Царка Андреевска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Царка Андреевска
Родена 30 декември, 1924 година
Кратово, Македонија под окупација на Кралство СХС
Починала 6 април, 1944 година
Штип, Македонија
Стрелана од бугарите
Националност Македонка

Царка Дончова Андреевска (30 декември 1924 во Кратово6 април 1944 во Штип) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

По завршувањето на основното образование, се запишала во граѓанското училиште во Кратово. По окупацијата на Македонија од германско-бугарските фашистички окупатори и присилното бугаризирање на македонското население, му пркосела на окупаторот со тоа што не сакала да го продолжи образованието во окупаторските асимилаторски училишта. Како напредна младинка и симпатизер на ослободителното движење, активно се вклучила во помагање на движењето. Таа активно учествува во организирање вечеринки за собирање на напредната младина, на кои се зборувало за организирање и давање отпор против бугарскиот окупатор за ослободување на Македонија. На една од повеќето задачи, што од партиската организација во градот ги добила, била да помогне во планираниот напад на рудниците Злетово-Пробиштип, од народноослободителната војска и тоа ноќта на 2 спрема 3 април 1944 година. Во очекување на нападот на рудниците Добрево и Пробиштип, заедно со Вера Пазаванска дошле во Пробиштип заради организирање на приредба, со која имале за цел да ја намалат будноста на бугарската и германската војска пред претстојниот напад на Пробиштип. По изведениот успешен напад на рудникот, Царка со уште неколку другари била фатена и затворена. Бугарската полиција ја претресла куќата на рударот Томо Буиќ, роден во Сињ - Хрватска, а доселен како рударски работник во Пробиштип уште од 1935 година. Бидејќи во неговата куќа биле засолнети ѝ Царка ѝ Вера Пазаванска, при овој претрес на неговата куќа ги наоѓаат илегалните материјали кои тие ги донеле од Кратово. Истата ноќ, Царка и другите активисти се уапсени и се пренесени во штипскиот затвор и биле подложени на ѕверско мачење за да ги издадат своите организирани другари во Кратово. Откако таа не признала ништо, на 6 април 1944 година, изведени се пред суд и осудени на смртна казна стрелање, која веднаш е извршена, пред очите на насила насобраниот народ, во близината на Штип на десниот брег на реката Брегалница.[1] Заедно со неа се убиени уште 11 младинци и рудници, меѓу кои и две други жени.[2]

Во нејзина чест една улица како и детска градинка во нејзиниот роден град Кратово, се именувани токму по неа.[3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Нивната борба за слобода, наш патоказ за иднината. Кратово: Општински одбор на СЗБ НОВ Кратово. 1985. стр. 29–30.
  2. „Германска бомба го ранила, германски лекар го излекувал по авиобомбардирањето на Штип на 6 април 1941“. ММС. 2019-04-06. Архивирано од изворникот на 2021-08-06.
  3. „Образование | Opstina Kratovo“.