Културна антропологија

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Културната антропологија е една од четирите или петте области на антропологијата, сеопфатна студија за човештвото. Таа е гранка од антропологијата која ја проучува културата како значаен научен концепт. Културните антрополози учат за културните варијации помеѓу луѓето, собирање на податоци за влијанието на глобалните економски и политички процеси на локалните културни реалности.

Антрополозите употребуваат различни методи вклучувајќи набљудување со учество, интервјуа и анкети. Нивното истражување често се нарекува теренска работа, затоа што антропологот троши подолг временски период на истражување на одредена локација или област. Овие престојувања обично траат една година за време на студиите, но може да бидат и пократки, во текот на неколку недели, или подолги, во текот на целата професионална кариера.

Потекло[уреди]

Една од најраните артикулации на антрополошкото значење на поимот „култура” е воведена од Едвард Тејлор (Edward Tylor) кој пишува на првата страна од неговата книга 1897: „Култура, или цивилизација, земена во широка, етнографска смисла, тоа е комплексна целина која го вклучува знаењето, верувањето, уметноста, моралот, правото, обичаите, и сите други способности и навики создадени од човекот, како член на општеството[1]”. Поимот „цивилизација”, подоцна им дал насока на дефинициите на В. Гордон Чајлд (V. Gordon Childe), со кој културата се смета за општ поим, додека терминот „цивилизација” добива значење на одреден вид култура.[2]

Бидејќи луѓето ја стекнуваат културата низ процесите на учење, односно енкултурација и социјализацијата, луѓето кои живеат во различни места или различни околности учат различни култури. Антрополозите, исто така, истакнуваат дека преку културата луѓето можат да се прилагодат на нивната животна средина на негенетски начин, така што луѓето кои што живеат во различни средини често ќе имаат различни култури.

Подемот на културните антрополози се случил некаде од крајот на XIX век, кога прашањата кои се однесуваат на културите кои биле „примитивни” и на оние кои се „цивилизирани” ги преокупирале умовите не само на Маркс (Marx) и Фројд (Freud), туку и на многу други учени.

Паралелно со подемот на културните антрополози во САД, социјалната антропологија, во која социјалноста е централен концепт, и која се фокусира на истражување на социјални статуси и улоги, групи, институции, како и односите меѓу нив, се развива како академска дисциплина во Британија. Сложениот термин социо-културна антропологија упатува ги опфаќа традициите и во културната и во социјалната антропологија.[3]

Кратка историја[уреди]

Модерната културна антропологија потекнува од, и се развила како реакција на етнологијата во XIX век, која вклучува организирана споредба на човечките општества. Научниците како Е.Б. Тејлор (E. B Tylor) и Џ.Џ. Фрејзер (J.G. Frazer) во Англија работат со материјали собирани од други собирачи – најчесто мисионери, трговци и истражувачи и управници со колониите. Етнолозите особено се интересираат за тоа зошто луѓето кои живеат во различни делови од светот често имаат слични верувања и практики. При решавањето на ова прашање, етнолозите од XIX век, биле поделени во две мислителски школи. Некои од нив, како Графтон Елиот Смит (Grafton Eliot Smith) тврдат дека различните групи мора некако да учат едни од други, но индиректно; со други зборови, тој тврди дека културните особини се шират од едно место до друго, односно „дифузираат“.

Други етнолози тврдат дека различни групи имаат способност за создавање слични верувања и практики независно. Некои од оние кои се залагаат за „независно откритие” како Луис Хенри Морган (Lewis Henry Morgan), тврдат дека различните групи не поминуваат низ истите фази на еволуција. Морган, конкретно, смета дека одредени облици на општествено уредување и култура не можеле да настанат пред другите. На пример, интензивното земјоделство не можело да се измисли пред екстензивното земјоделство, а металургијата не можела да се развие без претходна обработка на металите без топење. Морган, како и останатите еволуционисти од XIX век, верувал дека постоел, повеќе или помалку, постепен развој од примитивно кон цивилизирано.

Во XX век, антрополозите ја отфрлиле идејата дека сите човечки општества мора да поминат низ истите фази на развој, врз основа на тоа дека таквата идеја не одговара на емпириските факти. Некои етнолози од XX век, како Џулијан Стјуард (Julian Steward), наместо тоа, тврделе дека сличностите ја одразуваат сличноста во прилагодувањето на луѓето кон слични опкружувања. (види: културна еволуција)

Други, како Клод Леви-Строс (Claude Lévi-Strauss) (кој бил под влијание на американската антропологија и под влијанието на Диркемовата социологија), тврдат дека наизглед слични тенденции на развој ги одразуваат основните сличности во структурата на човечката мисла. (види: структурализам)

Во XX век, повеќето културни и социјални антрополози се свртеле кон етнографијата. Етнографијата е дел од опишувањето на еден народ, на одредено место и во одредено време. Вообичаено, антропологот извесно време живее меѓу луѓе од друга заедница, спонтано учествувајќи и набљудувајќи го општествениот и културниот живот на групата. Овој метод на истражување го промовирале Бронислав Малиновски (Bronislaw Małinowski) (кој вршел теренско истражување на Тробријандските острови (Trobriand Islands) и предавал во Англија) и Франц Боас (Franz_Boas Franz Boas) (кој вршел истражување на Бафиновиот остров и предавал во САД).

Во почетокот на XX век, социо-културната антропологија се развила во различни форми во Европа и САД. Европските „социјални антрополози” биле сосредоточени на набљудување на социјалното однесување и на „социјалната структура” тоа што е во односите меѓу социјалните улоги (на пример маж и жена, или родител и дете) и социјални институции (на пример религијата, економијата и политиката).

Американските „културни антрополози“ биле сосредоточени на начините на кои луѓето го изразуваат своето сфаќање за себе и за светот кој ги опкружува, особено во симболични облици, како уметностите и митовите. Овие два пристапи често пати се преплетувале и взаемно се надополнувале.

Растечкиот тренд во антрополошкото истражување и анализа е употребата на мулти-сајт етнографијата. Мулти-сајт етнографијата може да ги следи етничките групи во дијаспората, расказите или гласините, кои се појавуваат на различни места и во различни периоди, метафори, кои се појавуваат во неколку етнографски локации или биографиите на одделни луѓе, или групи како што се движат низ просторот и времето. Еден пример на мулти-сајт етнографија е работата на Ненси Шепер-Хјуџис (Nancy Scheper-Hughes) за меѓународниот црн пазар за трговија со човечки органи. Во ова истражување, таа следела органи кои се пренесувале преку разни законски и незаконски мрежи на капитализмот, како и гласините и урбаните легенди кои кружат во осиромашени заедници за киднапирање на деца и кражба на органи.

Сродни теми[уреди]

Антропологија на двојно наследство Еколошка антропологија Меѓукултурни студии
Антропологија на животна средина Економска антропологија Политичка антропологија
Антропологија на кибер простор Етноботаника Применета антропологија
Антропологија на медиуми Етнографија Психолошка антропологија
Антропологија на развој Етнозоологија Семиологија
Антропологија на религија Етнологија Социјална антропологија
Антропологија на уметност Етномузикологија Трансперсонална антропологија
Визуелна антропологија Комуна Урбана антропологија
Животната средина и човековиот развој Културолошка психологија Феминистичка антропологија
Еволуциска антропологија Медицинска антропологија

Наводи[уреди]

  1. Tylor,Edward. 1920 [1871]. Primitive Culture. New York: J.P. Putnam’s Sons.1.
  2. Sherratt, Andrew V. "Gordon Childe: Archaeology and Intellectual History", Past and Present, No. 125. (Nov., 1989), pp. 151–185.
  3. Campbell, D.T. (1983) The two distinct routes beyond kin selection to ultrasociality: Implications for the Humanities and Social Sciences. In: The Nature of Prosocial Development: Theories and Strategies D. Bridgeman (ed.), pp. 11-39, Academic Press, New York.