Вилијам Госет

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Вилијам Госет.jpg

Вилијам Госет (англиски:William Sealy Gosset) или подобро познат под својот псевдоним „Студент“ е познат статистичар кој прв го дефинирал Студентовиот т-распоред. Имал голем придонес во практиката на статистика во индустријата и земјоделството. [1]

Живот и кариера[уреди | уреди извор]

Вилијам С. Госет е роден 1876 во Англија.Најпрво студирал на Винчестер колеџот а потоа на 23 годишна возраст се стекнал и со диплома за хемија и математика при престижниот универзитет Оксфорд.[2] Веднаш бил вработен од страна на Guinness Brewing Company во Даблин, Ирска, поради неговото искуство со хемијата.

Во својата рана кариера, Госет како вработен во Guinness го анализирал односот помеѓу суровините за пиво и готовиот производ, па преку оваа активност ги научил основите за статистичка анализа. Го следел советот на Карл Пирсон, па во 1906-1907 работел во Биометриската лабораторија во Колеџот во Лондон, каде што истражувал статистички проблеми врз база на мал примерок. Тој се обидувал да разработи распоред на веројатност, кога варијансата на популацијата не е позната, за нормално распоредена случајна променлива. Во тоа време почнале да се применуваат лабораториските тестови и научните методи во индустријата на пиво. Математичките способности на Госет овозможиле да успее да реши голем број практични проблеми поврзани со производството на пиво. На пример, Госет го применил Poisson-овиот распоред за да го моделира бројот на квасни клетки по единица волумен при процесот на ферментација. Условите за производство на пиво, со неговите варијабилни материјали и осетливост на температурна промена, ја нагласуваат неопходноста од точен метод за тестирање на малите примероци. Според тоа, не случајно туку околностите на неговата работа, го насочиле вниманието на Студент кон овој проблем и довеле до откривање на распоредот на стандардната девијација на примерокот. Госет ја покажал врската помеѓу статистичкото истражување на практичните проблеми. Распоредот е сеуште познат како Студентов т-распоред. Разработениот т-распоред од страна на Госет е количникот помеѓу 2 распореда, стандардниот нормален распоред и квадратниот корен од хи-квадрат распоредот поделен со неговите степени на слобода, v.[3] Неговото најголемо откритие ,t-распоредот, бил создаден во 1908 година. Бидејќи најголемиот дел од истражувачите работеле со мали примероци, Госет бил заинтересиран во однесувањeто на средините во малите примероци. Тој земал множества составени од мал број на елементи, ја пресметувал нивната средина и стандардна девијација, ја пресметал нивната t-стапка и ги претставил графички резултатите. Формата на распоредот била секогаш иста, t-распоред.[4] Во годините што следеле работел на разновидни статистички проблеми во земјоделството, вклучувајќи и експерименти.

Госет напишал неколку трудови, кои биле објавени во Биометрика. Првиот труд го содржел она што ние го знаеме како Студентов t-распоред, а вториот го обработувал Пирсоновиот коефициент на проста праволиниска корелација. Овие придонеси го поставуваат Госет помеѓу најдобрите од новиот растечки домен на статистичката методологија. Своите трудови морал да ги објави под псевдонимот “Студент ” бидејќи пиварницата во која работел им забранила на своите вработени да објавуваат било какви документи и информации поврзани со нејзината работа, откако еден истражувач ги открил тајните на нејзиното тргување и работење за пошироката јавност што негативно се одразило на нејзиното работење. По долги преговори , напорни дискусии и полемики Госет успеал да и објасни на пиварницата дека објавувањето на неговата работа нема да се одрази штетно на работата на пиварницата , ниту пак ќе открие некои доверливи информации кои што би го загрозиле нејзиното работење. Се со цел да се избегнат конфликтите и расправиите со останатите вработени Госет ги објавува своите трудови под псевдонимот “Студент ”. Токму од овие причини и неговото најпознато дело го носи името “ Студентов т-распоред” , иако можел да биде именуван како “Госет т-распоред ”.

Кореспондирал со врвните англиски статистичари во тоа време :Карл Пирсон, Егон Пирсон и Р. A. Фишер. Бил во добри односи со Карл Пирсон кој многу му помогнал во неговата работа.Исто така имал и бројни јавни несогласувања со Фишер околу улогата на случајниот избор во експериментите. Госет бил цврст бранител на експериментална контрола, односно бил воодушевен од користа на систематски експериментални планови и противник на употребата на случајност. Оваа дискусија го поттикнала Госет да го напише неговиот последен труд, објавен неколку месеци по неговата смрт.

Во 1935 година Госет го напушта Даблин и заминува за Лондон каде што е на чело на новиот научен проект на пиварницата. Неговиот живот и пат завршува во Англија две години подоцна кога умира од срцев удар на 16 октомври 1937г. Неговото име останува забележано во плејадата на бројни статистичари кои дале придонес за развојот на статистиката како наука и за разрешувањето на нејзините проблеми и задачи.


Библиографија[уреди | уреди извор]

  • `Student' (1937). Random and balanced arrangements. Biometrika, 29, 363-379.
  • `Student' (1942). `Student's' Collected Papers.


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://statprob.com/encyclopedia/williamsealygosset.html
  2. Ристески Славе, Тевдовски Драган : Статистика за бизнис и економија, четврто издание, Економски факултет, Скопје, 2010.
  3. Paul Newbold, William Carlson, Betty Tharne: Statistics for business and economics, 6th edition, Pearson, 2007.
  4. http://www.eccf.ukim.edu.mk/statistika/statistika_niz_vreme/slavni_statisticari/gosset_william/