Фемке Бол

Од Википедија — слободната енциклопедија
Фемке Бол
Бол со освоениот златен медал на Светското првенство 2023 во Будимпешта
Лични податоци
НационалностХоландија Холанѓанка
Роден(а)23 февруари 2000(2000-02-23)(24 г.)
Амерсфорт, Холандија
Висина1.84 м
Тежина65 кг[1]
Спорт
Земја Холандија
СпортАтлетика
Дисциплини
КлубАВ Алтис[2]
ТренерЛорен Меули (од 2019 г.)[3]
Инфо од 27 август 2023.

Фемке Бол (родена на 23 февруари 2000 г.) — холандска атлетичарка која е специјализирана за трките на 400 метри со пречки и 400 метри.

Бол е сопственик на светскиот рекорд на 400 метри во сала кој изнесува 49.26 секунди, европскиот рекорд на 400 метри со пречки кој изнесува 51.45 секунди, правејќи ја втората најбрза жена во историјата во оваа дисциплина, како и сопственик на пет холандски рекорди во поединечните и штафетните трки. Таа исто така е сопственик на најбрзите светски времиња на 300 метри со пречки и на 500 метри во сала.

Таа освоила два златни медали на Светското првенство 2023, била победник во Дијамантската лига во 2021 и 2022 година, и освоила бронзен медал на Летните олимписки игри 2020. Таа е четирикратен освојувач на сребрен медал од светските првенства на отворено и во сала, седумкратен освојувач на златен медал од европските првенства на отворено и во сала и носител на златен медал од Европските игри 2023.

Бол била прогласена за европска атлетичарка во подем во 2021 година и европска атлетичарка на годината во 2022 година.

Детство и почетоци[уреди | уреди извор]

Фемке Бол е родена на 23 февруари 2000 година во Амерсфорт, Холандија.[4][5]

Како дете Бол тренирала џудо откако на двапати ја скршила раката и нејзиниот доктор го препорачал спортот за да научи како да паѓа.[6]

Во 2008 година, таа започнала да тренира атлетика во локалниот клуб АВ Триатлон, следејќи го нејзниот постар брат кој веќе бил член на клубот.[7][8] Во интервју, Бол изјавила за спортот: „Тоа беше начин да го прочистиш умот и едноставно да се забавуваш и да не размислуваш премногу за другите работи. Тоа е сè уште она што ми се допаѓа во врска со спортот.“[9] Во 2014 година, таа се префрлила во локалниот клуб АВ Алтис, каде што нејзиниот тренер Вернер Андреа го открил нејзиниот талент за трки на подолги патеки.[10]

Бол се школувала на Фарел Колеџ и од 2021 година е студент на отсекот комуникациски науки на Универзитетот во Ваненинген.[10][7]

Кадетска и јуниорска кариера[уреди | уреди извор]

Бол се фокусирала на трките на 400 метри во 2015 година, на 15-годишна возраст, и започнала да победува на трки во Холандија во својата возрасна група.[11] Таа освоила пет државни кадетски титули на 400 метри (на отворено и во сала) меѓу 2015 и 2017 година, и четири јуниорски титули во 2018 и 2019 година (400 метри на отворено и во сала и 400 метри со пречки).[4] Во 2016 година, таа започнала да тренира во градот Арнем, во клубот Цико'66, каде што нејзините родители ја носеле на тренинг речиси секој ден.[11]

Бол на 19-годишна возраст на Светското првенство 2019 во Доха.

На меѓународно ниво, таа постојано напредувала. Натпреварувајќи се со постари атлетичарки, Бол не успеала да ги помине квалификациите на 400 метри на Европскиот младински олимписки фестивал 2015 во Тбилиси, Грузија. Две години подоцна, 17-годишната Бол се натпреварувала на Европското јуниорско првенство во Гросето, Италија и успеала да се пласира во полуфиналето на трката на 400 метри.[4]

Во 2019 година, нејзината последна година како јуниор, таа ја освоила својата прва државна сениорска титула (на 400 метри во сала).[4] Во јуни, во нејзината трета трка со пречки во својата кариера, во Женева, Бол ги соборила холандските рекорди до 20 и до 23 години постигнувајќи норма за Светското првенство 2019 со време од 55.94 секунди.[12][13] Во јули, таа потврдила дека е најдобра европска атлетичарка до 20 години во дисциплината 400 метри со пречки, освојувајќи златен медал на Европското јуниорско првенство во Бурос, Шведска. На Светското првенство 2019 во Доха во октомври, Бол стигнала до полуфиналето со истрчан сопствен најдобар резултат од 55.32 секунди во квалификациите, станувајќи втора најбрза жена до 20 години во историјата.[14][15] Таа исто така помогнала на холанскиот тим да се пласира во финалето на штафетната трка на 4 × 400 метри и да го освои седмото место во финалето.[4] Од ноември 2019 година таа започнала да тренира на олимпискиот тренинг центар Папендал близу Арнем, заедно со швајцарскиот тренер Лорен Меули и нејзиниот поранешен тренер Брам Петерс кој имал улога на помошник тренер.[11]

Сениорска кариера[уреди | уреди извор]

2020: Прв сениорски холандски рекорд[уреди | уреди извор]

Бол прв пат соборила холандски рекорд на 18 јули 2020 година.

Бол била принудена да тренира на песочни патеки низ шумите и на тревни полиња кога за првпат биле донесени мерките за карантин од КОВИД-19 во месец март. И покрај ова, во јули во Папендал, таа го соборила речиси за секунда државниот рекорд на 400 метри со пречки кој изнесувал 54.62 секунди поставен од Естер Гусенс во 1998 година.[16] Прво, трчајќи на дожд, таа истрчала време од 54.47 секунди, време кое не можело да биде ратификувано бидејќи на трката настапила само уште една натпреварувачка. Две недели подоцна, таа истрчала време од 53.79 секунди, што претставува четврто најбрзо време за атлетичарки под 23 години во историјата.[17] Со овој резултат, таа би завршила на четвртото место на Светското првенство од претходната година, пропуштајќи бронзен медал за само пет стотинки.

Во текот на оваа пандемиска сезона, таа победила на сите следни трки на кои настапила: две трки од Дијамантската лига, и три трки од светската континентална серија. Таа победила на трка во Секешфехервар, Унгарија на 19 август, а потоа го повторила успехот четири дена подоцна на трката од Дијаманстката лига во Стокхолм. Во септември, таа победила на трките во Острава (300 метри со пречки), Белинцона и Рим.

2021: Олимписки бронзен медал[уреди | уреди извор]

Во 2021 година, Бол постепено ги подобрила своите најдобри истрчани времиња, поставувајќи 11 државни рекорди и уште 5 рекорди како член на штафетните екипи.[18]

Таа ја започнала сезоната во сала на 30 јануари, подобрувајќи го сопствениот најдобар резултат на 400 метри за повеќе од 1.5 секунди со што поставила нов холандски рекорд со време од 50.96 секунди на трка во Виена. Бол потоа победила на следните седум трки на кои настапила, подобрувајќи го личниот и државниот рекорд во сите финалиња. Натпреварувајќи се во светската серија во сала, таа едноподруго поставувала нов рекорди на трките, и тоа во Мец (50.81 с.) и Торуњ (50.66 с.), како и на холандското државно натпреварување во сала (50.64 с.), а на европското првенство во сала во Торуњ во март, трката на 400 метри ја завршила со ново најдобро време од 50.63 секунди, што било доволно за златен медал.[19][20] Вториот златен медал на првенството, Бол го освоила на штафетната трка 4 × 400 метри каде што холандскиот тим поставил нов рекорд на првенствата со време 3:27.15.[21][22]

Бол на Европското првенство во сала 2021 во Торуњ, Полска.

Сезоната на трки на отворено, Бол ја започнала на светското штафетно првенство каде што со холанскиот тим го освоила четвртото место на трката на 4 × 400 метри, а потоа, неколку недели подоцна, таа истрчала нов државен рекорд на 400 метри со време од 50.56 секунди на трка во Леде, Белгија. Таа потоа започнала да го подобрува сопствениот и државниот рекорд на 400 метри со пречки на трки од Дијамантската лига, започнувајќи со резултат од 53.44 секунди во Фиренца. ​Во тоа време, тоа било и европски рекорд до 23 години, соборувајќи рекорд поставен пред 37 години.[23] На 19 јуни, таа настапила на трката на 400 метри на Европското тимско првенство во Романија и повторно го подобрила својот најдобар резултат, истрчувајќи за 50.37 секунди.[24] На 1 јули во Осло, таа победила на трката на 400 метри со пречки со време од 53.33 секунди, а само 4 дена подоцна, таа успеала да го подобри тој резултат за речиси една секунда истрчувајќи за 52.37 секунди во Стокхолм, победувајќи ја Шамир Литл за 0.02 секунди. На 6 јули, таа победила на трката на 400 метри со пречки од континенталната серија во Секешфехервар со време од 52.81 секунди, повторно оставајќи ја зад себе Литл, за 0.04 секунди.[25] Со победата на трката од Дијамантската лига во Гејтсхед на 13 јули, таа таа ја продолжила својата серија без пораз во нејзината дисциплина на вкупно 12 трки. Таа трет пат по ред била подобра од американката Литл, но овој пат остварила доминантна победа.

Бол во полуфиналето на 400 м со пречки во Токио при силен дожд.

На пролонгираните Летни олимписки игри 2020 во Токио, Бол настапила на трката на 400 метри со пречки, како и на штафетните трки 4 × 400 метри во женска конкуренција и мешано. На трката со 400 метри со пречки која била најбрза во историјата, таа го освоила бронзениот медал, пристигнувајќи на целта зад Сидни Меклафлин (51.46 – светски рекорд) и Далила Мухамед (51.58 – втор најдобар резултат во историјата).[26][27] Бол сепак успеала да го собори европскиот рекорд на Јулија Печонкина стар 18 години со нејзиното време од 52.03 секунди, што ја направило трета најбрза жена во историјата во оваа дисциплина. Тоа исто така било прв медал за Холандија во оваа дисциплина.[28] Претходно на игрите, таа помогнала на мешаниот штафетен тим на Холандија да постави државен рекорд во финалната трка, истрчувајќи го нејзиниот сегмент за 49.74 секунди, а потоа едноподруго заедно со холанската женска штафета го соборувала рекордот на Холандија во квалификациите и во финалето, трчајќи како последна измена за 49.14 и 48.97 секунди редоследно.[29] На 8 август, таа за прв пат била рангирана на првото место на светскиот ранкинг во дисциплината 400 метри со пречки.[30]

По игрите во Токио, во август и септември, таа ја продолжила доминацијата во Дијамантската лига на трките со пречки, победувајќи во Лозана и Цирих. Таа поставила нови рекорди на патеките од 53.05 и 52.80 секунди редоследно, со што го освоила својот прв дијамантски трофеј.[31][32] Во сезоната, таа победила на сите шест трки од Дијамантската лига на кои настапила, и ја завршила сезоната со вкупно 11 победи на 12 трки во дисциплината 400 метри со пречки.[33] Таа четири пати ја соборила границата од 53-секунди во годината и била прогласена за европска атлетичарка во подем за 2021 година.[4]

2022: Светски вицепрвак и трикратен европски првак[уреди | уреди извор]

Бол (втора од лево) на Светското првенство во сала 2022 во Белград.

Фемке Бол ја започнала сезоната во сала во Мец, каде што го подобрила својот претходен рекорд на трката на 400 метри со пречки (50.72), и исто така била победник на 200 метри со нов најдобар резултат (23.37). На 27 февруари, на холандското државно првенство во сала, таа го подобрила нејзиниот сопствен државен рекорд со време од 50.30 секунди, кој во тоа време бил подобар од нејзиниот најдобар резултат на отворено, и ја пласирал на 12. место на списокот на сите времиња. На Светското првенство во сала во Белград во март, Бол освоила сребрен медал на 400 метри со време од 50.57 секунди, заостанувајќи зад Шони Милер-Уибо.[34] Трчајќи како последна измена за холандската женска штафета на 4 × 400 метри, таа успеала да донесе сребрен медал за својот тим и втор за неа на првенството,[35] истрчувајќи го најдоброто време на трката од 50.26 секунди.

Сезоната на трки на отворено, Бол ја започнала на 31 мај во Острава, каде што истрчала најдобро светско време на 300 метри со пречки. Нејзиното време од 36.86 секунди било побрзо за 1.3 секунди од претходното најдобро време на Зузана Хејнова од 2013 година.[36] Таа ја продолжила добрата форма во Дијамантската лига со победи на трките на 400 метри со пречки во Рим, Осло и Стокхолм, соборувајќи го рекордот на патеката во Осло, и подобрувајќи го нејзиниот рекорд во Дијамантската лига во Стокхолм поставен минатата година со време од 52.27 секунди.[37][38][39]

На Светското првенство 2022 во Јуџин, Орегон во јули, Бол прво настапила на мешаната штафетна трка на 4 × 400 метри. Трчајќи во последната измена, таа донела сребрен медал и државен рекорд за Холандија, благодарение на нејзниото време од 48.95 секунди, кое било втор најдобар женски резултат во трката.[40] На трката на 400 метри со пречки, таа го израмнила нејзиниот најдобар резултат во сезоната (52.27) завршувајќи втора зад Сидни Меклафлин (која истрчала нов светски рекорд од 50.68 секунди) и пред Далила Мухамед која завршила трета.[41] Во август, таа за прв пат ја соборила границата од 50 секунди на 400 метри, поставувајќи државен рекорд од 49.75 секунди на трка од Дијамантската лига во Хожов, Полска.[42]

Истиот месец, таа комплетирала златен хет-трик на Европското првенство 2022 во Минхен, со што станала првата спринтерка со двојна победа на трките на 400 метри на едно големо натпреварување, победувајќи убедливо на 400 метри и на 400 метри со пречки. Нејзиното време на трката на 400 метри од 49.44 секунди било најбрзо на европските првенства по 1986 година како и нов државен рекорд, додека пак на трката со пречки, Бол поставила нов рекорд на европските првенства (52.67).[43][44] Таа го завршила првенството истрчувајќи време од 48.52 секунди на штафетната трка 4 × 400 метри, со што на Холандија ѝ донела златен медал и нов државен рекорд; нивниот резултат исто така бил најдобар на европските првенства по 1986 година.[45] Како резултат на тоа, Бол станала само втората холандска атлетичарка по Фани Бланкерс-Коен која освоила три златни медали на европско првенство.[46]

На нејзиното враќање на трките во Дијамантската лига, Бол поставила нов рекорд на патеката во Лозана на 400 метри со пречки, и потоа ја завршила нејзината сезона со одлучувачка победа во Цирих, успешно одбранувајќи ја дијамантската титула.[47] Таа шест пати ја соборила границата од 53-секунди во годината, останувајќи непобедлива на 11 од 12 трки на 400 метри со пречки, и ја добила наградата за европска атлетичарка на годината.[4][48]

Лични рекорди[уреди | уреди извор]

Поединечни дисциплини[уреди | уреди извор]

Дисциплина Резултат (м:)с Време Датум Рекорд Белешка
На отворено 200 метри 22.88 Бреда, Холандија 29 јули 2023
400 метри 49.44 Минхен, Германија 17 август 2022 ДР
300 метри со пречки 36.86 Острава, Чешка 31 мај 2022 НСВ Неолимписка дисциплина
400 метри со пречки 51.45 Лондон, Обединетото Кралство 23 July 2023 ЕР Втора најбрза на сите времиња.[49]
Во сала 200 метри 22.87 Мец, Франција 11 февруари 2023 ДР
400 метри 49.26 Апелдорн, Холандија 19 февруари 2023 СР
500 метри 1:05.63 Бостон, МА, САД 4 февруари 2023 НСВ Неолимписка дисциплина

Екипни дисциплини[уреди | уреди извор]

Дисциплина Резултат м:с Место Датум Рекорд Белешки
На отворено 4 × 400 метри штафета (жени) 3:20.72 Будимпешта, Унгарија 27 август 2023 ДР Заедно со Евелин Салберг, Лике Клавер и Кателијн Петерс.[50] Бол трчала како последна измена.[50]
4 × 400 метри штафета (мешано) 3:09.90 Јуџин, ОР, САД 15 јули 2022 ДР Заедно со Лиемарвин Боневасија, Лике Клавер и Тони ван Дипен.[51] Бол во последната измена истрчала време од 48.95 секунди.[52]
Во сала 4 × 400 метри штафета (жени) 3:25.66 Истанбул, Турција 5 март 2023 ДР Трет најбрз тим на сите времиња.[53] Заедно со Лике Клавер, Евелин Салберг и Кателијн Петерс.[54] Бол во последната измена истрчала време од 49.58 секунди.[54]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Femke Bol“. eurosport.com. Посетено на 4 септември 2021.
  2. Dick Leseman (2021-03-05). „De Arnhemse jaren van Femke Bol; 'Slungelig meisje' is nu wereldtopper“. De Gelderlander (холандски). Архивирано од изворникот 5 март 2021. Посетено на 2021-08-04.
  3. „After success in Switzerland, Meuwly is working his magic in the Netherlands“. European Athletics. 2020-03-23. Архивирано од изворникот 5 February 2022. Посетено на 2021-08-04.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 „Femke BOL – Athlete Profile“. World Athletics. Архивирано од изворникот 22 јули 2020. Посетено на 15 јули 2021.
  5. Liselot Bouman, "Lees hier alles over atlete Femke Bol" (на холандски), Runners World, 9 август 2023. Retrieved 16 август 2023.
  6. McAlister, Sean (7 септември 2022). „Five things to know about 400m hurdles star Femke Bol“. МОК. Архивирано од изворникот на 15 септември 2022. Посетено на 15 септември 2022.
  7. 7,0 7,1 Vreeswijk, Bert. „Femke Bol: Wat goed is komt snel“. baan-atletiek.nl (холандски). Архивирано од изворникот 11 март 2020. Посетено на 4 август 2021.
  8. "Beste vriendin Femke Bol was tot haar 14de sneller: 'Ineens liep ze voor me'" (на холандски), RTL Nieuws, 5 август 2021. Retrieved 16 август 2023.
  9. Crumley, Euan (5 април 2021). „Femke Bol pushing herself to new heights“. Athletics Weekly. Архивирано од изворникот 1 февруари 2022. Посетено на 4 август 2021.
  10. 10,0 10,1 van den Boom, Iris (26 февруари 2023). „Femke Bol was slungelig pubermeisje, nu een atlete van wereldformaat: 'Klagen doet ze nooit'. Brabants Dagblad (холандски). Архивирано од изворникот 3 март 2023. Посетено на 26 февруари 2023.
  11. 11,0 11,1 11,2 Schoonderwoert, Richard (2021-08-03). „De pijlsnelle ontwikkeling van Femke Bol“. Wayback Machine (холандски). TeamNL.org. Архивирано од изворникот 11 февруари 2022. Посетено на 2022-02-11.
  12. „Statistisch jaarboek 2019“ (PDF). atletiek.nl (холандски). Royal Dutch Athletics Federation. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-03-27. Посетено на 2023-03-27.
  13. Bol, Femke (2022-01-28). „Dream bigger“. spikes.worldathletics.org. Архивирано од изворникот 3 March 2023. Посетено на 2022-01-28.
  14. Mulkeen, Jon; Ramsak, Bob (2020-07-19). „Crouser throws 22.91m, Bol breaks Dutch 400m hurdles record“. World Athletics. Архивирано од изворникот 21 April 2021. Посетено на 2021-06-24.
  15. „400mH Women - U20 - Outdoor - Europe | until 2021-06-24“. World Athletics. Архивирано од изворникот 24 June 2021. Посетено на 2021-06-24. Change filters for other age / area / time range
  16. van Ommeren, Hans (2020-08-09). „Staat Femke Bol aan het begin van een imposante carrière?“. Utrechtse Sportkrant (холандски). Архивирано од изворникот 14 март 2023. Посетено на 2021-08-04.
  17. „Bol scorches to world 400m hurdles lead of 53.79 in Papendal“. European Athletics. 18 јули 2020. Архивирано од изворникот 11 април 2021. Посетено на 7 март 2021.
  18. „Femke Bol's 2021 Dutch record count“. Twitter. European Athletics. 2021-10-20. Архивирано од изворникот 20 October 2021. Посетено на 2021-10-20.
  19. „Metz Moselle Athlelor – Les Records Femmes 01/02/2022“. Wayback Machine. meeting-metz-moselle-athlelor.fr. 2022-02-01. Архивирано од изворникот на 1 February 2022. Посетено на 2022-02-01.
  20. „Copernicus Cup – Rekordy 01/02/2022“. Wayback Machine. Copernicus Cup. 2022-02-01. Архивирано од изворникот на 1 February 2022. Посетено на 2022-02-01.
  21. Henderson, Jason (6 March 2021). „Femke Bol delivers in style“. AW. Архивирано од изворникот 6 March 2021. Посетено на 6 March 2021.
  22. „No barriers for record-breaker Bol“. World Athletics. 2021-07-14. Архивирано од изворникот 14 јули 2021. Посетено на 14 јули 2021.
  23. „Bol breaks long-standing European U23 400m hurdles record in Florence“. European Athletics. 2021-06-11. Архивирано од изворникот 26 јануари 2022. Посетено на 2021-06-11.
  24. „Bol's 400m championship record puts the Netherlands on the promotion path in Cluj-Napoca“. European Athletics. 2021-06-19. Архивирано од изворникот 15 јануари 2022. Посетено на 2022-01-01.
  25. Mulkeen, Jon (2021-07-06). „Thompson-Herah, Bol and Simbine sizzle to meeting records in Szekesfehervar“. World Athletics. Архивирано од изворникот 1 јануари 2022. Посетено на 2022-01-01.
  26. Henderson, Jason (2021-08-04). „Sydney McLaughlin wins 400m hurdles showdown in world record“. AW. Архивирано од изворникот 31 January 2022. Посетено на 2021-08-04.
  27. Ingle, Sean (2021-08-04). „The greatest race ever part II: Sydney McLaughlin wins 400m hurdles gold in world record time“. TheGuardian.com. Архивирано од изворникот 4 август 2021. Посетено на 2021-08-04.
  28. „Silver in swimming, bronze for hurdles – more Olympic success for NL“. DutchNews.nl. 2021-08-04. Архивирано од изворникот 4 August 2021. Посетено на 2021-08-04.
  29. „Athletics - BOL Femke“. Tokyo 2020 Olympics. Tokyo Organising Committee of the Olympic and Paralympic Games. 7 август 2021. Архивирано од изворникот на 18 октомври 2021. Посетено на 1 август 2021.
  30. "World Rankings Women's 400mH", World Athletics, 10 август 2021. Retrieved 11 август 2023.
  31. „Wanda Diamond League | Lausanne (SUI) | 25th-26th Aug 2021“ (PDF). Diamond League. 2021-08-26. стр. 11. Архивирано (PDF) од изворникот 23 October 2021. Посетено на 2021-09-09.
  32. „Wanda Diamond League Final | Zürich (SUI) | 8th-9th Sept 2021“ (PDF). Diamond League. 2021-09-09. стр. 10. Архивирано (PDF) од изворникот 21 January 2022. Посетено на 2021-09-09.
  33. „Bol wins again in Bellinzona as Sprunger bows out“. European Athletics. 2021-09-15. Архивирано од изворникот 15 January 2022. Посетено на 2021-09-15.
  34. Rowbottom, Mike (2022-03-19). „Jacobs beats Coleman in World Athletics Indoor Championships 60 metres showdown as Crouser suffers shock defeat“. Inside the Games. Архивирано од изворникот 26 март 2022. Посетено на 2022-03-19.
  35. Crumley, Euan (2022-03-21). „Tefera turns the tables on Ingebrigtsen“. AW. Архивирано од изворникот 21 март 2022. Посетено на 2022-03-21.
  36. „Bol blazes to world 300m hurdles best of 36.86 in Ostrava“. European Athletics. 2022-05-31. Архивирано од изворникот 1 June 2022. Посетено на 2022-05-31.
  37. Whittington, Jess (2022-06-09). „Jackson wins sprint showdown, Kimeli reigns in Rome“. World Athletics. Архивирано од изворникот 29 јуни 2022. Посетено на 2022-06-09.
  38. Mulkeen, Jon (2022-06-16). „Ingebrigtsen, Bol and Duplantis in record-breaking form in Oslo“. World Athletics. Архивирано од изворникот 29 June 2022. Посетено на 2022-06-16.
  39. Turnbull, Simon (2022-06-30). „Duplantis scales 6.16m in Stockholm for highest ever outdoor vault“. World Athletics. Архивирано од изворникот 18 July 2022. Посетено на 2022-06-30.
  40. „Bol runs sizzling anchor to secure mixed 4x400m silver for the Netherlands in Oregon“. European Athletics. 2022-07-16. Архивирано од изворникот 1 септември 2022. Посетено на 2022-07-16.
  41. Whittington, Jess (2022-07-23). „McLaughlin obliterates world 400m hurdles record with 50.68 in Oregon“. World Athletics. Архивирано од изворникот 11 August 2022. Посетено на 2022-08-21.
  42. Smythe, Steve (2022-08-06). „Jamaican sprint women in form in Silesia“. AW. Архивирано од изворникот 10 August 2022. Посетено на 2022-08-21.
  43. „Multi-talented Bol storms to European 400m title in 49.44“. European Athletics. 2022-08-17. Архивирано од изворникот 21 August 2022. Посетено на 2022-08-21.
  44. „Warholm and Bol provide a 400m hurdles masterclass in Munich“. European Athletics. 2022-08-19. Архивирано од изворникот 20 August 2022. Посетено на 2022-08-21.
  45. Smythe, Steve (2022-08-20). „British men bounce back with 4x400m gold as Bol completes hat-trick“. AW. Архивирано од изворникот 21 август 2022. Посетено на 2022-08-21.
  46. „Bol emulates Blankers-Koen with third gold medal of the championships in Munich“. European Athletics. 2022-08-20. Архивирано од изворникот 22 August 2022. Посетено на 2022-08-21.
  47. Whittington, Jess (2022-08-26). „Ingebrigtsen, Rojas and Lyles light up Lausanne“. World Athletics. Архивирано од изворникот 28 август 2022. Посетено на 2022-08-26.
  48. „World Leaders by Ingebrigtsen & Korir Highlight 2022 Diamond League Final“. LetsRun.com (англиски). 2022-09-08. Архивирано од изворникот 9 September 2022. Посетено на 2022-09-08.
  49. All time Top list 400 Metres Hurdles women, World Athletics, 2023. Retrieved 15 август 2023.
  50. 50,0 50,1 "Results 4 x 400 Metres Relay Women - Final (revised)", World Athletics, 27 август 2023. Retrieved 28 август 2023.
  51. "Results 4 x 400 Metres Relay Mixed - Final (revised)", World Athletics, 15 јули 2022. Retrieved 28 август 2023.
  52. "Race Analysis 4 x 400 Metres Relay Mixed - Final (revised)", World Athletics, 15 јули 2022. Retrieved 28 август 2023.
  53. All Time Top List 4x400 Metres Relay women, World Athletics, 2023. Retrieved 9 август 2023.
  54. 54,0 54,1 "Results Book European Athletics Indoor Championships Istanbul 2023", European Athletics, 2023. Retrieved 28 август 2023.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]