Здружение „Радко“

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Здружение Радко)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Знаме на здружение "Радко"

Здружение „РАДКО“ (бугарски. Сдружение „РАДКО“) е „самостојна, општествена, национално-културна и политичка организација на Бугарите[1] и бугарофилите во Република Македонија основана на 24 мај 2000 г. Седиштето на организацијата е во градот Охрид. Претседател на организацијата е Владимир Панков (роден Владимир Паунковски) од Охрид. Називот на граѓанското здружение доаѓа од псевдонимот на Иван МихајловРадко. Здружението ја користи Резолуцијата на Коминтерната од 1934 година за македонското прашање како поткрепа за својата теза дека Македонската нација не постои дека таа е вештачка творба [2].

Здружението „РАДКО“ е впишано од Основниот суд во Охрид во регистарот на здруженија на граѓани и фондации на 19 јуни 2000 година.[3] Од самото основање започнува отворено да го негира постоењето на македонскиот национален идентитет. На 21 март 2001 година Уставниот суд на Република Македонија ја поништи регистрацијa, програмата за работа и статутот на 3дружението како противоуставни под образложение дека „се насочени кон насилно уривање на државниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, односно негирање на неговата самобитност и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост“.[4]

По одлуката на македонскиот уставен суд на 4 октомври 2001 г. членовите на Здружение на граѓани „РАДКО“ поднесуваат тужба против Република Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. На 15 јануари 2009 г. „РАДКО“ го добива судскиот спор со одлука на судот дека со забраната за „РАДКО“ била прекршена Европската конвенција за човекови права и правото на здружување.[5][6][7]

На 31 јули 2009 година Централниот регистар на Република Македонија уште еден пат го одбива барањето за регистрациjа со старото образложување на Уставниот суд дека здружението сака "насилно уривање на државниот поредок на Република Македониjа и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост", а исто така користење на зборови од jазикот на друга држава - Бугариjа, барање на континуитет на старото здружение, избришано од регистарот во 2002 година, несогласност со законот за Здружениjата на граѓаните и фондациите во однос на финансирањето и немање цел на здружението.[8][9]

Здружението се залага за целосно остварување на правата на Бугарите во Македонија: Бугарите од Република Македонија да претставуваат конститутивен елемент во Уставот на државата; еден од службените јазици на државата да биде и бугарскиот литературен јазик; афирмација на бугарската историја и култура; заштита од присвојување и фалшифицирање на бугарската историја и култура; возобновување на потребните културно-образовни и црковни институции во Р. Македонија по моделот на бугарските културно-образовни и црковни институции коишто постоеа на територијата на Р. Македонија во времето на Османската империја; возобновување на духовното и културното единство на Бугарите од Р. Македонија и Бугарите од Р. Бугарија; заштита на Бугарите во Р. Македонија од репресии, полициско набљудување и малтретирање, прогонување, дискриминација и културен геноцид.[10] Во Република Македониjа здружението се обвинува за пропаганда на теории од типот на добропознатите тврдења дека Македонија и Македонците се „вештачка творба на Коминтерната и на Србокомунистите“, а исто така за промовирање на теории за бугарскиот карактер на историjата на Македонците.[11][12][13][14]

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Статут на Здружението "Радко".
  2. До председателя на Народното събрание г-жа ЦЕЦКА ЦАЧЕВ
  3. Решение за регистрација на здружението од Основниот суд Охрид, Рег. Згфа. бр. 18/2000 од 19. 06. 2000 г., од страницата на здружението.
  4. Решение на Уставниот суд на Република Македонија за поништување на програмата и статутот на здружението од 21 март 2001 г., Службен весник, бр. 27 од 10. 04. 2001 г., од страницата на здружението.
  5. Телевизија А1, "Македонија го загуби спорот со бугарофилите од „РАДКО“", 15. 01. 2009.
  6. "Утрински весник", "Македонија го загуби спорот со „РАДКО“ во Стразбур", број 2888, петок, 16 јануари 2009.
  7. CASE OF ASSOCIATION OF CITIZENS RADKO & PAUNKOVSKI v. THE FORMER YUGOSLAV REPUBLIC OF MACEDONIA (Application no. 74651/01) од 15 јануари 2009 на страницата на Бугарскиот Хелсиншки комитет. (англиски)
  8. Решение на Централниот регистар на Република Македонија - Скопје бр. 30320090002987 од 31 jули 2009 година на страницата на Здружението "Радко".
  9. "Нема регистрациjа за здружението на Бугарите. „Радко“ падна кај Централен регистар", весник "Време", број 1738, 05. 08. 2009.
  10. Податоци од Програмата на Зружението "Радко", донесена на 24. 05. 2009 во Охрид; од страницата на здружението.
  11. www.utrinski.com.mk "Меѓу целите на Здружението „Радко“ (псевдоним на Ванчо Михајлов) беше запишано дека сака да ги промовира културната и револуционерната борба на Бугарите од Македонија и „бугарскиот карактер“ на Словените од Македонија, кои биле Бугари низ вековите, како и тврдењето дека Македонија и Македонците се „вештачка творба на Коминтерната и на Србокомунистите“. Изборот на името на здружението, исто така, не е случајно, тоа е псевдонимот на контроверзната личност Иван (Ванчо) Михајлов, лидерот на ВМРО."
  12. Телевизија А1, "Македонија го загуби спорот со бугарофилите од „РАДКО“", 15. 01. 2009.
  13. "Радко" и Бугарија против Македонија во Стразбур
  14. Радко го доби спорот

Надворешни врски[уреди | уреди извор]