Бери Линдон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Бери Линдон (англиски: Barry Lyndon) - британско-американски филм од 1975 година, во режија на Стенли Кјубрик кој е автор и на сценариото, засновано врз романот на Вилијам Мејкпис Текери. Главните улоги ги играат: Рајан О'Нил, Геј Хамилтон, Леонард Роситер, Дијана Кернер, Харди Кригер, Патрик Меги, Мариса Беренсон, Мари Кин, Леон Витали и Мареј Мелвин.[1] Филмот освоил вкупно 17 награди, меѓу кои и четири „Оскари“ и две награди на БАФТА.[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Прв дел: На кој начин Редмонд Бери го стекна стилот и титулата на Бери Линдон[уреди | уреди извор]

Во средината на 18 век, во Ирска, таткото на Редмонд Бери е убиен во дуел и него го одгледува мајка му. Бери (го игра О'Нил) се вљубува во неговата братучетка Нора (ја игра Хамилтон), која одлучува да се омажи за британскиот офицер Џон Квин (го игра Роситер). Бери се чувствува изигран и го предизвикува Квин на дуел и го убива. Поради тоа, тој мора да побегне во Даблин, но патем е ограбен од друмски разбојници. Бидејќи останува без пари, Бери е принуден да се пријави како доброволец во британската армија каде набргу дознава дека не го убил офицерот Квин, туку семејството на Нора исценирало лажен двобој. Бери заминува во Германија, како учесник во Седумгодишната војна, но веднаш почнува да кова планови за бегство. Наскоро, тој дезертира, облечен како британски офицер кој треба да однесе важна порака. Патем, тој среќава една Германка (ја игра Кернер) и кратко време живее со неа, а потоа го продолжува патот кон Холандија. Тогаш, него го пресретнува прускиот офицер Поцдорф (го игра Кригер), кој открива дека Бери е измамник и го принудува да служи во пруската армија. Во една борба, Бери се истакнува така што го спасува капетанот Поцдорф и така е одликуван од прускиот цар. По завршувањето на војната, Поцдорф го наговара Бери да се вработи како личен слуга на Шевалје де Балибари (го игра Меги) при што треба да биде шпион на пруската полиција. Меѓутоа, Бери веднаш му се исповеда на Шевалје и така станува двоен шпион. Така, Бери му станува помошник на Шевалје во комарот и заедно ги ограбуваат пруските благородници. Кога пруската власт го прогонува Шевалје, заедно со него бега и Бери и во следните неколку години двајцата патуваат низ Европа, занимавајќи се со комар. Во една прилика, Бери ја среќава грофицата Линдон (ја игра , која веднаш се вљубува во него, а по смртта на нејзиниот стар сопруг се мажи за Бери.

Втор дел: Кој содржи приказ на несреќите и катастрофата кои паѓаат врз Бери Линдон[уреди | уреди извор]

Во 1773 година, Бери станува грофот Линдон и живее во богатство и удобност, благодарение на богатството на неговата сопруга. Синот на грофицата Линдон од нејзиниот прв брак не го поднесува Бери, кој поради тоа постојано го измачува. Набргу, грофицата му раѓа син на Бери, но нивниот брак е несреќен, зашто Бери постојано ја изневерува и безмилосно го троши нејзиното богатство, а таа живее во изолација, придружувана од свештеникот Рунт). Неколку години подоцна, на Бери му се придружува мајка му (ја игра Кин), која го предупредува дека при евентуалната смрт на грофицата Линдон, целото богатство ќе го наследи нејзиниот син од првиот брак, лордот Булингдон (го игра Витали). Поттикнат од неа, Бери по секоја цена се обидува да добие благородничка титула и за таа цел троши многу пари, поткупувајќи разни влијателни луѓе. Меѓутоа, за време на роденденската забава во чест на грофицата Линдон, лордот Булингдон јавно го изразува својот презир кон Бери, кој не може да се воздржи и крвнички го претепува лордот. По тој инцидент, Бери ја губи поддршката на неговите влијателни пријатели, а лордот Булингдон го напушта дворецот. По некое време, Бери му купува коњ на својот малолетен син, кој за време на јавањето паѓа од коњот и набргу умира како последица на повредите. Од тага, Бери почнува да се опива, неговата жена запаѓа во верски занос, а бројните кредитори настојуваат да си наплатат своите побарувања од Бери, така што неговата мајка станува управничка на имотот. Грофицата Линдон се обидува да изврши самоубиство, а кога за тоа дознава лордот Булингдон, тој доаѓа на имотот и го предизвикува Бери на двобој. За време на двобојот, лордот Булингдон е преплашен и неспретно пука со пиштолот, а Бери нема намера да го убие лордот и намерно пука во празно. Во вториот обид, лордот Булингдон го ранува Бери во ногата. За да му го спаси животот, лекарот мора да му ја ампутира ногата на Бери, а лордот Булингдон ја презема контролата врз семејниот имот и му обезбедува годишен приход на Бери под услов засекогаш да ја напушти Англија. На крајот од филмот, раскажувачот соопштува дека Бери најпрвин се вратил во Ирска, а оттаму отпатувал во Европа, каде продолжил да се занимава со комар, но без голем успех. Тој никогаш не се вратил во Англија и повеќе не ја видел својата сопруга.

Наводи[уреди | уреди извор]