Ѓорѓи Саздовски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ѓорѓи Саздовски – Гого (Скопје, 31 јули 1920Претор, 12 септември 2005) — македонски лекар, учесник во НОВ. Бил носител на Партизанска споменица 1941.

Рани години[уреди | уреди извор]

Ѓорѓи Саздовски е роден на 31 јули 1920 година во Скопје од татко Панко и мајка Марија, како трето дете во семејството. Имал два брата Славко и Страхил и една сестра Веселинка (Веса).

Татко му Панко бил вклучен во организација на ВМРО и во неговата куќа во Кисела Вода се одржувале состаноци на организацијата. Откако тогашната власт се посомневала во неговата политичка активност, во 1926 година целото семејство се сели во Софија. Но, по смртта на Панко од туберколоза во 1928 година, семејството на Ѓорѓи Саздовски се враќа во Скопје.

Ѓорѓи завршува гимназија во Скопје до 7 клас и извесно време работи во Треска, а потоа и во Монополот како пресметковен работник. Во 1937 година, во нивната куќа во Дебар маало доаѓа да живее под кирија Дане Крапчев. Тој извршил силно влијание врз политичко-идеолошката определба на Саздовски. Покрај тоа, неговата сестра, Веселинка, се мажи за Крапчев и во 1942 година се раѓа нивниот син Владимир Крапчев (Крап). Тој е роден во затворот во Скопје, бидејќи Веселинка во тоа време била уапсена поради нејзиниот маж, кој бил баран од бугарската власт.

НОВ[уреди | уреди извор]

Под влијание на Крапчев, Саздовски се вклучува во Првиот скопски партизански одред. Бил борец и на Вториот скопски партизански одред од неговото формирање во април 1942 година. По распуштањето на одредот, во 1943 година Саздовски се враќа дома и паѓа во затвор поради сомнение дека е учесник во партизанското движење. Во затворот е однесен на соочување со друг затвореник, кој кажува дека тоа не е Никола (неговото партизанско име). Со тоа Саздовски ја избегнува смртната казна.

По излегувањето од затвор заедно со Дане Крапчев се префрлаат на Косово во Стари Качаник. Таму почнуваат да организираат партизански одреди меѓу месното население. Во меѓувреме таму доаѓа Перо Ивановски и им наредува да се вратат во Македонија, поради потребата од нив и во Македонија. По враќањето во Македонија Саздовски се вклучува во Првата македонско-косовска бригада.

По Втората светска војна[уреди | уреди извор]

Во 1945 година, Ѓорѓи Саздовски се жени со Славјанка Богатинова (потоа Саздовска) со која има три деца - Дане, Страхил и Марија. Дел од нивното семејство станува и Владимир Крапчев - Крап, синот на Дане Крапчев, кој загинува во НОБ.

По војната, Саздовски бил генерален директор на Дирекцијата за неметали во соодветното министерство. Иако му било понудено, како учесник од НОБ, да се активираа во војската, тој тоа го одбил. Подоцна, во 1952 година, се запишува на Медицинскиот факултет и истиот го завршува 1958 година. Работи долги години како лекар, а подоцна и како директор на Заводот за медицинска рехабилитација во Скопје. Во подоцнежните години, како искусен лекар, престојувал во Либија и Етиопија во склоп на медицинска помош што ја давала Југославија за тие земји.

По пензионирањето, гради куќа во Претор (Преспа), каде го поминува остатокот од својот живот. Починува на 12 септември 2005 година во Претор.