Кандида (драма на Шо)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Кандида (англиски: Candida) - драма на Џорџ Бернард Шо.

Ликови[уреди | уреди извор]

Во драмата се појавуваат следниве ликови:[1]

  • пасторот Џејмс Мејвор Морел (James Mavor Morell)
  • Прозерпин Гарнет (Proserpine Garnett), неговата секретарка
  • Кандида, (Candida) неговата сопруга
  • Барџис (Burgess), таткото на Кандида
  • Александар – Лекси Мил (Alexander-Lexy Mill), помошникот на пасторот Морел
  • Јуџин Марчбенкс (Eugene Marchbanks), млад поет

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на драмата се одвива во Источен Лондон, во октомври 1894 година.

Прв чин[уреди | уреди извор]

Пасторот Морел е човек на возраст од околу 40 години, по убедување христијански социјалист, кого често го канат да држи предавања на разни места. Во неговата канцеларија, тој се обидува да го усогласи својот работен распоред, заедно со својата секретарка. Тогаш пристигнува неговиот помошник, кој му е верен на пасторот и воодушевен од неговата жена. Поради тоа започнува мала кавга меѓу него и секретарката Гарнет. Во домот на пасторот ненајавено пристигнува господинот Барџис, ситен трговец на возраст од околу 60 години, со намера да се помири со пасторот со кого се скарале пред неколку години. Тој му префрла на пасторот поради неговите социјалистички идеи, додека пасторот го обвинува господинот Барџис за лакомоста и за лошиот однос кон вработените. За време на нивната кавга, во домот се враќа Кандида, која привремено го прекинала својот одмор. Таа пристигнува во друштво со младиот поет Марчбенкс. Кога поетот и пасторот остануваат сами, тој му признава на пасторот дека ја сака неговата жена и истовремено го обвинува за неговиот однос кон неа. Меѓу нив доаѓа до остра кавга.[2]

Втор чин[уреди | уреди извор]

Истиот ден, попладнето, Марчбенкс се жали на својата несреќна судбина пред секретарката Гарнет при што открива дека таа е вљубена во пасторот. Кандида го забележува неспокојството на пасторот и му укажува дека треба помалку да работи и, наместо тоа, повеќе време да им посвети на сопругата и на семејството. Нервозен од претпладневниот разговор со Марчбенкс и нагризан од љубомората, пасторот го откажува предавањето, но Кандида го убедува да не го прави тоа. Така, пасторот заминува, а таа и Марчбенкс остануваат сами во домот.[3]

Трет чин[уреди | уреди извор]

Вечерта, Марчбенкс ѝ чита поезија на Кандида, но таа е расеана. Тогаш, Марчбенкс ѝ кажува дека ја сака, изјавувајќи дека пасторот не ја заслужува. Подоцна, пасторот се враќа од успешното предавање и бара од Кандида да избере меѓу него и Марчбенкс. Кандида, најпрвин му одржува лекција, укажувајќи му на неговата себичност како и на нејзините постојани жртви за негово добро. Потоа, изјавува дека тој е нејзиниот единствен избор при што остро го напаѓа Марчбенкс затоа што на пасторот му ги повредил чувствата.[4]

За драмата[уреди | уреди извор]

„Кандида“ е една од најдобрите драми на Шо, која доживеала долг живот на театарските штици, иако дејството се однесува на лондонските околности кон крајот на 19 век. Таа е добро компонирана и го одржува вниманието на читателот (гледачот) од почетокот до крајот, а во неа не е присутна вообичаената слабост на Шо – претераната зборливост. Во драмата се обработува стара и добро позната тема – брачниот триаголник, но Шо успеал да ја постави и реши на нов, оригинален начин. Неговото решение е парадоксално, но убедливо и психолошко во кое на прв план се истакнува Кандида како модерна и самостојна жена. Исто така, во делото има и мала социјална критика, иако таа не е во прв план.[5].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Bernard Šo, Kandida. Beograd: Rad, 1961.
  2. Bernard Šo, Kandida. Beograd: Rad, 1961, стр. 5-36.
  3. Bernard Šo, Kandida. Beograd: Rad, 1961, стр. 37-61.
  4. Bernard Šo, Kandida. Beograd: Rad, 1961, стр. 62-83.
  5. Dušan Puhalo, „Džorž Bernard Šo“, во: Bernard Šo, Kandida. Beograd: Rad, 1961, стр. 91-92.