Кртови
| Кртови Период: Доцен еоцен - денес |
|
|---|---|
| Европски крт (Talpa europaea). | |
| Научна класификација | |
| Царство: | Animalia |
| Колено: | Chordata |
| Класа: | Mammalia |
| Ред: | Soricomorpha |
| Фамилија: | Talpidae G. Fischer, 1814 |
| Родови | |
|
17, видете во текстот. |
|
Кртовите (научно: фам. Talpidae) образуваат група на цицачи од редот Soricomorpha.[1] Тие се широко распространети во Европа и Северна Америка (од јужна Канада до северно Мексико). Во северните делови од Евроазија достигнуваат до 63° с.г.ш.
Содржина |
[уреди] Надворешен изглед и прилагодби
Кртовите се мали до средно големи цицачи: должината на телото се движи од 5 до 21 cm, тежат меѓу 9 и 170 g. Тие (освен видот Neurotrichus gibbsii, кој живее на површината) се приспособени за подземен ријачки начин на живот. Телото им е издолжено, округло, прекриено со густо, мазно и кадифено крзно. Крзното на кртовите има уникатна одлика — нивните влакна растат исправено, а не ориентирани во определена насока. Ова му дозволува на кртот да се движи лесно под земјата во било која насока — влакната слободно се поставуваат и напред и назад. Бојата на кртовите е монотона, црна, кафеава или темносива. Нозете се кратки, шепите се лопатовидно раширени; канџите се големи со зарамнет врв. Задните екстремитети се обично послаби од предните. Опашката е кратка. Главата е мала и издолжена. Носот е издолжен во подвижна рилка. Вратот е речиси невидлив. Ушни школки отсуствуваат или се многу мали. Видот кај кртовите е слаб; кај некои видови очите се затскриени со кожа. Добро се развиени сетилата за мирис и допир.
Черепот е долг, конусен, со многу тенки зигоматски лаци. Бројот на забите изнесува од 33 до 44. Бројот и градбата на забите се користи при определување на родовите. Прешлени: вратни 7, градни 13-14, карлични 5-6, крстни 5-6 и опашни 8-27. Коските, особено оние од раменскиот појас, се широки и силни. Клучната коска се зглобува непосредно со раменската (кај другите цицачи — со израстокот на лопатката). Карличните коски се долги и тесни. Кај мажјаците има пенисна коска, која е позната како бакулум.
[уреди] Екологија
Кртовите живеат во најразлични предели, а претпочитаат станишта со влажни почви кои се лесни за копање (риење). Повеќето видови водат подземен начин на живот, копаат тунели и се хранат со подземни без`рбетници, а поретко и со делови од растенија. Поради посебната градба на предните екстремитети, приспособени за копање и риење на почвата, многу кртови лазат по површината. Некои видови во потрагата по храна излегуваат на површината или водат надземен начин на живот. Активни се преку целиот ден и ноќта, или само навечер и ноќе. Поради високиот степен на метаболизам, кртовите се многу ненаситни по храна. Обично живеат поединечно.
[уреди] Значење за човекот
Кртовите се корисни, ја раскопуваат почвата и со тоа придонесуваат за нејзината аерација и влажност. Тие уништуваат голем број на без`рбетници кои се сметаат за штетници во земјоделството и шумарството. Некои кртови предизвикуваат штета, ги јадат дождовните црви и корењата на градинарските и овошните култури.
[уреди] Систематика
Фамилијата се состои од 15 родови, во кои има околу 40 видови.
Подфамилија вистински кртови — Talpinae. Се среќаваат во Евроазија и Северна Америка.
- Ѕвездоносни (ѕвездорилкови), ѕвездести кртови (Condylura)
- Euroscaptor
- Могери (Mogera)
- Nesoscaptor uchidai
- Американски планински крт (Neurotrichus gibbsii)
- Влакнест крт (Parascalops leucura)
- Белоопашест крт (Parascaptor leucura)
- Источноамерикански крт (Scalopus aquaticus)
- Западнокинески крт (Scapanulus oweni)
- Западноамерикански крт (Scapanus)
- Краткоусен крт (Scaptochirus moschatus)
- Долгоопашест крт (Scaptonyx fusicaudus)
- Обичен крт (Talpa)
- Јапонски горски крт (Urotrichus)
Подфамилија планински кртови — Uropsilinae. 4 вида, распространети во Тибет и Кина:
- Планински крт (Uropsilus)
[уреди] Други подземни животни
- Австралиски торбарски кртови;
- Златокртови, фамилија од редот тенрековидни;
- Глодарските фамилии на земјоријачки и слепи кучиња.
[уреди] Надворешни врски
| Видете Talpidae во Викиречник, слободниот речник. |
[уреди] Наводи
- ↑ Hutterer, R. (2005). In: D .E. Wilson, D. M. Reeder (eds.), Mammal Species of the World (3rd ed.). Baltimore: Johns Hopkins University Press, 2 vols. (2142 pp.). pp. 220–311. ISBN 978-0-8018-8221-0.