Ана Малер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ана Ј. Малер
Ана Малер од Бронсија Колер-Пинел, 1921
Роден(а)15 јуни 1904
Виена, Австрија
Починал(а)3 јуни 1988(1988-06-03) (возр. 83)
Лондон, Англија, Обединето Кралство
ПочивалиштеГробишта Хајгејт, Лондон, Англија, Обединето Кралство
НационалностАвстријка
Познат(а) поВајарство
СопружникРуперт Колер (1920 – 1921)
Ернст Кренек (1924 – 1924)
Пол Золнеј (1929 – 1934)
Анатол Фистулари (1943 – 1956)
Албрехт Јозеф (ca. 1970 – )

Ана Јустин Малер (15 јуни 1904 – 3 јуни 1988) била австриска вајарка.

Животопис[уреди | уреди извор]

Ана Малер (десно) со нејзината постара сестра Марија и нејзината мајка, околу 1906

Ана Малер се родила во Виена во 1904 година како второ дете на композиторот Густав Малер[1] и неговата сопруга Алма Шиндлер. Нејзината мајка со гордост тогаш напишала во дневникот:

"Ова раѓање - на пладне, на средина на неделата, на месецот и на годината - како да е симбол. Детето крстено Ана беше радост за нас од моментот кога ги отвори своите големи сини очи ".[2]

Тие ја нарекувале  "Гуки' поради нејзините големи сини очи (од германскиот збор Gucken). Родителите ја земале Ана со нив за време на нејзиното прво патување во САД во 1907 година, а Ана се збогувала со татка си на неговата смртна постела на 18 мај 1911 година.[2] Две години претходно починала нејзината постара сестра Марија Малер, од жолта треска.

Ана го поминала своето детство во сенка на љубовните врски на нејзината мајка и познатиот салон и го фокусирала нејзиниот интерес во цртање на разните посетители кои доаѓале куќата. Откако Алма Малер ја родила Манон, како резултат на нејзиниот втор брак со архитектот Валтер Гропиус, Ана се чувствувала осамена и запоставена.[2]

Ана била воспитувана од страна на тутори а воедно и го уживала вниманието на пријателите на нејзината мајка[1], помеѓу кои имало многу значајни уметнички фигури од областа на музиката, визуелните уметности и литературата.

Личен живот[уреди | уреди извор]

Како ќерка на легендарниот Густав Малер, сите очекувале Ана да изгради музичка кариера. Сепак, наместо тоа, таа се вљубила во младиот диригент, Руперт Колер со кого се омажила на 2 ноември 1920 година[1] кога имала шеснаесет години. Бракот завршил по само неколку месеци. Набргу потоа, Ана се преселила во Берлин за да студира уметност. Таму се вљубила во композиторот Ернст Кренек, студент на Франц Шрекер на Берлинската музичка академија[2], на кого подоцна Алма му побарала да ја допише недовршената Десетта симфонија на Малер. Ана се омажила за него на 15 јануари 1924 година, но бракот не успеал и таа го напуштила во ноември 1924 година. Во тек на овој период, Кренек го довршувал неговиот Концерт за виолина бр. 1, оп. 29.[2] Австралиската виолинистка Алма Муди му помагала на Кренек добивајќи финансиска помош од нејзиниот швајцарски покровител Вернер Рејнхарт на чија иницијатива Кренек и Малер живееле во Цирих и во знак на благодарност, тој на Муди ѝ го посветил концертот кој премиерно бил изведен на 5 јануари 1925 година, во Десау. Разводот на Кренек и на Ана Малер станал правосилен неколку дена по премиерата.[3] Кренек имал љубовна врска со Муди, која била опишана како "краткотрајна и комплицирана."[4]

Таа се омажила со издавачот Пол Золнај на 2 декември 1929 година, и тие имале една ќерка, Алма (5 ноември 1930 – 15 ноември 2010). Двојката се развела во 1934 година.

Во април 1939 Ана живеела во Лондон, откако побегнала од нацистичка Австрија. На 3 март 1943 година се омажила со диригентот Анатол Фистулари со кого имала уште една ќерка, Марина (родена на 1 август 1943 година). По војната, отпатувала во Калифорнија и живеела таму неколку години. Бракот со Фистулари завршил околу 1956 година.

Околу 1970 година таа се омажила со петтиот сопруг, Албрехт Јосиф (1901-1991)[1], холивудски филмски уредник и писател на сценарија. Откако нејзината мајка починала во 1964 година, Ана, сега финансиски независна, се вратила во Лондон одредено време, пред конечно да се одлучи да живее во Сполето во Италија во 1969 година.

Починала во 1988 година додека била во посета на нејзината ќерка Марина во Лондон. Била погребана на гробиштата Хајгејт.

Уметничка кариера[уреди | уреди извор]

Гробот на Ана Малер

Првиот допир на Ана Малер со визуелната уметност започнал рано, кога таа го посетила ателјето на Оскар Кокошка. Таа исто така била модел на нејзината свекрва, сликарката Бронсија Колер-Пинел. По нејзиниот развод, Ана учела уметност и сликање во Берлин, Рим и Париз во текот на 1920-тите години. На возраст од дваесет и шест, таа открила дека скулптурата е медиум во кој таа може да ја изрази својата креативност. Земајќи часови по вајарство во Виена во 1930 година кај Фриц Вотруба, таа станала признат вајар, и била добитник на Гран при во Париз во 1937 година.[5]

Како успешен вајар, Ана Малер создала и бронзени бисти на многу значајни музички фигури на XX век, вклучувајќи ги Арнолд Шенберг, Албан Берг, Артур Шнабел, Ото Клемперер и Елен Џојс.[6]

Цитати[уреди | уреди извор]

  • "Вредноста во уметноста не е определена со површни одлики, туку со способност да ги достигнеме и допреме нашите најскриени чувства" (Ана Малер).[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Gustav Mahler (1860-1911) - Anna Justine Mahler (Gucki) (1904-1988)“. www.gustav-mahler.eu (англиски). Посетено на 2018-03-31.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „A Girl named Gucki! Ernst Krenek and Anna Mahler  : Interlude.hk“. www.interlude.hk (англиски). Посетено на 2018-03-31.
  3. „Answers - The Most Trusted Place for Answering Life's Questions“. Answers.com (англиски). Посетено на 2018-03-31.
  4. Kay Dreyfus, Alma Moodie and the Landscape of Giftedness
  5. „Anna Mahler - Person - National Portrait Gallery“. www.npg.org.uk (англиски). Посетено на 2018-03-31.
  6. Richard Davis, Eileen Joyce: A Portrait.
  7. „ALMA : History“. www.alma-mahler.at. Посетено на 2018-03-31.

Извори[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]