Ровчици

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ровчици
Период: Среден еоцен - денес
Мала ровчица (Sorex minutissimus).
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Chordata
Класа: Mammalia
Ред: Soricomorpha
Фамилија: Soricidae
G. Fischer, 1814
Подфамилии

Crocidurinae
Myosoricinae
Soricinae

Ровчиците или ријачки (науч. Soricidae) се група на цицачи од редот Soricomorpha.[1]

Надворешен изглед[уреди]

Ова се мали животни кои наликуваат на глувци, но со уста издолжена во форма на рилка. Во оваа група припаѓаат најмалите цицачи: мала ровчица (Sorex minutissimus) и џуџеста ровчица (Suncus etruscus), чија должина на телото изнесува 3-4 см, а тежината околу 2 гр. Најкрупната ровчица, џиновска ровчица (Suncus murinus), тежи околу 200 гр при должина на телото од 18 см. Главата кај ровчиците е мошне крупна, со издолжен лицев дел. Носот е издолжен во подвижна рилка. Очите се многу мали. Екстремитетите се кратки, петпрсни. Крзното е кратко, густо и кадифено. Опашката може да биде многу кратка до многу долга, при што ја надминува должината на телото.

Черепот е тесен, долг и заострен во носниот дел. Делот каде што е сместен мозокот е раширен. Отсуствуваат зигоматските лаци (редок феномен меѓу цицачите). Забите се од 26 до 32 на број. Предните секачи, особено долните, се мошне зголемени. Смената на млечните заби со трајни се одвива уште во периодот на ембрионалниот развиток, така што младенчињата се раѓаат со целосен комплет на заби.

Половиот и аналниот отвор се опколени со кожни набори. На страните од телото и на коренот од опашката обично се наоѓаат посебни кожни жлезди кои произведуваат секрет со остар мирис. Женките поседуваат од 6 до 10 млечни жлезди. Семениците на мажјаците се сместени во телото. Копулаторниот орган кај возрасните мажјаци е мошне голем — до 2/3 од должината на трупот.

Начин на живеење и исхрана[уреди]

Ровчиците се распространети практично по целата земјина топка, со исклучок на поларните области, Австралија, Нова Гвинеја, Нов Зеланд и Јужна Америка (јужно од Еквадор, Колумбија и Венецуела). Населуваат најразлични предели — од рамнини и планинска тундра до тропски шуми и пустини. На планините се искачуваат и до 3.500—4.000 м надморска височина. Повеќето од видовите претполагаат да се населат на влажни места; некои водат полуводен начин на живеење. Живеат поединечно. Копаат дупки или ги заземаат дупките на други животни (кртови, глувчевидни глодари); живеат исто така и во трупци од дрвја, а ретко во објекти создадени од страна на човекот. Прават гнезда од суви листови и трева. Секоја ровчица си има своја ловечка територија, чија големина се движи до неколку десетици квадратни метри.

Ровчиците се сештојади, но најчесто се исхрануваат со инсекти, нивните ларви и со дождовни црви. Можат да нападнат и помали `рбетници: жаби, гуштери и млади глодари. Тие ја бараат храната со помош на сетилата за мирис и допир; некои видови веројатно се способни за ориентација со ехолокација. Ровчиците имаат висок степен на метаболизам. Секој ден тие мораат да внесат количина на храна која ја надминува нивната телесна тежина и до 1,5—2 пати и повеќе. Затоа, ровчиците се исхрануваат речиси постојано, а периодите на сон кај нив се краткотрајни. Колку е помала ровчицата, толку повеќе периоди на исхранување и сон има во текот на денот; така, кај малата ровчица (Sorex minutissimus) денот е поделен на 78 интервали. Без храна ровчицата брзо угинува: малите видови за околу 7—9 часа (малата ровчица за 5,5 часа). Ровчиците не запаѓаат во хибернација, но при недостаток на храна можат да настапат краткотрајни периоди на сон проследени со намалување на температурата на телото.

Краткоопашестата ровчица (Blarina brevicauda), која живее во САД и Канада и водоплавката (Neomys fodiens), која живее на бреговите од езерата во Русија, се едни од многу отровните малкубројни цицачи, заедно со паткоклунот и цевкозабите.

Размножување[уреди]

Ровчиците се размножуваат 1-2, а поретко 3 пати во годината. Бременоста им трае 13-28 денови. Донесуваат на свет од 4-14 младенчиња. Тие се раѓаат голи, слепи, со неразвиена рилка (нушка), но се развиваат мошне брзо и уште на 4 годишна возраст стануваат самостојни. Кај ровчиците, мајката со потомството прави еден вид на ,,караван‘‘, при што сите единки се држат со забите за своите опашки и се движат. Младите ровчици поседуваат извонредна способност позната како ,,појава на Денел‘‘. Наесен кај нив се забележува намалување на големината на телото и зарамнување на черепната кутија. Потоа, од април до јуни, се забележува зголемување на обемот на черепот, зголемување на телесната тежина и обемот на черепниот мозок.

Овие животинки живеат најмногу до 18 месеци.

Значење за човекот и улога во природата[уреди]

Овие мали цицачи се всушност едни од најсвирепите и агресивни грабливци на Земјата.

Тие се од голема фундаментална полза, при што ги истребуваат почвените инсекти и нивните ларви — штетници во земјоделството и шумарството. Уништуваат големо количество на инсекти во текот на целата година и во местата кои се недостапни за другите инсектојадни цицачи и птици: под снегот, под паднатите дрвја, камењата, во густежот на лисната простирка, во длабоките дупки итн.

Систематика[уреди]

Suncus murinus.
Crocidura russula.
Crocidura leucodon
Blarina carolinensis.

Постојат 376 видови на ровчици во 26 родови кои се групирани во три денешни подфамилии: Crocidurinae (белозаби ровчици), Myosoricinae (африкански белозаби ровчици) и Soricinae (црвенозаби ровчици). Во оваа фамилија има и неколку изумрени подфамилии: Limnoecinae, Crocidosoricinae, Allosoricinae и Heterosoricinae (иако Heterosoricinae често се смета за одделна фамилија).

Надворешни врски[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Hutterer, R. (2005). In: D .E. Wilson, D. M. Reeder (eds.), Mammal Species of the World (3rd ed.). Baltimore: Johns Hopkins University Press, 2 vols. (2142 pp.). pp. 220–311. ISBN 978-0-8018-8221-0.