Дамчесто грмушарче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Дамчесто грмушарче
Sylvia nisoria.jpg
Возрасен мажјак
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Грмушари
Род: Sylvia
Вид: Дамчесто грмушарче
Биномен назив
Sylvia nisoria
(Bechstein, 1792,)

Дамчестото грмушарче (науч. Sylvia nisoria) е мала врапчевидна птица која се размножува низ умерените региони на централна и источна Европа и централна и западна Азија. Ја има и во Македонија. Таа е птица преселница што зимува во тропска источна Африка.[2]

Опис[уреди | уреди извор]

Дамчестото грмушарче е најголемо во родот Sylvia. Долго е 15.5–17 см и тежи 22–36 грама. По боја е претежно сивкаво одозгора и белкаво одоздола. Возрасните мажјаци се темно сиви одозгора со бели рабови на пердувите од покривните пердуви и пердувите на опашката, и многу избраздени одоздола. Женките се слични, но малку посветли и имаат само светли рабови. Младите птици се портокаловосивокафеави одозгора, светло портокалови одоздола и имаат малку набраздувања. Очите имаат жолт ирис кај возрасните и темен кај младенчињата. Клунот е црнкав со посветла основа, и нозете се цврсти, сивокафеави. [3][4]

Таксономија[уреди | уреди извор]

Во рамките на родот Sylvia дамчестото грмушарче е многу карактеристично со својата набраздена долна страна од телото. Се чини дека оваа птица ја претставува сопствената древна лоза на Sylvia и дека нема ниту еден многу близок роднина во родот. [5][6]

Има два подвида. Номинираниот Sylvia nisoria nisoria, кој е распространет низ целиот свој опсег и подвидот Sylvia nisoria merzbacheri, кој го има само во источните делови, по работ на опсегот, во централна Азија. Вториов е незначително посветол и помалку избразден.[2] Некои автрои ги сметаат за синонимски.[7]

Живеалиште и однесување[уреди | уреди извор]

Дамчестото грмушарче е птица на отворената земја со грмушки за гнездење, со многу сличен начин на живеење и живеалиште со сивото свраче.

Гнездото го гради во грмушки или трње и несе 3-7 јајца. Претежно се храни со инсекти, но јаде и бобинки како и друго меко овошје, особено на крајот од летото и наесен. Песната му е пријатно чрчорење како на градинското грмушарче со многу чисти ноти, но малку погрубо и понемелодично и малку повисоко. Некои го мешаат со пеењето на обичното грмушарче.[3][4]

Статус[уреди | уреди извор]

Европаската популација изнесува околу 460.000 пара. Во некои области нивниот број се намалува, особено на запад, во Данска (каде сега е изумрен вид) и Германија, заради губење на животната средина од интензивното земјоделие. Од друга страна, пак, има и некои зголемувања на бројноста, во Украина и јужна Финска. Понаисток, бројот е стабилен.[2]

Според Црвениот список на МСЗП ова е вид со најмала загриженост.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Sylvia nisoria. Црвен список на загрозени видови на МСЗП. Верзија 2012.1. Меѓународен сојуз за заштита на природата. конс. 16 July 2012.  (англиски)
  2. 2,0 2,1 2,2 Del Hoyo, J., Elliot, A., & Christie, D. (editors). (2006). Handbook of the Birds of the World. Volume 11: Old World Flycatchers to Old World Warblers. Lynx Edicions. ISBN 84-96553-06-X.
  3. 3,0 3,1 Svensson, L., Mullarney, K. & Zetterström, D. (2009). Collins Bird Guide, second edition. HarperCollins, London ISBN 978-0-00-726726-2.
  4. 4,0 4,1 Snow, D. W., & Perrins, C. M. (1998). The Birds of the Western Palearctic (Concise Edition издание). Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-854099-X. 
  5. Helbig, A. J. (2001). Phylogeny and biogeography of the genus Sylvia. Pp. 24-29 in: Shirihai, H., Gargallo, G., Helbig, A. J., & Harris, A. Sylvia Warblers. Helm Identification Guides ISBN 0-7136-3984-9
  6. Jønsson, K. A. & Fjeldså, J. (2006). A phylogenetic supertree of oscine passerine birds (Aves: Passeri). Zool. Scripta 35 (2): 149–186. doi:10.1111/j.1463-6409.2006.00221.x
  7. Williamson, K. (1976). Identification for Ringers: The Genus Sylvia. British Trust for Ornithology.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]