја.

Меѓутоа, есента 1999 година, по несогласувањата околу изборот на музика, продукција и дистрибуција на дивиденди помеѓу водачот, продуцентите и музичарите, Наат Велиов одлучува својот нов албум (Gypsy Mambo) да го издаде под етикетатат на турската издавачка куќа Dünya Muzik. Следејќи ги новите трендови бендот користи ритам-машина (sequencer), но продуцентите сакаат да се задржи оригиналноста на музицирањето. Во тој период оркестарот се дели на две групи: Наат Велиов, со повеќето музичари членови на неговото семејство, останува на една страна, а Исмаил Салиев со пополнување на групата со други членови ќе го задржи името, со цел да не го изгуби реномето стекнато во текот на двеиполгодишната заедничка работа, останува на друга страна.

Бидејќи Велиов не може да настапува под името Кочани оркестар, од Divano продукција предлагаат да се најде ново име. Оркестарот се преименува во “Кинг Наат Велиов Оригинал Кочани оркестар“. По смртта на Исмаил Салиев (јануари 2008), и останатите музичари се враќаат во оркестарот и истиот настапува во скоро неизменетиот почетен состав.

Албумот Gypsy Mambo, издаден во 1999 година

Сега бендот го сочинуваат:

За основачот на оркестарот[уреди | уреди извор]

Наат Велиов и неговиот бенд „Кинг Наат Велиов Оригинал Кочани оркестар“, несомнено се еден од најзначајните музичките брендови на Кочани и Македонија, едни од најголемите репрезенти на традиционалната ромска и македонска музика во Европа и светот. Зад Наат и неговиот оркестар стојат повеќе од 2.000 концерти, на кои свират исклучиво во живо. „Оригинал Кочани оркестар“, чиј водач е Велиов, се смета за најголем брас-бенд на Балканот.

Наат Велиов е роден во Кочани на 25 мај 1957 година. Потекнува од семејство, кај кое музиката му е во гените. Дедото на Наат, Ахмет, свирел труба. Татко му Хикмет, исто така, труба. Наат ги свири сите дувачки инструменти освен саксофон и кларинет. Сепак, специјалност му е трубата. Музичкото образование, како што самиот Наат вели, го стекнал свирејќи на свадби, погреби, имендени и слави. Бил дел од КУД „Бели мугри“, со кое свирел ширум Македонија. Дедото и таткото Велиови се основачи на „Кочани оркестар“ (кој подоцна се преименува во „Кинг Наат Велиов Оригинал Кочани оркестар“), но дури откако водачката позиција ја презема Наат, оркестарот станува меѓународно познат.

И понатаму неуморно работи, како солист на труба, со својот „Оригинал Кочани оркестар“, во своето студио во домот во Ромското маало во Кочани, снимајќи и настапувајќи на концерти со врвни музичари од Балканот и Европа.

Успеси[уреди | уреди извор]

Доволен доказ за популарноста и рејтингот на „Кочани оркестар“ е и податокот дека нивниот албум „L’Orient Est Rouge“ беше рецензиран во едно од изданијата на реномираното музичко списание „Ролингстоун“ во август 2006 година [1], кое ја оцени нивната музика со четири ѕвездички.

Меѓу последните успеси на оркестарот од Кочани е и појавувањето во филмскиот хит „Борат: Културни учења за Америка да има придонес за Величествената казахстанска нација“ со темата „Сики сики баба“.

Од многубројните настапи во странство посебно ги истакнуваат настапите во светски познатата Моцарт сала во Виена, потоа на најголемиот џез-рок фестивал во Данска пред 100 илјадна публика. Во Италија соработуваат со еден од најпознатите италијански пејачи Виничо Капосела со кој имаат снимено и албум, на доделувањето на наградите на филмскиот фестивал во Утрехт, Холандија, на театарска претстава во Хамбург во која настапувала Викторија Чаплин, ќерката на Чарли Чаплин, која пак, им овозможила да одржат мал концерт за претседателски избори во Париз во 2005 г., настапот во Рим по еден говор на папата, концертите во Израел и заеднички снимениот компакт диск со познатата израелска пејачка Меира Ашер, потоа, со шпанскиот пејач и хармоникаш Џовани, специјалниот настап во Париз на модната ревија на светски познатиот творец Јамомото, која всушност била ревија на Роми-музичари од Европа и која се пренесувала на познатата "Фешн ТВ" (Fashion TV). Нивната музика е составен дел од неколку филмови како: францускиот филм "Мондо", белгискиот филм "Животот на дервишот" кој се снимаше во Македонија, италијанскиот филм "Животот на циганите", а правеле музика и за ТВ реклами во Турција.

Дискографија[уреди | уреди извор]

  • A Gypsy Brass Band (1995)
  • L'Orient Est Rouge (1998)
  • Gypsy Mambo (1999)
  • Cigance (2001)
  • Ulixes (2001) со италијанскиот Ансамбл Хармонија
  • Alone At My Wedding (2002)
  • The Ravished Bride (2008)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]