Визија - Центар за научна фантастика на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија


Основање[уреди | уреди извор]

Лого на центарот за научна фантастика на Македонија

Центарот за научна фантастика „Визија“ е основан во Велес, во мај 1985 година. Основоположник и претседател на „Визија“ е велешанецот Љубомир Михајловски, писател и долгогодишен истакнат културен деец во Македонија и светот.

Здружението е првично регистрирано како „Клуб на љубители на научната фантастика — Визија“ а потоа во 1992 година е преименувано во „Визија — Центар за научна фантастика“ со единствена цел за развој и популаризација на македонската и светска научна фантастика. Низ своето постоење Центарот ги презентира своите активности на меѓународно поле преку повеќе дејности: издавачка, образовна, филмска, мултимедијална, ликовно изложбена и библиотечна.

Дејности[уреди | уреди извор]

Списание „Визија“

Издавачка дејност[уреди | уреди извор]

Почетоците на издаваштвото се наоѓаат во истоименото списание за научна фантастика „Визија“. Промоцијата на првиот број од ова списание е одржана во 1986 година на СФеракон — годишната конвенција на СФера, клуб за научна фантастика од Загреб. Списанието се печати во црно-бела техника до своето десетто издание. Првиот број во боја е издаден во 1994 година со финансиска поддршка од Министерството за култура на Македонија.

Покрај списанието центарот објавува и книжевни публикации во проза и поезија од своите членови и соработници. Помеѓу големиот број на објавени дела од Визија, може да се издвои автобиографското дело „Во светот на научната фантастика“ [1] [2] кое ја сумира децениската активност на самиот Центар, од пионерските чекори до своите светски признанија и награди.

Збирка „Озирис“

Образовна дејност[уреди | уреди извор]

Образовната дејност на Визија се обавува преку организирање на кратки курсеви, работилници и предавања. Од сите свои образовни активности како посебен момент се истакнува работилницата за креативно пишување и цртање „Озирис“, одржана во Велес, јуни 2006 година, која претставува образовен курс за деца од ромската популација. Оваа збирка на раскази и илустрации претставува првата ромска научно-фантастична публикација во светот.

Исто така, популаризацијата на научната фантастика се изведува и преку гостувања на семинари, конференции и средби, кои често се организирани на иницијатива на Визија и во кои се одвојува теоретски и историски ретроспективен дел за публиката со цел нивно едуцирање.

Филмска дејност[уреди | уреди извор]

Промотивен постер за „Каде одиш човеку“

Во 1997 година е реализиран првиот македонски научно фантастичен филм „Каде одиш човеку“. Кинематографски претставува експериментален краткометражен некомерцијален филм, во времетраење од 16 минути, чиј автор е Љубомир Михајловски а како соработник се јавува Слободан Ѓеорѓиевски. Премиера има во Пионерски Дом во Велес а истата година филмот учествува и на медиумскиот фестивал во Кошице, Словачка.

За 2025 е најавена преработка и реставрација на материјалите од филмот, под работен наслов „Каде одиш човеку 2“.

Мултимедијална дејност[уреди | уреди извор]

Радио емисијата „Пораки од иднината“ се емитува на Радио Титов Велес секој петок од 1996 до 2007 година. Во емисиите има прилози од теоријата и историјата на научната фантастика, македонски и светски вести од истата област опфаќајќи делови од филмот, стрипот и книжевноста. Серијалот преставува возобновување на радио емисијата „Колапс“ која е прв медиумски серијал во Југославија од областа на научната фантастика и се емитува од 1983 до 1984 година на истото радио. Уредник, автор и спикер на двата серијали е Љубомир Михајловски.

Во соработка со Радио ЦД од Велес се реализирани повеќе аудио проекти, од кои со повеќето се учествува на Prix Europa, европски медиумски фестивал во Берлин, Германија.

На Канал 21 од Велес во периодот од 1996 до 1997 година се емитува серијалот „Одисеја“, посветен на филмската уметност во научната фантастика.

Брајан Олдис (петти од лево, назад) како специјален гостин на „XVI Денови на научна фантастика“ во Велес, 2001

Изложбена дејност[уреди | уреди извор]

Особено значење во изложбената дејност има македонската годишна конвенција „Денови на научна фантастика“. Низ овие настани стотици автори ги презентираат своите дела од најразлични области: скулптура, графика, сликарство, инсталација, книжевност, стрип, илустрација и секоја година присуствува по еден специјален гостин. На XVI Денови на научна фантастика, во 2001 година, како гостин доаѓа писателот Брајан Олдис.

На самата конвенција од 1988 година се доделува македонското признание за научна фантастика „Визија“. Првите две години тоа е награда за најдобар расказ а од 1990 година прераснува во признание за посебни заслуги на македонската научна фантастика, дома и во странство.

Добитници на „Визијa“[уреди | уреди извор]

  • 1988 — Габриела Саздовска, Македонија
  • 1989 — Габриела Саздовска, Македонија
  • 1990 — Томислав Раданов, Србија
  • 1991 — Крсто Мажураниќ, Хрватска
  • 1992 — Стојмир Симјаноски, Македонија
  • 1993 — Љубомир Михајловски, Македонија
  • 1994 — Зорица Русеска, Македонија
  • 1995 — Лазо Наумовски, Македонија
  • 1996 — Ефтим Манев, Македонија
  • 1997 — Љубомир Донски, Македонија
  • 1998 — Томе Арсовски, Македонија
  • 1999 — Миле Костов, Македонија
  • 2000 — Артур К. Кларк, Обединето Кралство
  • 2001 — Брајан Олдис, Обединето Кралство
  • 2002 — Сем Лундвал, Шведска
  • 2003 — Мајкл Ширд, Обединето Кралство
  • 2004 — Златко Крстевски, Македонија
  • 2005 — Миле Топуз, Македонија
  • 2006 — Зоран Неделков, Македонија
  • 2007 — Љупчо Филипов, Македонија
  • 2008 — Александар Сотировски, Македонија
  • 2009 — Љупче Захариев, Македонијa
  • 2010 — Василие Попович — Цицо, Македонија
  • 2011 — Сашко Настовски, Македонија
  • 2012 — Жанг Жи Жанг, НР Кина
  • 2013 — Аријадна Свергер, Канада
  • 2014 — Дев Бхардвеј, Индија
  • 2015 — Хода Хусеин, Египет
  • 2016 — Ферид Мухиќ, Македонија
  • 2017 — Јашар Јашаров, Македонија
  • 2018 — Слободан Ѓорѓиевски — Цобе, Македонија
  • 2019 — Тихомир Јивановиќ, Србија
  • 2020 — Димитриј Михајловски, Македонија
  • 2021 — Др. Џернал Синг Ананд, Индија
  • 2022 — Др. Залди Карин Де Лион помладиот, Филипини

Промоции[уреди | уреди извор]

Центарот за научна фантастика има воспоставено соработка со исти и слични организации и индивидуалци од над 50 земји. Како што има за цел промоција на македонските автори пред македонската сцена, исто така центарот „Визија“ е и промотор на Македонија и македонската култура пред светската сцена. Голем број на домашни автори се преведени и на странски јазици[3].

Пред македонската публика се промовирани над 150 домашни автори од најразлични културни области. Во првите две децении од своето постоење сите уметнички медиуми се подеднакво застапени во промоцијата, додека во четвртата деценија книжевноста изразено доминира над останатите воглавно преку издавање и печатење на книги[4].

Награди[уреди | уреди извор]

„Визија“ низ годините исполнети со активности се има здобиено со значителен број на домашни и странски признанија и пофалници[5].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Библиотека „Гоце Делчев“, Велес — Промоција на „Во светот на научната фантастика“, 2023 г.
  2. Емитер — Вести за научната фантастика од Македонија, 2023 г.
  3. Дума — Преводи на странски јазици, 2017 г.
  4. Дума — Нови книги во издание на Визија, 2017 г.
  5. Фокус — Благодарница за долгогодишна и успешна соработка, 2008 г.