Десет (филм од 1979)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Десет или 10 - американски филм од 1979 година, режиран од Блејк Едвардс, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Дадли Мур, Бо Дерек, Џули Ендрјус, Роберт Вебер, Ди Валас, Сем Џонс, Брајан Денехи и Макс Шоувалтер. „10“ е еден од најпознатите филмови на Едвардс, кој постигнал голем успех кај публиката благодарение на комбинацијата на физички гегови и различни сексуални алузии. Меѓутоа, во овој филм, Едвардс не се задржал само на сексуалните разговори, туку применил релативно слободен пристап во прикажувањето на голотијата, а голем придонес за успехот на филмот имале сцените во кои се прикажува разголената Бо Дерек. Музиката за филмот е дело на Хенри Мансини, честиот соработник на Едвардс. Филмот бил номиниран за наградите „Оскар“ (во две категории) и „Златен глобус“ (во пет категории).[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Славниот композитор Џорџ Вебер (го игра Мур) прославува 42 години. Тој има удобен живот, раскошна вила на Беверли Хилс, луксузен автомобил и врска со театарската глумица Саманта Тејлор (ја игра Ендрјус). Меѓутоа, него го зафаќа кризата на средните години и, еден ден, на прв поглед се вљубува во прекрасната русокоса девојка Џени (ја игра Дерек), и тоа токму на денот на нејзината венчавка. Оттогаш, Џорџ почнува да тоне и најпосле, предизвикува голема кавга со Саманта, која му забележува за неговата навика да го гледа соседот низ телескоп. По кавгата, неколкупати тие безуспешно се обидуваат да се слушнат по телефон. Џорџ го посетува татко ѝ на Џени, кој е познат заболекар, и од него дознава дека таа заминала на меден месец во Мексико. Кога конечно ќе успеат да воспостават телефонска врска, Џорџ не може јасно да зборува поради поправката на забите, па Саманта го посетува во неговата вила. Таа погледнува низ телескопот и го гледа голиот Џорџ како се забавува во вилата на соседот, во друштво со голи девојки. Саманта побеснува и повеќе не сака да го види, а за да се смири, Џорџ патува за Мексико, надевајќи се на средба со Џени. За време на одморот во Мексико, тој го спасува сопругот на Џени од давење во морето. Една вечер, Џорџ ја посетува Џени и тие почнуваат да водат љубов, но со постојани прекини. Тогаш, неговите илузии исчезнуваат, зашто согледува дека Џени е бесчувствителна и неморална личност, така што тој веднаш се враќа дома и бара прошка од Саманта. Најпосле, таа му простува и тие повторно се заедно.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]