Салваторе Шарино

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Салваторе Шарино (итал. Salvatore Sciarrino; р. Палермо, Сицилија на 4 април 1947) е италијански композитор на современа класична музика.

Салваторе Шарино

Биографија[уреди]

Шарино започнува да компонира на 12 години без некое соодветно образование. Иако учел привремено композиција кај Антонио Титоне и Тури Белфиоре, тој се смета себеси за самоук. По завршувањето на универзитетските студии во Палермо, Шарино се сели во Рим во 1969 каде го посетува курсот за електронска музика воден од Франко Еванџелисти на Академијата Санта-Сесилија (Осмонд-Смит 2001).

Во 1977 Шарино се сели од Рим во Милано каде и предава на Конзерваториумот сè до 1982. Од 1983 па до денес живее во Умбрија. Во меѓувреме предава повремено во Болоња и Фиренца, како и во Чита ди Кастело.

Музички стил[уреди]

Предизвикувајќи големо внимание уште од неговиот период како студент на Еванџелисти, Шарино почнува да развива свој стил во 1970-ти години од XX век. Станува препознатлив по уникатното изолирано користење на звукот и тишината. Во неговото композиторско созревање, Шарино сè повеќе се идентификува со идеите на неговиот сонародник Лујџи Ноно, кој се стреми кон потребата за постојано истражување кон новото. Токму последниот творечки период на Ноно има исклучително влијание врз делата на Шарино.

Постои само една работа каде немањето сласт за звукот има смисла, а тоа е интензитетот на тишината. Тензијата и мислите на личноста која слуша да бидат чуени од личноста која свири.

Творештвото на Шарино се движи од голем број на дела за соло инструменти до оркестарско-симфониска и театарска музика. Својата популарност како композитор ја стекнува најмногу од неговите соло дела или дела за мали ансабли. Започнувајќи со За Аурите во Далечината (All’aure in una lontananza) oд 1977, интересот за флејтата станува еден од неговите главни инструменти за истражување, имајќи го Роберто Фабричани како флејтист кому посветува голем дел од композициите за флејта. Несомнено, придонесот кон пијаното, виолината, чембалото, виолончелото е од исклучителна важност.

Во Трета Соната за пијано од 1987, Шарино ја воведува својата «прозорска форма», каде енергијата и густината на структурата се добиени од повеќеслојното упаѓање на паралелни димензии.

Музиката на Шарино припаѓа на авангардата. Препознатливото користење на изолирани звуци, проширени инструментални техники, честите тишини е присутно во неговите дела и до денес.

Имајќи интерес во визуелната уметност уште во неговиот детски период од пет до десет години, Шарино тоа искуство го пренасочува во неговите сценски дела. Оперските дела прикажуваат огромен интерес на Шарино во античките и модерните митови во присуство на голема доза на надреалност.

Оперите како Лоенгрин (Lohengrin) од 1982-84, Персеј и Андромеда (Perseo e Andromeda) од 1990 се примери на навраќање кон наративниот континуитет кој Шарино сè почесто го користи, преку употребата на вокални гестови и употреба на електроника во живо со цел да добие вештачка мимика на природата.

Неколку дела[уреди]

Асперн (Aspern) (1977), сценско дело по Хенри Џејмс и фрагменти од Да Понте
Ванитас (Vanitas) (1981), сценско дело во 1 став
Смрт во Венеција (Morte a Venezia) (1991), сценско дело базирано на музика на Ј.С. Бах
Бесконечно црно (Nero infinito) (1998), сценско дело
Инвенцијата на проѕирноста (L’invenzione della trasparenza) (1993), оркестарско дело со солист
Обратен простор (Lo spazio inverso) (1985), камерно дело за флејта, кларинет, челеста, виолина, виолончело
Анаморфози (Anamorfosi) (1980), за пијано
Варијациja во искривен простор (Variazione su uno spazio ricurvo) (1990), за пијано
Изгубен во еден град на вода (Perduto in una città d’acque) (1991) за пијано
Хермес (Hermes) (1984) за флејта
Збогум, куќи на ветерот (Addio case del vento) (1993) за флејта
Noms des airs (1994) за било каков звук и електроника во живо

Извори[уреди]

  • Osmond-Smith, David «Sciarrino, Salvatore.» The New Grove Dictionary of Music and Musicians, ed. S. Sadie and J. Tyrrell. London: Macmillan

Надворешни врски[уреди]