Шумска шлука

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Шумска шлука
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Фамилија: Мочварки
Род: Scolopax
Вид: Шумска шлука
Биномен назив
Scolopax rusticola
Linnaeus, 1758

Шумската шлука (науч. Scolopax rusticola) е средно мала крајбрежна птица која живее во умерена и субарктичка Евроазија. Перјето ѝ е сообразно со околината во која се камуфлира, со црвеникавокафеави горни делови и кремави долни делови на телото. Очите ѝ се сместени назад на главата и ѝ даваат прегледност од 360° додека таа си пасе со долгиот, чувствителен клун, барајќи храна.

Мажјакот изведува специфичен додворувачки лет во вид на „стапче“. Женката, пак, кога е во опасност ги носи пилињата меѓу нозете, во канџите или на грбот додека лета, иако е ова реткост да се види. Светската популација изнесува од 15 до 16 милиони птици. Ја има и во Македонија.

Опис[уреди]

Возрасните птици се долги 33-38 см, вклучувајќи го и долгиот, прав клун (6-8 см), и има распон на крилјата 55-65 см.[2] Шумската шлука има криптичка обоеност за да се камуфлира во својата животна средина. Горните делови ѝ се прошарани со кафеаво-црвеникави бои, а долните делови ѝ се кремави. Главата е набраздена со црно, а очите ѝ се сместени многу назад, што ѝ овозможува прегледност од 360°.[3][4] Крилјата ѝ се заоблени, а основата на клунот е месо боја со црн врв. Нозете варираат од сиви до розовикави.[3] Овој вид има изразен полов диморфизам, со мажјаци многу поголеми од женки,[5] но по друго не се разликуваат и не се препознаваат од далеку.[3]

Таксономија[уреди]

Своето научно име шумската шлука го добила од Карл Лине во неговата Systema naturae во 1758.[6] Името произлегува од грчкото skolopax, кое значи 'шумска шлука', и латинското rusticus ('селско') и colere ('живее').[5] Видот е монотипичен[5], а најблиски роднини му се другите птици од родот Scolopax.[7]

Распространетост и живеалиште[уреди]

Околу една третина од светската популација живее во Европа, со повеќе од 90% во Русија и Скандинавија. Распространетоста се протега од Скандинавија до Медитеранот и Канарски Острови и од западна Европа до Русија.[8] Птиците што живеат на север се преселници, а оние од потоплите краеви се постојани жители.[9]

Шумската шлука има широк опсег кој опфаќа 10 милиони км² и популација од 15 до 16 милиони птици.

Живеалиштето на шумската шлука се големите, неограничени шуми - листопадни, зимзелени и мешани, со ниски грмушки. Местата на размножување мора да имаат мешавина од суви, топли места за одмор, влажни за хранење и чистинки за летање. [9]

Однесување[уреди]

Оваа птица е најактивна во мугри и самрак, а ретко преку ден, освен ако не е вознемирена, кога одлетува со силно павтање со крилјата. [2] Летот им е сличен на був или лилјак, неконтролиран, со извртување, но кога мигрираат летаат брзо и директно.[3] Тие се обично сами, и летаат одвоено, но може да се здружат со други птици ако времето или географските прилики го наложуваат тоа.[9]

Размножување[уреди]

Возрасен со пилиња

Мажјакот го изведува својот додворувачки лет, наречен „стапче“ меѓу април и јуни. Тој лета над дрвјата со растреперени крилја и потоа се стрмоглавува надолу со насочен клун, испуштајќи неколку длабоки гракања пропратени со остар крик.[2][10] Гнездото го поставува на земја, малку скриено во шумата или во висок врес. Тоа е во облик на обрабена чашка[2] или мала дупка[11][12] обрабена со суви лисја или други растенија.[13] Имаат само едно легло во кое несат 4 бели или кремави јајца со светло кафеави или сиви дамки,[11] кои ги лежи само женката 21-24 дена. Пилињата веднаш го напуштаат гнездото и се оперјуваат по 15-20 дена, иако можат кратко да летаат по десетина дена.[14] Кога е во опасност, мајката може да лета носејќи ги пилињата меѓу нозете, во канџите или на грбот. Ова ретко може да се види.[4]

Исхрана[уреди]

Шумската шлука се храни копкајќи со клунот во меката почва зад грмушки, обично добро скриена. Главно, јадат црви, но, исто така, инсекти и нивните ларви, слатководни мекотели и некои растителни семиња. [12] Во студените зими кога земјата замрзнува, тие се принудени да јадат семиња.[8]

Односи со луѓето[уреди]

Лов[уреди]

Во многу земји шумската шлука е предмет на спортски лов, а нејзината големина, брзина и начин на летање претставува предизвик за ловџиите. Во кулинарски цели, најдобра е за јадење од октомври до декември. По стрелањето, птицата се остава да виси, за да ѝ се подобри вкусот, а се јаде како предјадење или за доручек.

Во фолклорот и културата[уреди]

Поштенска марка од Германија

Во Велика Британија, раното пристигнување на преселниците од овој вид наесен, значи дека годината ќе биде бериќетна, со добра берба, а особено ако останат до пролет. Порано се верувало дека овие птици летаат на Месечината во месеците кога не се во Британија, и првата полна месечина во ноември, кога голем број пристигнуваат на британските брегови, понекогаш се нарекува „Месечина на шумската шлука“ ('woodcock moon').[15]

Рени и Вилсон напишаа дека англиското презиме Вудкок (Woodcock) произлегло од прекарот од оваа птица, што значи, „будала“, „глупак“.[4][16] Но, оваа хипотеза е непријатна од многу причини.


Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). Scolopax rusticola. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106002978. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Mullarney, Killian; Svensson, Lars; Zetterstrom, Dan; Grant, Peter (1999). „Collins Bird Guide“. London: HarperCollins. стр. 150. ISBN 0-00-219728-6. 
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 „BWPi: The Birds of the Western Palearctic on interactive DVD-ROM“. London: BirdGuides Ltd. and Oxford University Press. 2004. ISBN 1-898110-39-5. 
  4. 4,0 4,1 4,2 Cocker, Mark; Mabey, Richard (2005). „Birds Britannica“. London: Chatto & Windus. стр. 214–219. ISBN 0-7011-6907-9. 
  5. 5,0 5,1 5,2 R. A. Robinson. „Woodcock Scolopax rusticola. „BirdFacts“. British Trust for Ornithology. http://blx1.bto.org/birdfacts/results/bob5290.htm. конс. 13 септември 2009. 
  6. (латински) Linnaeus, C (1758). „Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata.“. Holmiae. (Laurentii Salvii).. стр. 146. 
  7. „Genus VI. - Scolopax, Linn. Snipe“. Audubon. http://www.audubon.org/bird/BoA/F36_G6.html. конс. 13 септември 2009. 
  8. 8,0 8,1 Tucker, Graham M.; Heath, Melanie F. (1995). „Birds in Europe: Their Conservation Status“. BirdLife Conservation Series. 3. Cambridge: BirdLife International. стр. 270–271. ISBN 0-946888-29-9. 
  9. 9,0 9,1 9,2 „Eurasian Woodcock“. „Datazone“. BirdLife International. http://www.birdlife.org/datazone/species/index.html?action=SpcHTMDetails.asp&sid=2978&m=0. конс. 13 септември 2009. 
  10. Greenoak, Francesca (1979). „All The Birds Of The Air“. Book Club Association. стр. 130–133. ISBN 0-7153-9782-6. 
  11. 11,0 11,1 Vere Benson, S. (1966). „The Observer's Book of Birds“. London: Frederick Warne & Co. Ltd. стр. 155. 
  12. 12,0 12,1 Gooders, John (1982). „Collins British Birds“. London: William Collins Sons & Co Ltd. стр. 181. ISBN 0-00-219121-0. 
  13. Brown, Roy; Ferguson, John; Lawrence, Michael; Lees, David (1999). „Tracks & Signs of the Birds of Britain & Europe - an Identification Guide“. London: Helm. стр. 64. ISBN 0-7136-5208. 
  14. Jonsson, Lars (1996). „Birds of Europe“. London: Helm. стр. 250. ISBN 0-7136-4422-2. 
  15. Cross, T.; Williams, O. (2008). „Woodcock ringing“. „Ringers' Bulletin“ 12 (4): 50. http://blx1.bto.org/pdf/rbbackissues/rb_12_4.pdf.  Retrieved 13 September 2009
  16. Reaney, P. H.; Wilson, R. M. (1997). „A Dictionary of English Surnames. Revised Third Edition“. Oxford: Oxford University Press. стр. 499. ISBN 0-19-860092-5. 

Надворешни врски[уреди]