Момир Маркоски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Момир Маркоски
Роден 1921 година
Никифорово, Кралство СХС
Починал август, 1943 година
Никифорово, Кралство Албанија
Стрелан
Народност Македонец

Момир Цветков Маркоски (Никифорово, Гостиварско, 1921 - Никифорово, Гостиварско, 17 август 1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија, учесник во НОВ на Македонија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Потекнувал од селско сиромашно семејство. Од почетокот на април 1937 година, пa се до 6 април 1941 година, бил на печалба во Белград како ѕидарски работник.[1]

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

По капитулацијата на Југославија, тој го напуштил Белград и се вратил во Никифорово, каде во втората половина на 1941 година бил опфатен во воспитна, а потоа во скоевска група. Во воспитната и скоевската група е доста активен во прибирање на оружје и друти материјали. Во декември 1941 година, учествувал во акцијата за сечење на телефонските бандери во Влајница со што била прекината врската на окупаторот меѓу Гостивар-Дебар со Албанија. Поради неговата активна работа во НОБ, во втората половина на 1942 година, бил примен за член на КПЈ. Како член на КПЈ, активно работел и учествувал во акциите за правење на селскиот мост, потоа во правење на засолништа - бази за сместување на оружје и заднински работници, а извршувал и други партизански задолженија. Во заднината работел се до почетокот на јуни 1943 година, а потоа по директива на Партијата се приклучил на партизаните.[1]

Споменик на НОБ во Никифорово, на кој се наоѓа и името на Момир Маркоски.

На 17 август 1943 година Момир и Гаве Лазаревски од Леуново биле испратени од одредот да појдат во Леуново со задача да се поврзат со партиската ќелија, да се информираат за положбата во селото и да се снабдат со храна. Меѓутоа, незнаејќи дека во селото има Италијани и балисти, наишле на заседа и откако Момир бил ранет жив го фатиле, а потоа го понеле во селото Никифорово и пред неговата куќа, во присуство на неговото семејство и на селаните, го стрелале. Момир Марковски го дал својот живот за слободата на Македонија, исполнувајќи ги совесно и дисциплинирано задачите што му ги поставувала КПЈ и македонскиот народ.[1]

Сведоштво за неговото убиство[уреди | уреди извор]

На 17 август, фашистите го довеле Момир ранет, искрвавен и претепан. Ги повикале неговите браќа и сестра му. Притоа го повикале и народот да се собере. Иако бил измачен и со загубена крв, тој јуначки го поднесувал тепањето. Фашистите го потерале до плотот од градината и без да му ги врзат очите стрелале во него од 3 - 4 метри. Главен извршител бил познатиот фашист - карабинер Фучило. По директива на партизанската организација и НОО, бил организиран закоп на Момир, при што се одржал говор за неговото дело и херојство, а целото село дало клетва за неговата освета.[2]

Една улица во Гостивар е именува со неговото име.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 259.
  2. Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 179–182.
  3. Gostivarpress.mk (2022-12-21). „Жировница, Маврово и Ростуше денес 5 часа без струја-Прекини и во делови на Гостивар | Gostivarpress.mk“. Посетено на 2022-12-31.