Босилка Пасјанска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Света Босилка Пасјанска
Света Босилка Кумановка
Роден(а) 19 век, Пасјане,  Косово
Починал(а) 19 век, Депче,  Косово
Почитуван(а) во Источната православна црква
Слава

Света Босилка Пасјанска или Босилка Кумановка (српски: Босиљка Рајчић) — православна светителка од Косово[1] со македонско потекло од времето на турското владеење во Македонија.[2]

Житие[уреди | уреди извор]

Света Босилка е од косовското село Пасјане крај Гњилане. Нејзиното семејство Рајичиќ (Рајчеви) се преселило од кумановскиот крај кон крајот на 18 век (околу 1770). Во сиромашниот дом со родителите, браќата и сестрата, растела во побожност и благочестие, одликувајќи се со кроток карактер и смирение, трудољубивост и послушност. Од мали нозе навикнала да ѝ помага на својата мајка во сите домашни работи и околу стоката, а на таткото и браќата во земјоделските работи: на нивата и ливадата, во собирањето на жетвата, во подготовката на храна за стоката и огрев за во зима. За празниците со родителите одела во црква на богослужба, а навечер долго и усрдно се молела пред празничната икона и старите, урамени икони на Богородица и на света Петка, кои нејзините претци ги донеле од родниот крај. А за време на божиќните и велигденските празници, кога со своето семејство и со другите селски деца се причестувале со светите Христови таинства. Кога наполнила 17 години родителите првпат ја однеле во Гњилане, на Иванден, кога во ова гратче се собирало народ од сите поморавски села, а еднаш одела и на собор (на Светите Архангели) во манастирот Драганац.

Со својата надворешна убавина Босилка не останала незабележана, како од погледите на роднините и познаниците, така и од незнабошците. Демонска похота кон убавата, млада пасјанка покажал некој Арнаутин од Депце и барал момент насилно да ја грабне. Затоа, заедно со своите роднини долго ја следел, кога таа, поради некоја работа, со родителите или со братот би излегувала од селото. Му се укажала прилика токму кога Босилка со татко ѝ и брат ѝ, таа кобна есен, собирале гранки за во зима кај Бел Камен, далеку над селото. Незабележано, тројцата Арнаути Бањуш, Ермуш и Хасан ненадејно ја грабнале Босилка, пукајќи кон нејзиниот татко и брат, и ја одвлекле кон Карадак.

Неколку дена роднините со пасјанскиот свештеник, кај турските власти во Гњилане се обидувале да докажат дека младата девојка е насилно грабната и одведена во арнаутска куќа. Колебливата и наклонета кон Арнаутите турска власт ја развлекувала истрагата и пресудата, едноставно, препуштале на времето да го заврши насилништвото, верувајќи дека девојката, поради срам од народот и роднините, ќе се помири со судбината. И арнаутските силеџии и турските угнетувачи, меѓутоа, не сметале на цврстата вера на оваа млада православна христијанка.

Босилка во сосема туѓата и чудна средина трпела силни искушенија, навреди и напади: уцени и ветувања да прими ислам и да се омажи за насилникот. Одлучно и непоколебливо, таа ги одбивала сите навалувања и понижувања, потпирајќи се на силата на Божјата милост и надеж на спасение. Ја мачеле со жед и неспиење; со непрестајни дивјачки и демонски напади и убедувања. Со молитви, младата девојка се охрабрувала и ги победувала сите искушенија. Губејќи го, пак, трпението, Арнаутинот ѓаволски ја мачел Босилка, кубејќи ѝ ја косата и горејќи ѝ ги табаните со жар, тепајќи ја по лицето и слабините и газејќи ја. Арнаутите ѝ довеле на девојката и некоја стара потурчена христијанка со муслиманско име, која ја наговарала да ја прими „турската вера“ и да се спаси себеси и да ги поштеди своите родители. Босилка останала непоколеблива и цврста:

„Јас имам своја вера“ – одговорила – „не ми треба подобра, оти нема таква. А што се однесува на мажењето, јас сум веќе ветена – тивко, со неземски сјај во очите, возвратила – јас имам свој вереник…“

, На упорното барање да каже кој ѝ е вереник, ѝ одговорила на потурчената: „Христос е мојот избраник. Само Нему му припаѓам, на никој друг, јас не се одрекуваме од мојот Бог и од мојата света вера, како тебе, која си за жалење“. „Не се занесувај, црна кукавицо, спаси си ја душата“ – ја убедувала онаа несреќна жена. „Така не се спасува душа“ – ѝ возвратила младата православна пасјанка – „туку така се губи“. „Ќе се каеш“ – ѝ рекла на крајот потурчената, советувајќи ја: „Земи барем храна и вода, види се на што личиш, коски и кожа си станала“. „Мене Бог ме храни и пои“ – тивко ѝ возвратила и потонала во молитва.

Следеле нови и посурови мачења: насилно облекување во муслиманска облека и навлекување на фереџе на лицето; Босилка сето тоа го кинела и фрлала од себе, бегала и проколнувала: „Убијте ме, убијте ме! – викала – „не се давам, јас сум христијанка православна. Не ја давам мојата вера. Не го давам моето девство. Само мртва можеш да ме имаш!“ – со последен поглед го пресекла мачителот. Штитена од храброста и со виша сила, Босилка останала чиста, неизвалкана, непоколебана. Разгневен и понижен, Арнаутинот решил да ја погуби. Повикал двајца свои роднини, па така, врзана и изнемоштена, ја одвлекле со коњ кај реката Лапаштица и покрај патот, ја избоделе со ножеви, бесно викајќи: „Смрт на Шкиња (Славјанката)!“, а таа добивајќи нова сила и не чувствувајќи ни удари, ни убод, тивко уште еднаш се помолила и повикала: „Ова не е смрт за мене, туку живот, вие сте во смрт, засекогаш, племето ваше погано!“

Дури после страдањето, Турците им дозволиле на роднините на Босилка и на Пасјанците да ги соберат телесните остатоци на оваа света новомаченичка и да ги погребат покрај старата црквичка, кои подоцна, при обновата, биле заѕидани во храмот.

Преданието за православниот подвиг и маченичка смрт на светата девојка Босилна и денес живее во Пасјане и во целото Косовско Поморавје. Постојат и фрагменти од записи на раскажувања и патеписи – на духовници и хроничари, писатели и патеписци (патријархот Павле, Томе К. Поповиќ, Григориј Божовиќ), како и необичните фрески (на непознати зографи) од пасјанската црква.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Димитрије З. Плећевић СРПСКИ СВЕТАЧНИК - Саборник животописа светитеља, светиња ичудотворних икона у Српској Православној Цркви; Београд, 2008.
  2. Света новомученица Босиљка Пасјанска