Голем Буда во Лешан

Координати: 29°32′41″N 103°46′24″E / 29.54472° СГШ; 103.77333° ИГД / 29.54472; 103.77333
Од Википедија — слободната енциклопедија
Leshan Giant Buddha Scenic Area
светско наследство на УНЕСКО
Поглед на цел Голем Буда во Лешан
МестоСечуан, Кина
Дел одПриродно подрачје Емеи Шан, со вклучен Голем Буда во Лешан
Критериумкултурно и природно: (iv)(vi)(x)
Навод779
Запис1996 (XX заседание)
Координати29°32′41″N 103°46′24″E / 29.54472° СГШ; 103.77333° ИГД / 29.54472; 103.77333

Голем Буда во Лешан (кинески: 樂山 大佛) — камен кип висок 71 метар, направен помеѓу 713 и 803 година (за време на династијата Танг) што го прикажува Маитреја.[1] Исклепана е од карпа од црвен песочник што лежи на сливот на реките Мин Џјианг и Даду во јужниот дел на покраината Сечуан, Кина, во близина на градот Лешан.[2] Камената скулптура е свртена кон планината Емеи Шан, а реките течат под нејзините нозе. Таа е најголемата и највисоката камена статуа на Буда во светот[3] и е убедливо највисоката предмодерна статуа во светот.

Областа Емеи Шан, вклучувајќи ја и живописната област на Големиот Буда, е на Списокот на светско наследство на УНЕСКО од 1996 година.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Големиот Буда во Лешан стои на врвот Чјифенг на планината Лингјун. Врвот Чјифенг се наоѓа на раскрсницата на реката Минџјианг, реката Чингји и реката Даду.

Освен Големиот Буда, подрачјето Даншје има и богата историја и културни знаменитости, како што се пештери и гробници. Пештерските гробници Махао и Големиот Буда во Лешан биле изградени за време на раздобјето на династијата Хан и ги покажуваат животните навики на древните месни жители.

Историја[уреди | уреди извор]

Изградбата на кипот започнала во 723 година од нашата ера под водство на кинескиот монах Хај Тонг. Тој се надевал дека Буда ќе ги смири бурните води што им задавале маки на бродовите што пловеле по реката. Кога било загрозено финансирањето на проектот, се зборува дека сам си ги извадил очите за да ја покаже својата побожност и искреност. По неговата смрт, изградбата запрела поради недоволното финансирање. Статуата тогаш била завршена само од рамениците нагоре. Неколку години подоцна, учениците на Хај Тонг продолжиле да работат на статуата со финансиска поддршка на месен службеник по име Џангчоу Џјианшјионг. Учениците на Хај Тонг ја продолжиле изградбата и стигнале до колена кога изградбата повторно била запрена затоа што Џангчоу Џјианшјионг бил повикан да работи во кралскиот двор во Чанган. Околу 70 години подоцна, џједуши (регионалниот воен гувернер) Веи Гао одлучил да го спонзорира проектот и изградбата била завршена во 803 година од учениците на Хај Тонг.

До почетокот на династијата Северен Сонг, Големиот Буда во Лешан бил оштетен - телото било покриено со мов, а дрвениот павилјон се урнал. За време на владеењето на Сонг Ренѕонг, џиновскиот Буда бил поправен еднаш, а дрвениот павилјон бил обновен. Оттогаш, записите за уништувања и обновувања на Буда недостасуваат, а првичниот храм, храмот Лингјун, повеќепати бил уништуван во војните.

Масивната градба предизвикала многу камен што требало да се отстрани од пештерата и да се одложи во реката подолу. На тој начин статуата всушност го променила текот на реката, правејќи ја водата безбедна за бродовите што минуваат.

Кога бил изграден Големиот Буда во Лешан, бил изграден добро осмислен систем за одводнување што се уште е во добра состојба. Истиот вклучува дренажни цевки издлабени на различни места на телото за да се цеди водата по дождовите за да се намалат временските влијанија.

Откако статуата била исклепана, пред неа била изградена огромна тринаесеткатна дрвена градба (слична на онаа на Ронгшјан Големиот Буда) за таа да се заштити од дожд и сонце. Оваа градба била уништена и ограбена од Монголите за време на војните на крајот на династијата Јуан. Оттогаш, камената статуа е изложена на временските услови.

Влошување[уреди | уреди извор]

Лешанскиот Буда е зафатен од загадувањето што произлегува од незадржливиот развој во регионот. Според новинската агенција Шјинхуа, џинот и многу од природните и културни наследства на Кина во регионот доживеале влошување заради последиците од временските услови, загадувањето на воздухот и масовниот туризам. Владата ветила обновување.[4][5]

Состав[уреди | уреди извор]

Целото уметничко дело е изработено од камен, освен ушите, кои се направени од дрво, покриени со кал и глина на површината и прикачени на главата.

Размери[уреди | уреди извор]

Статуата е висока 71 метар и го прикажува седечкиот Буда Маитреја со рацете потпрени на колената. Неговите рамења се широки 28 метри, а најмалиот нокт на ногата е доволно голем за на него да може да се смести човек што седи. Постои месна изрека: „Планината е Буда, а Буда е планина“. Ова е делумно затоа што кога се гледа од реката, планинската област во која се наоѓа оваа статуа, има облик на заспан Буда, а срцето му е статуата на Буда.

Издлабена од планината Лингјун, оваа 71-метарска статуа е најголемата и највисоката камена статуа на Буда во светот (само модерниот Голем Тајландски, направен од бетон, е повисок). Косата му се состои од 1.021 спирални кадрици вградени во неговата глава, чија висина е 14,7 метри и ширина 10 метри. Нејзините уши во кои можат да се сместат две лица, долги се 7 метри. Има веѓи долги 5,6 метри, прсти долги 8,3 метри, раменици широки 24 метри и нос долг 5,6 метри. Неговата уста и секое око се широки 3,3 метри. Сводот на неговото стапало, широк околу 8,5 метри, може да прими околу стотина луѓе. Оваа статуа е висока десет ката, што може да се спореди со големината на Статуата на слободата ако Буда би бил простум. Телото на Буда е поставено во симетрична положба, а пропорциите на неговите различни делови од телото се сразмерни според барањата на статуата на Бударупа. Има мирен облик што одговара на стилот на статуите од династијата Танг.[6]

Одводен систем[уреди | уреди извор]

Големиот Буда во Лешан има единствен и напреден одводен систем зад главата и помеѓу двете уши, што ја штити статуата од ерозија. Во косата на Буда, јаката, градите и дупките на задните уши и градите, се разгрануваат неколку скриени олуци и канали за да се излее дождовницата и внатрешноста да се задржи сува. Овој сложен архитектонски систем ја штител статуата од ерозија во последните 1.200 години.

Заштита[уреди | уреди извор]

По основањето на Народна Република Кина, Големиот Буда во Лешан беше назначен за културна реликвија во 1956 година и под заштита на Покраинскиот народен комитет Сечуан. Во 1996 година, Одборот за светско наследство на УНЕСКО го запишал во списокот на светско културно и природно наследство. Во 1998 година, формално бил основан одбор за управување со сценската област Емеи Шан, вклучувајќи ја областа на Големиот Буда во Лешан.[7] Опсегот на надзор на управниот одбор стигнал 17,88 квадратни километри. Во 2008 година формално бил основан управен одбор чија главна задача беше развивање туристички ресурси за споменатото наследство. На 24 март 2002 година, првата фаза од проектот за поправка на Големиот Буда во Лешан финансирана од Светската банка официјално почнала. Проектот вклучувал целосно реновирање на Буда од градите до главата, а потоа зајакнување на ѕидот на карпата. На 23 јуни 2002 година започнала втората фаза од проектот за одржување. Во оваа фаза биле поправени карпите кај нозете на Буда и поправен е еродираниот дел од карпата под нивото на водата.

Туризам[уреди | уреди извор]

Како еден од шесте локалитети на светското културно наследство во покраината Сечуан, го посетуваат многу туристи. Помеѓу 2001 и 2003 година, местото било рангирано како втора најпопуларна покраинска знаменитост со 1,4 до 1,5 милиони посетители годишно. Во 2004 година дошло до пробив, заради што бројот драстично се зголеми на 2,1 милиони посетители. Помеѓу 2005 и 2007 година, имаше приближно 2,3 до 2,8 милиони посетители годишно, повеќе од кое било друго место.[8]

Најдобар начин да се стигне до џиновскиот Буда во Лешан е со локален автобус. Треба да се купи билет по пристигнувањето (вклучувајќи ги храмот Вулонг и пештерската гробница Махао).[9]

Покрај главната знаменитост, во околните планини има десетици патеки кои може да се истражат пешки.

Луѓето доаѓаат од целиот свет да му оддадат почест на Маитреја. За поглед одблизу, постои пешачка патека која им овозможува на посетителите да го погледаат телото на Буда од повеќе перспективи. Важно е да се напомене дека планинските патеки таму се стрмни и тесни. За попанорамски поглед на него, достапни се чамци за разгледување.

Галерија[уреди | уреди извор]

Дозвола од Мин Џоу за комерцијална употреба на Flickr

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Hill, Bryan (22 July 2018). „The Leshan Giant Buddha: Largest Stone Buddha in the World“.
  2. Rajarajan, R.K.K. (2020). 'Religious Art and Culture in 2019' Thousand Faces of the Buddha“. Indian Journal of History of Science. 55.2: 194–201.
  3. „Mount Emei Scenic Area, including Leshan Giant Buddha Scenic Area“. UNESCO. Посетено на 7 December 2019.
  4. „China vows facelift for pollution-battered Buddha“. Reuters. November 7, 2007.
  5. „The Leshan Giant Buddha under Special Protection“. Sights & Attractions — Leshan Buddha. Архивирано од изворникот на 2008-11-18.
  6. „Leshan Giant Buddha History & Buddhism Facts“. Посетено на 7 December 2019.
  7. Unesco
  8. Li, Yan (2017). „Analysis on Tourism Competitiveness of Six World Cultural Heritage Sites in Sichuan Province“ (PDF). Revista de la Facultad de Ingenier a U.C.V. 32 (15): 61-67. Архивирано од изворникот (PDF) на 2019-03-02. Посетено на 7 December 2019.
  9. „Leshan Giant Buddha“. Chengdu Travel Guide. The China Guide. Посетено на 7 December 2019.