Прејди на содржината

Гоце Митески

Од Википедија — слободната енциклопедија

Гоце Митески (роден 1924, село Сливово, Охридско - 20 ноември 2011, Охрид) — член на СКОЈ и учесник во НОБ.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Основно училиште учел во родното село и во Врање. До Априлската војна во 1941 година учел во Врањанската гимназија, а потоа во Охрид. Станал активен член на СКОЈ. Во пролетта 1943 година, напуштајќи ги гимназиските клупи, ја предводел првата партизанска група од Охрид која стапила во тукушто формираниот Кичевско-мавровски одред. Во единиците на НОБ извршува разни должности од редовен борец до командир на чета во повеќе единици. Со батаљонот „Мирче Ацев“ е на Славеј планина при неговото формирање. Во Првата македонско-косовска ударна бригада е од нејзинито формирање. Учесник на февруарскиот поход како командир на првата чета на првиот батаљон на бригадата. Во текот на војната е повеќепати рануван. Одликуван со партизанска ѕвезда. Политички комесар на воена команда на Охридско, Кичевско и Битолско подрачје каде го дочекува крајот на војната 9 мај 1945 година.

По ослободувањето се дообразува и го завршува економскиот факултет во Скопје. По демобилизацијата работи како директор на Народната банка во Охрид, директор на Народниот музеј во Охрид и прв директор на аеродромот во Охрид. Активен општествено, политички и културен деец. Еден од иницијаторите на Охридско лето. Основач на уметничката Галерија на слики. Иницијатор на прославата на 1050-годишнината на Климент Охридски. Бил иницијатор за создавање на изложбата на словенската писменост во Охрид.

Бил пратеник во Собранието на Македонија во два наврати. Литературата го привлекувала од млади години. Пишувал поезија на македонски уште пред војната – издадена во “Македонски стих 1900-1944” – зборник под редакција на Блаже Ристовски. Позначајни негови издадени книжевни дела: збирката поезија „Црква за упокоение“ во 2002 и романот „Кон височините и под нив“ во 1996 година.

Се занимавал и со историски публикации, најчесто од периодот на Илинденското востание и НОБ. Позначајни дела „Караорман во светлина на НОБ“ и „Охрид и Охридско во пламенот на големата војна 1941-1945“.

Починал во Охрид на 87 годишна возраст.