Социјализација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Семејство коешто се социјализира за време на фотографирање.

Социјализацијата претставува процес во рамките на кој индивидуите го учат начинот на живот во општеството или групата и така се оспособуваат за живот во неа. Тоа претставува процес на учење кој се остварува преку взаемна интеракција помеѓу членовите во едно општество. Преку социјализацијата од човекот, кој е роден како беспомошно и потполно зависно суштество од другите, се развива во општествено суштество со голем број на вариетети на вештини и знаења, вредности и примероци на однесување. Социјализацијата претставува процес на учење во кој се усвојуваат нормите и правилата на својата култура со која стануваме способни за да дејствуваме во општеството. Доследно на тој поим значи да станеме општествени. Социјализацијата е општествена вредност, во рамките на која нормите и обрасците на однесување се пренесуваат од една генерација на друга, кои се усвојуваат за да бидат составен дел од личноста.

«Културата има свој континуитет, правила и обрасци на однесување. Културните вредности кои се содржани во Јудаизмот на пример, се пренсеуваат од генерација на генерација веќе со илјади години. Нам пак ни се чини дека континуитетот кој постои е многу поголемо достигнување. Пред да се направи потполна измена на луѓето во секоја генерација, секоја генерација треба целокупната култура да ја пренесе на секоја наредна генерација, тој процес се нарекува социјализација» [1]

Социјализацијата како општествена функција[уреди]

Од општествен аспект социјализацијата претставува процес со кој се пренесуваат општествените правила и вредности од генерација на генерација, тоа е процес со кој се овозможува стабилно функционирање на општеството. Таквите правила и вредности поединците во општеството мора да ги усвојат како закони, не само за да бидат стабилни членовите, туку и заради тоа да се извршат што подобро општествените задачи и улоги. Заедничките правила и норми не ни се потребни за да сфатиме што другите бараат од нас, туку и заради тоа да оствариме внатрешна согласност во општеството со надворешните барања.

На пример: на погреб вдовицата треба да плаче. Не смее да се смее и да се весели од олеснување. Тоа не е само за да побегне од незгодните моменти, туку заради тоа што таквото однесување се прифаќа како своја внатрешна обврска. Или како што може поинаку (народски) да се рече, «грижа на совеста» да се направи нешто што не доликува.

Кога се прилагодуваме на дадениот момент тогаш зборуваме за конформирање со настанот, кога се навикнуваме на таквото однесување, општеството, нашата општествена околина не наградува за таквото однесување со одобрување, внимание и признавање.

Талкот Парсонс, кој е водечки функционалистички теоретичар, смета дека социјализацијата е една од главните задачи на секое општество. Меѓутоа тој не е познат по јасниот стил и едноставното изразување. Неговата теза е ваква: «Главен функционалистички проблем кој се однесува на општествениот систем и системот на личност е развојот за одржување на текот на циклусот на доволна мотивација за дејствување, на облиците на дејствување кои ги цени и со кои управува општеството; за своето добро, општеството мора да им овозможи на своите членови доволно задоволство или награда преку дејствување на таквите облици, ако сака да постои непрекината соработка за да функционира како систем. Овој процес на „социјализација“ претставува сплет на процеси преку кои индивидуите стануваат членови на социјалната заедница (социјална заедница се нормите и вредностите на општеството) и го одржуваат тој статус… Процесот на социјализација претставува пресуден фактор во обликувањето и функционирањето на личностите. Успешната социјализација има потреба општеството да овозможи културно учење заради силно одржување низ механизмите на задоволството»[2]

Секоја единка во општеството се раѓа беспомошна, некултивирана и која е зависна од другите луѓе. Со социјализацијата единката се стекнува со знаења и навики, како и развива склоп на карактеристики кои ги стекнува, со што ги стекнува сите квалитети со ки суштински се разликува од другите живи суштества. Со социјализацијата човекот се формира во личност. Социјализацијата трае преку целиот животен век, меѓутоа со текот на времето се менуваат нејзините задачи и цели, односно содржината на нормите и вредностите со кои се стекнува социјализацијата. Во добата на зрелост се нормите и вредностите кои влијаат на изборот на партнерот, прилагодување кон работниот свет и слично. Во староста пак задачата на социјализацијата е да се прифатат општествените објаснувања како мирно да се прифатат причините за физичката немоќ, болестите и неминовната смрт.

Искуството на социјализацијата влијае на развојот, на обликувањето на личноста и на сликата која ја имаме за себеси. Социјализацијата ги оспособува поединците за живот во општеството, како и ги оспособува за функционирање на општествено очекување на прифатлив начин на однесување. Успехот на социјализацијата постигнува да се појават основни сличности помеѓу припадниците на иста култура. Истиот процес овозможува и развој на биолошката единка во личност. Личноста е единствената комбинација на елементи и обележја со свои специфични особини. Личностите кои се различни (различни, варијабилни), општеството ги дозволува само во рамките на поединечните култури.

Денес се поставува прашањето — Дали човекот е производ на околината или на наследството? — Погрешно! Подобро е да се постави прашањето: колкава е улогата на наследството, а колкава е на околината? Несвојствено е формирањето на човечката личност без учество на околината или наследството и тешко може да се одреди во колкава мера делува едниот или другиот фактор. Сепак може да се тврди дека на пример врз формирањето на ставовите поголемо влијание има околината, додека врз темпераментот поголемо влијание има наследството. Но, постојат и социјални однесувања, како на пример агресивно однесување, просоцијално однесување, деликвентно однесување, или прилагодувањето во училиштето каде не може да се тврди со сигурност колкаво е влијанието на наследството, а колкаво на околината.

Социјализацијата како траен процес[уреди]

Социјализацијата започнува со раѓањето. Од моментот на раѓање добиваме нараквица со број за да не можат да не заменат со други, добиваме сина или розова облека за да не идентификуваат како машко или женско. Со самиот тој чин започнува процес на учење на општествените норми. На пример, воочливо е дека на машките и женските деца им се наметнуваат различни норми на однесување. Кај машките се наметнува агресивноста, затоа им се купуваат играчки кои ја симболизираат агресивноста, на пример пиштоли, пушки, фигури на мали војници и така натаму. Од друга страна пак, кај женските деца е сосема поинаку, кај нив се наметнува стереотипното однесување на мајки и жени, па им се купуваат кукли, мали кујни за играње и слично. Но на некои девојчиња им претставува задоволство да играат фудбал, додека пак на некои момчиња интересно им е да играат со кукли. Меѓутоа општеството често присилно успева да ги наметне стандардните и стереотипните обрасци на однесување. Психолозите упатуваат на тоа дека во изградувањето на особините на личноста особено се важни искуствата од првата година.

Истражувањата покажуваат дека социјализацијата е процес којшто се одвива во текот на целиот живот, преку кој луѓето ги учат основните вештини, норми, правила, статуси и вредности кои пак се неопходни за да можеме да функционираме како активни членови на општеството.

Степени на социјализација[уреди]

Социјализацијата се одвива во меѓусебната интеракција со другите луѓе во општеството. При то а најмногу учиме од луѓето кои ги сметаме како најважни, а тоа се таткото и мајката, членовите на семејството, пријателите, наставниците и други. Низ таа интеракција го прифаќаме она однесување што е општествено прифатливо, тоа што можеме да го очекуваме ако ги следиме или прекршиме општествените норми и вредности. Учиме од луѓето кои ги гледаме на телевизија, на улица, како и во филмовите. Овде не се мисли на формален или службен процес на учење. За нормите и вредностите учиме непосредно со искуството. Социјализацијата не е нешто што треба да се учи како начело или правило — како нешто што «треба». Социјализацијата е учење спрема стварноста. На пример, еден доктор тешко може да не убеди дека пушењето е штетно по здравјето ако и тој пуши. На училиште можеме да научиме што е формалност и се што е критериум на добро дете, но се гледа дека на училиште исто така добро поминуваат и конформистите.

Фази на социјализација[уреди]

Постојат четири основни фази во процесот на социјализацијата и тоа: детство, адолесценција, зрелост и возраст од 65години и над. За време на секоја од овие фази луѓето почнуваат да учат и да развиваат важни и корисни вештини; овие вештини продолжуваат да еволуираат пренесувајќи се и подготвувајќи не за наредната фаза од животот. Одредени групи на луѓе и институции ни помагаат и не водат низ сите четири фази од процесот на социјализација. Овие «агенти на социјализација» вклуќуваат семејство, ушилиште, соученици, колеги, медиуми, религија како и работното место. Без да ги искуси важните фази на социјализација и без интеракција со «агентите на социјализација», можноста за развој и развојот на еден човек се успоруваат или целосно се спречуваат.

Детството е најважната фаза од процесот на социјализација. Првото нешто низ коешто поминуваат луѓето се нарекува примарна социјализација, во која децата развиваат карактер, моторни способности, способност за расудување, го учат јазикот и што е најважно развиваат способност за само-свест. Во подоцнежното детство тие се запознаваат со улогите, вредностите и нормите. Примарната социјализација е темел на социјализацијата. Ако не се научат и развијат овие вештини на почетокот од животот, тешко дека во подоцнежните фази човек може воопшто да ги стекне, при што нема да биде способен да стане активен член на општеството. За време на детството, семејството е најважниот «агент на социјализација». Семејството овозможува такво окружување коешто е клучно за когнитивен, емоционален и физички развој. Интеракцијата со семејството на детето му овозможува да го научи јазикот, да ги научи и усоврши основните моторни вештни (на пример врзување на патики), како и способноста да ги споделува емоциите и да има разбирање за истите. Откако детето ќе ги усоврши основните животни вештини, родителите започнуваат да го учат што е правилно а што не, го учат на послушност, еднаквост; нашите родители не учат и ни ја даваат основата за да можеме да го живееме животот којшто не очекува во иднина. После ова станува јасно дека без фазата на развој во детството и придружната семејна околина, децата воопшто не би биле подготвени да преживеат сами, да комуницираат со други луѓе ниту пак да продолжат понатаму, на следната фаза, адолесценцијата.

Адолесценцијата е следната фаза во процесот на социјализација; таа го продолжува развојот кој се случува во фазата на детството, но во исто време пак поставува основи за новите работи кои што треба да се научат за време на оваа фаза. За време на адолесценцијата, најголемиот развој којшто треба да го постигне една индивидуа е осамостојувањето од родителите. Оваа драматична промена се нарекува антиципативна социјализација, за време на која адолесцентите учат како да се подготват за улогите кои можеби ќе ги имаат подоцна во животот, во фазата на зрелост.

Примери почажуваат дека антиципативната и адолесцентната социјализација зависат од два клучни «агенти на социјализација», училиштето и соучениците. Една од најважните работи кои семејството ги прави за време на првата фаза, е да го подготви детето за социјалните предизвици кои би ги имало во училиштето. Покрај тоа што училиштата ги учат децата за основното техничко знаење тие ги учат на општествената култура, вредности, норми и идеали. Училиштата исто така ги учат децата да следат правила, да почитуваат авторитет како и посредуваат при запознавањето на децата со нивните соученици. Нашите соученици играат огромна улога во процесот на социјализација, особено за време на адолесценцијата и раната зрелост. Природно е една личност да бара прифаќање; па кога личноста ќе најде група на луѓе со кои што може да се идентификува таа тежнее кон прилагодување на нормите кои ги има групата. Идентификувањето е исто така познато како попуштање на притисокот од страна на соучениците, што може да доведе до тоа личноста да направи многу работи само за да се вклопи во групата, на пример облекување во одреден стил, употреба на дроги и учествување во воншколски активности. Иако вклопувањето во одредена група може да биде од голема важност за адолесцентната индивидуа, тоа може да предизвика конфликт со семејството. Овие како и голем број други конфликти ја покажуваат тешката природа на адолесценцијата, особено при пронаоѓањето на самиот себе или осамостојувањето од родителите.

Третата фаза од процесот на социјализација е зрелоста. Во оваа фаза, луѓето се најверојатно целосно подготвени за тоа што ги чека во животот, имајќи ги предвид антиципативните искуства кои ги имале во претходните две фази. Иако антиципативната социјализација постои за да не подготви за тоа што најверојатно ќе биде нашата идна улога во општеството, ние треба да одиме еден чекор понапред и да влеземе во «вистинскиот свет». Голема е веројатноста дека во текот на зрелоста ќе имаме работа која што ќе не тера да ја напуштиме антиципативната социјализација и да преминеме на професионална социјализација. Овој процес не подготвува за работа, овозможувајќи ни да се стекнеме со знаење и културна основа за да бидеме успешни во нашата идна работна околина.

Работната околина е последниот «агент на социјализација». Најголем дел од луѓето поминуваат многу време од секојдневието на работа, и тоа долги години. Луѓето се социјализираат во нивната работна околина на различни начини, во зависност од тоа кое е нивното занимање. На пример, социјализацијата како градежен работник многу се разликува од онаа на бизнисмен. Едноставна разлика може да се огледа во начинот на нивното облекување; тие драстично се разликуваат, градежниот работник носи комбинезон додека од бизнисменот се очекува да носи одело.

Четвртата и последна фаза од социјализацијата се нарекува 65 и над. Во нашето општество, многу луѓе влегуваат во светот на пензионираните на возраст од 65 години; влегувањето во светот на пензионираните исто така може и да се нарече излезна улога или напуштање на вашна општествена улога. Оваа фаза од социјализацијата не е толку значајна за личноста, заради тоа што не ја подготвува за наредната фаза од животот. Во најголем број случаи, пензионерите започнуваат со некои хобија само за да си го пополнат времето.

Примарна и секундарна социјализацијa[уреди]

Примарната социјализација е најважна фаза во процесот на социјализација која се одвива во текот на најраното детство, обично внатре во семејството. Однесувањето на своите родители, реагирањето на нивното одобрување или неодобрување на детето кое го учи јазикот и останатите темелни обрасци на однесување во општеството, се се тоа делови од примарната социјализација. Социјализацијата во семејството се одвива по традиција од постарите кон помладите генерации, каде младите генерации ги усвојуваат нормите, традицијата и составот на вредностите во својата група.

Денес во светот, кој забрзано се менува, каде брзиот развој на технологијата од него направи «глобално село», присутна е таканаречена обратна социјализација. Овде се работи за процес кога новата генерација и помага на постарата да биде «во чекор» со светот кој забрзано се менува. Така многу млади ги учат своите родители како да се приклучат на интернет и да ги користат придобивките што тој ги нуди, да ги користат различните опции кои им ги нудат мобилните телефони, како на пример пишување SMS пораки и така натаму.

Ерик Ериксон, американски психолог, постави единствен и поучен преглед на степенот на социјализација. Не навлегувајќи подетално во содржината на секоја од фазите може да се каже дека во првата година од животот ги совладуваме проблемите на социјализација спрема најблиските луѓе. Проблемот кој се поставува пред личноста е стекнување на доверба спрема другите. Совладувањето на потешкотиите создава своја личност, каде основен оптимистички отворен став е довербата спрема другите. Во раното детство се совладуваат и проблемите со автономија и срам, иницијатива и чувство на вина. Во младоста се соочуваме со проблемот на создавање на идентитет, во раната зрелост се појавува проблемот на создавање на цврсти емотивни врски, во зрелоста амбицијата за кариера, а при крајот на животот се соочуваме со проблемот за зачувивање на интегритетот и достоинството спрема заканата од непосредна смрт. Во секоја од тие фази се стекнуваме некои неповратни особини на личноста, карактеристични обележја, но секоја доба носи со себе и некои задачи и проблеми на прилагодување и социјализација. Кога одредено доба ќе помине не само во состојба да се соочуваме со тие проблеми, но исто така и не можеме интимно да ги сфатиме сериозно проблемите на социјализација кои не очекуваат подоцна. За мало дете ништо не значи прашањето да го одбере животниот партнер, интимните врски или чувството на старост. За него е важно да воспостави доверба спрема родителите, автономија спрема стравот и така натаму. Поуката на оваа класификација е дека не мора социјализацијата да се исполни во потполност, не можеме да се стекнеме со некои особини кога за нив ќе помине време. Тие конечно се без некои базични особини кои социјализацијата ги создава (надеж, цел, вештина, љубов, внимание и така натаму). И општеството не може да очекува дека тие луѓе ќе ги извршуваат општествените функции.

Наводи[уреди]

  1. J.Besman, B.Rosenberg, Социјализација 1963
  2. Талкот Парсонс, Društva, 1965

Надворешни врски[уреди]