Прејди на содржината

Атанас Митровски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Атанас Митровски
Митровски во 1940 г.
Роден(а)1873
Себишта, Дебарско (денес во Албанија)
Починал(а)1940
Софија, Бугарија

Атанас (Тане) Митровски ( 1873 - 1940) — истакнат македонски градител и архитект од крајот на XIX и почетокот на XX век.[1]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Роден е во 1873 г. во дебарското село Себишта во областа Голо Брдо, денес во Албанија. Бил најмладиот од тројца браќа. Уште на возраст од 12 години како чирак заминал на печалба со градителска тајфа. Со време станал главен мајстор и соработувал со истакнатиот италијански архитект Виталијано Позели, па заедно со брат му Ѓорѓи (1870 - 1922) учествувал во изградбата на низа знаменити зданија во Солун, меѓу кои Турската касарна (денес Штаб на 3. армиски корпус), приватни згради, зданието на Отоманската банка, Сградата на Солунскиот конак (градската управа), сараите на Кулуш-бег со украсени тавани и различни скулптурни декорации, Солунската електрана, Солунското казино до Белата кула и други. Работел и како технички советник на Бугарската егзархија.[1]

Митровски градел разни градби низ Отоманското Царство и по свои архитектонски планови, меѓу кои се училиштето во леринското село Горно Врбени, црквите „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица, „Св. Ѓорѓи“ во Солун и други.[1]

Со припојувањето на Солун кон Грција по Втората балканска војна во 1913 г. се преселил во Софија. Негово дело се камините на царскиот дворец во карловското село Бања, изграден во 1929 г.[1]

Царот Борис III го наградил со орден „За граѓански заслуги“. Починал во 1940 г.[1]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „Личности: Митровски, Атанас“. Солун и българите: история, памет, съвремие. 12 октомври 2020.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]