Катедрала Санта Марија Асунта (Верона)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Катедралата Санта Марија Асунта (или Санта Марија Матриколаре) во Верона

Катедралата во Верона, чие официјално име е катедралата Санта Марија Асунта, но исто така позната и како катедралата Санта Марија Матриколаре, чие име доаѓа од името на старата ранохристијанска црква. Оваа катедрала претставува главното место на католичката богослужба во градот Верона. Во исто време таа е и мајка црква на истоимената италијанска епархија (Веронска епархија)и национален споменик. Градбата на катедралата претставува дел од еден артикулиран поширок архитектонски комплекс, кој ги вклучува палатата Палацо дел Весковадо, манастирот на Каноните, библиотеката за поглавјата, крстилницата Сан Џовани во Фонте и црквата Санта Елена. Крстилницата и црквата Сан Елена се поврзани со катедралата преку портата на Санта Марија Матриколаре (Санта Марија Асунта).

Историско потекло на катедралата[уреди | уреди извор]

Ранохристијанско потекло[уреди | уреди извор]

Некаде на почетокот на четвртиот век започнала поинтензивна фаза на христијанизација на градот Верона. Во тој период извршена е и реорганизација на локацијата каде што и денес стои комплексот на катедралата.[1] Така, во првата половина на четвртиот век бил изграден првиот верски објект во градот, таканаречената „црква А“, која можеби во тоа време го зазела просторот на храмот посветен на Минерва и местото наменето за јавните бањи. Таа црква во тоа време била со димензии од 16,9 метри по ширина и 37,5 метри по должина. Архитектурата бил создадена од три делови наречени кораби, со една апсида и презвитерскиот простор кој бил подигнат и изолиран од корабите со помош на неколку бариери. Тие бариери, но и презвитерскиот простор сè уште делумно се видливи под црквата Санта Елена. Таа градба всушност се наоѓала во рамките на римскиот патен систем, на третиот лев цитратен дел наречен кардо.[2] Во втората половина на четвртиот век, веројатно за време на епископијата на Сан Зено,[1] малата базилика била опремена со хипокаусно греење. Подот затоа бил подигнат и украсен со елегантни мозаици.

Во тоа време веројатно постоела крстилницата, сместена на простор во содејство со сегашната крстилница Сан Џовани во Фонте, како и со други доградби вклучувајќи ја резиденцијата на епископот, како и со училиштето за свештеници и дело на Скрипториумот. Оваа поставеност со сигурност е констатирана во 517 година, но можна е и дури некаде од 4 век. Понатаму, со сигурност може да се рече дека постоела и втора црква близначка сместена јужно од црквата познат како црква А, односно локацијата се поклопува со онаа на која денес стои Катедралата. Се претпоставува дека тоа би можело да биде еден вид на таканаречен палеохристијански комплекс или здание познато како „двојна катедрала“. Документите за ова тврдење се наоѓаат во записите кои се чуваат во Лион и Женева.[2]

Остатоци од мозаичниот под на „црквата А“, најстарата ранохристијанска базилика во градот Верона, денес составен дел од црквата Санта Елена

Веќе во втората половина на петтиот век, била изградена втора базилика со поголеми димензии од претходната. Таа втора базилика едноставно била наречена „црква Б“, од која археолошки остатоци останале во манастирот на Каноните и во црквата Санта Елена. Изградбата на оваа втора градба вклучувала и делумно уривање на претходната базилика, црквата А. Зачуваниот дел од преходната базилика дел бил поделен на простории и користен за други намени. Новата базилика била со димензии 29,2 метри по ширина и дури 72,8 метри по должина. И таа била формирана од три кораби со една централна апсида. Оваа базилика била опремена со припрата (дел од црква) сместен во просторот каде што денес стои библиотеката на поглавјата,[2] можеби претходно предвиден простор за четириаголна врата.[1] И оваа црква имала богато украсен под со мозаици и се одликувал со издигнат презвитерски простор. Од тој дел започнувала солејата, која претставува тесна патека со бариери која се спушта кон подиумот на презвитериумот по должината на централниот кораб. Подоцна, во првата половина на 6 век биле додадени две полукружни структури на солејата, со што се извршила трансформација веројатно поради потребните ажурирања за потребите на христијанскиоте ритуали.[2]

Остатоци од мозаичниот под на „црквата Б“, сместен во манастирот на Каноните

Помеѓу крајот на осмиот век и почетокот на деветтиот век била изградена новата катедрала, токму на истиот просторот каде што и денес постои. Нејзиниот трансфер од црквата Б во новата црква посветена на Санта Марија Матриколаре била планирана и започната од страна на епископот Аноне.Тој епископ бил првиот веронски бискуп кој бил погребан во новата катедрала. Доградувањето на новата катедрала го спровел неговиот наследник Ратолдо. Згаснувањето и непостоењото на црквата Б најверојатно се должело на голем пожар. Пожарот се споменувал во еден документ од 806 година. Во записите стоело дека пожарот го опфатил целиот епископски комплекс некаде кон крајот на VIII век и истиот можел да предизвика и целосно уривање на ранохристијанската базилика нарекувана црквата Б.[1] Сепак, подоцна била изградена сосема нова црква врз темелите на она што останало од поранешната античка базилика. Таа првично била посветена на Сан Џорџио и Зено. Денес оваа црква е позната како црквата Санта Елена. Изградбата на новата црква била нарачана од страна на архиѓаконот Пацифико. Црквата била осветена некаде помеѓу 842 и 847 година од страна на патријархот на Аквилеја извесен патријарх Андреа.[2]

Црквата била дополнително обновена во првата половина на 9 век по налог на епископот Ратолдо и архиѓаконот Пацифико. Во истиот тој период, просторите за свештениците биле целосно реорганизирани, особено просторот училиштето сакардолум и ксенодохиум или таканаречената „болница на Санта Марија ал Домо“. Реконструкција претрпеле и манастирот на Каноните, но и сите репрезентативни простории.

Реконструкцијата на романските форми[уреди | уреди извор]

Страничнaта порта заштитена со протирум од романската ера изработен во дрворез од 1903 година

Од изградбата (или реконструкцијата) на катедралата изведена во 9 век, речиси ништо не останало, бидејќи градот Верона во 1117 година бил погоден од катастрофален земјотрес. Земјотресот предизвикал сериозни оштетувања на целиот катедрален комплекс. Била предизвикана реконфигурација на романските форми и тоа на сите објекти кои го сочинувале комплексот. Сепак, структурата на целосниот потег на градби конструиран од страна на Ратолдо и Пацифико останал суштински непроменет или идентичен со канонскиот манастир. Сегашниот изглед на катедралата со дополнителните елементи, се споменува во документите и тоа почнувајќи од 1123 година. Реконструкцијата на крстилницата Сан Џовани во Фонте, била нарачана од страна на епископот Бернардо. И таа (се мисли на крстилницата) исто така води потекло од 1123 година. И реконструкцијата на целата црква Санта Елена целосно се случила во приближно тие години, бидејќи била осветена некаде во 1140 година од страна на патријархот Пелегрино, патријарх на Аквилија.[1]

Катедралата повторно била изградена, започнувајќи од 1120 година, и тоа во романски стил. Дизајнерот на новото издание не е познат, но познати се некои занаетчии, особено извесен Николо, кој ја создал влезната порта со двоен дел наречен протирум. Овој факт може да се идентификува благодарение на натписот кој стои на делот од надворешното крунисување на долниот протирум (Низ вековите народите го величеле одметникот на гномите Николо, а тој е човекот кој го создал ова дело со длабење). Друг човек кој бил познат по својот занает и работел на портата бил мајсторот Пелегрин, чиј потпис е изгравиран на лак на кој е претставен Христос меѓу светите Петар и Павле. Ова дело денес е заштитено и се чува во музејот Кастелвекио, но која била точната намена на лакот не е познато. Новата катедрала била осветена на 13 септември 1187 година од страна на папата Урбан III.

Оваа романска градба, чиј планиметриски распоред суштински останал непроменет сѐ до денес, сè уште е читлива и видлива дури и по ѕидовите особено во делот на извајаните рамки, но и во просторот на двата тремови, главниот и страничниот. Сѐ е добро видливо и покрај фактот дека постоеле бројните трансформации што биле сторени во наредните векови.[1]

Детал од фризот поставен на црквата со романски стил

Црквата имала план со иведба на три кораби кои биле поделени со два реда на сводови поставени на столбови наизменично со останатите столбови на катедралата. Постоела длабока централна апсида и две помали странични апсиди создадени во самата дебелина на ѕидот. Тогашниот објект бил со помала висина од сегашната висина на сегашниот објект. Покривот морало да биде изведен со потполно откриени греди. Оригиналната височина на корабите била лесно воочлива, благодарение на остатоците од корнизот кој сè уште бил присутен како на делот од фасадата, така и на страничните коти. Корнизот на фасадата бил особено важен, бидејќи двата фрагменти од висечките сводови сместени меѓу триаголните потпори и готските мулионирани прозорци сведочат за максималната висина на страничните кораби. Двата агли пак на главната фасада и другите фрагменти од корнизи укажувале на нивната минимална висина. На централниот кораб, минималната височина ни ја дава висината на триаголните потпори кои ја делат фасадата на три дела. Гребенот на покривот не е можно да се идентификува поради честите последователни трансформации. Тремот на страничната влезна порта припаѓал, односно водел потекло од првата градба, чии главни зафати најчесто се изведувале помеѓу дваесеттите и триесеттите години на 12 век, тој дел се претпоставува дека е изградена во втора фаза на градба или некаде околу 1139 година. Тремот кој го заштитувал главниот влез, бил дело на гореспоменатиот мајстор и знаетчија Николо.[1]

Готика, ренесансни трансформации и реставрации[уреди | уреди извор]

На страните од фотографијата се поставени столбови од 15 век во готски стил, додека во центарот на контрафасадата внатрешната порта, изградена во почетокот на 17 век

Првиот проект за реновирање веројатно води потекло од 14 век и во него биле предвидени проширувања на објектот и неговата површина требало да ја зголеми и да содржи вкупно пет кораби. Новата реконструкција сепак не започнала пред почетокот на 15 век.[1] Интервенциите извршени во XV век предвидувале подигнување на корабите, кои на тој начин ја достигнале својата сегашна височина; потоа замената на колонадите со вкупно осум масивни греди во вид на столбови кои ги потпираат заострените лакови. Исто така било предвидено да се изградат попречни сводови за покривање на внатрешноста. Било извршено и конечно отворањето на страничните капели, вклучувајќи ја и капелата Мемо и секако поголемата капела посветена на Мадона дел пополо (Богородица на народот). Изработените столбови и капителите со листови, биле изработени во јасен готски стил. Конечниот изглед наликувал на проектот инспириран на некој начин уште од оној проект од четиринаесеттиот век кој никогаш не бил ни започнат. Изведбата сепак била доста изменета при што биле воведени некои чудни и необични елементи. Помеѓу другото, овие елементи подоцна биле земени како модел кои го користеле градителите на познатата Миланска катедрала. Градителите на миланската катедрала лично ја посетиле катедралата во Верона за да можат да ги искористат посочените архитектонски елементи.[1]

Градителските работи на катедралата продолжиле некаде до крајот на 16 век. Тоа било период на идни трансформации. Од страна на епископијата бил одреден Џан Матео Гиберти за да го уреди просторот на презвитериумот. Тој простор бил обновен пред сѐ од функционална гледна точка. Местото на хорот и олтарот било малку спуштено пониско. Од декоративна гледна точка, била променета фреско-декорацијата на апсидата и на сводот на триумфалната порта кои биле изградени во 1534 година. На портата се наоѓал циклус од маријански теми, дело на ренесансниот сликар Франческо Торбидо, кој бил инспириран од некои цртани елементи, нарачани директно од самиот бискуп Џулио Романо. Во таа година завршило реновирањето, кое започнало во 1527 година. Подоцна на подот на црквата, се извршила елиминација на висинската разлика помеѓу презвитериумот и плебејскиот простор. Оваа нивелација била изведена за да може да се запази одликата која ја имаат сите цркви од ромаски стил.[1]

Местото за Хорот изработено во шеснаесеттиот век од страна на Микеле Санмикели, а во позадина се фреските вградени во апсидата, дело на Франческо Торбидо.

Малку подоцна, или поточно во 1550 година било започнато уредувањето во делот на хорот сместен во презвитерската област. Бил завршен според дизајнот на добро познатиот архитект Микеле Санмикели, помеѓу 1575 и 1579 година, а неговиот близок роднина Бернардино Бруњоли, ја дизајнирал изградбата на камбанаријата, која како основа ја користела претходната камбанарија изградена од времето на романската ера. Во 1587 година било завршено издигнувањето на камбанариската фасада. Конечниот и дефинитивен изглед го добила во времето на епископот од Верона Агостино Валиер, чиј грб е поставен на врвот од камбанаријата. На внатрешната порта има поставено часовник и како целина се поставени на делот од страната на контрафасадата на црквата. Овој дел уредувањето се должи на Алберто Валиер, инаку внук на епископот Агостино.[1]

Последните важни градителски работи се извршени кон крајот од 19 и почетокот на 20 век. Во 1880 година на подот биле извршени интервенции по налог на бискупот Лујџи ди Каноса. Помеѓу 1913 и 1931 година се извршило дополнително издигнување на ѕвоното поставено на камбанариската кула. Ова ѕвоно било изработено според дизајн на архитектот Еторе Фагиуоли. Од непознати причини ѕвоното не било до крај завршено според претходната замисла. По овие извршени градителски работи се случувале главно конзерваторски интервенции за реставрација и структурна консолидација. Тие реставраторски и конзерваторски работи се случувале во периодот помеѓу 1979 и 1987 година, потоа помеѓу 2005 и 2009 година и последните помеѓу 2013 и 2015 година.

Опис на катедралата[уреди | уреди извор]

Надворешен опис[уреди | уреди извор]

Фасадата на катедралата

Предната фасада на црквата е со тристрана форма на која постојат две потпори со триаголен пресек. Во централниот сектор на предната страна се наоѓа шаренита влезна порта, украсена со скулптури на кои се прикажани светци, но и двајцата паладини, едниот Орландо и другиот Уливиеро. Скулптурите се затворени на врвот со лунета украсена со полихромни релјефи кои ја прикажуваат Богородица устоличена заедно со рожбата. Портата е покриена со двоен трем со извртени столбови кои се потпираат на два грифона. Овој простор претставува вредно дело на мајсторот Николо изградено околу 1139 година. Понатаму, на делот на архитравот постојат три медаљони во кои се издлабени алегориите, кои се исцрпени од теолошките доблести. Во централниот сектор на предната страна постои прозорец, кој е изведен како прозорец со розета. Преку овој отвор се осветлува централниот кораб на катедралата, но и грбот на кардиналот и епископ Агостино Валиер. Овој грб е нарачан и изработен во 1587 година. На фасадата на двата предни странични сектори постојат два доста високи готски обоени прозорци.

Задниот дел на црквата, со испакнатоста на делот на хорот

Страничните коти, се поделени по висина во два реда што одговараат и на поделбата на внатрешните корабни делови. За нив карактеристично било што биле ѕидани со наизменични текови од туфни со пепелници и материјал од тула. На тие делови има присуство на потпорни елементи со остри врвови на крајот. Двата реда се крунисани со по еден лиен корниз. Во ниските предели на страничните ѕидови се забележуваат волумените на внатрешно страничните капели, додека во горниот предел од ѕидовите има кружни отвори во вид на очи кои го осветлуваат внатрешниот централен кораб. Источната страна, која одговара на внатрешниот простор од презвитериумот, е целосно изграден од блокови од материјал туфа и варовник. Се одликува по волуменот на полуцилиндричната апсида која е видлива. Апсидата е обележана со густа серија од пиластри кои го потпираат корнизот. На карајниот врв, постои таканаречен фриз украсен во еден барелјеф.

Камбанаријата на катедралата[уреди | уреди извор]

Нецелосната камбанарија заедно со вратилото изработено од Бернардино Бруњоли и целосната градба на камбанаријата конструирана и изведена од страна на Еторе Фаџуоли.

Од јужната страна на црквата се издигнува импозантната камбанарија. Основата на проектот претставува монументално дело од романската ера. Оваа камбанарија е подигната помеѓу 12 и 13 век, со димензии кои немаат висинска еднаквост со ниту една друга кула во градот Верона, со димензии од 11 и 10 метри на страните и дебелина на ѕидовите од 3,10 метри. На камбанаријата може да се забележи масивна ренесансна таканаречена шахта изработена од амонитски веронски мермер. Почетниот проект на камбанаријата бил на познатиот архитект Микеле Санмикели. Подоцна почетниот проект бил модифициран од неговиот внук Бернардино Бруњоли. Бруњоли ја довршил камбанаријата поставувајќи го и врвот, затворајќи ја кулата, на камбанаријата. Истата била конечно завршена дури во 1925 година, овојпат според дизајнот на Еторе Фагиуоли кој го запазил и го вградил санмикелискиот почетен проект. Сегашната камбанарија претставува кула со октогонален формат која се потпира на основа крунисана со балустрада и аголни обелисни делови. Тие делови се надградени со барабан на кој требало да биде изграден покривот предвиден во проектот на Фагиуоли. Барабанот сепак никогаш не бил изграден и тоа исклучиво поради економски причини. Кулата на камбанаријата достигнува 75 метри и претствува втора по висина градба во градот Верона, веднаш по кулата Ламберти, која е висока 83 метри. Доколку камбанаријата била изградена според првичниот план во делот на покривните елементи, таа би ја надминала кулата Ламберти за околу 15-20 метри.[3]

Поглед од висина на Катедралата и камбанаријата

На кулата се сместени вкупно десет ѕвона поставени по принцип на опаѓачка скала А2. Скоро сите ѕвона се донација од веронското семејството Кавадини во 1931 година: со исклучок на големото ѕвоно, кое е изработено од леарницата Де Поли на Виторио Венето во 2003 година за да го замени претходното кое било преработено во 1934 година од страна на Кавадини. Замената била поради производствени неисправности. Ѕвоното распукало во 2000 година и оштетувањето било непоправливо. Едно од помалите ѕвона во 2014 година, било претопено од леарницата Грасмајер во градот Инсбрук и повторно вратено на целиот комплекс. Принципот на работа на ѕвоната бил со удирање со рака од тим од дваесетина удирачи. Оваа изработка била според техниката на веронските концепти.[4] Во кулата, некаде на висината од покривот на катедралата, се наоѓа таканареченото „ѕвоно на каноните“, рачно изработено. Звукот на ова ѕвоно било според опаѓачката нота F#4 и е надвор од стандарната мелодија. Ова ѕвоно е изработено од мајсторот Јакобус од Верона во 1384 година, додека второто ѕвоно наречено „Мезана“, изработено е во 1358 година од страна на мајсторите Вивенкус и Виктор. Ова ѕвоно требало да биде целина со ѕвоното на Каноните кое се наоѓа во оригиналниот комплекс, наместо тоа ѕвоното е сместено во поставката на музејот Кастелвекио.[5]

Внатрешност на катедралата[уреди | уреди извор]

Цртеж од 18 век кој го претставува комплексот на катедралата: долниот цртеж е катедралата во Верона, над неа е црквата Санта Елена, а десно крстилницата Сан Џовани во Фонте, поврзана со тремот на Санта Марија Матриколаре.

Внатрешниот план на катедралата е составен од правоаголна сала поделена на три кораби со две серии од благо огивални сводови, секој поставен на четири цврсти столбови изработени од црвен веронски мермер. Корабите се поделени на вкупно пет заливи, при што централниот се протега во правец кон делот на презвитериумот, со што се создава изразито издолжен простор. Старата античка презвитерија, подигната на висина од три скалила е заштитена со елегантни торнакори со полукружна форма. Презвитеријата е дизајнирана од Микеле Санмикели. Составена е од висока основа на која се поставени јонските столбови за да го потпираат обликуваниот перваз. Трабацијата се наоѓа во блиско содејство со столбовите и преминува кон делот со канделабри. Старата античка презвитерија завршува со полукружната апсида на делот каде треба да биде сместен хорот. Новата презвитерија го зазема претпоследниот залив на главниот кораб. Заливите на корабите се покриени со изѕидани вкрстени сводови со дополнителни дијагонални ребра. Со огивални сводови, и двата изработени во познатата Веронска црвена боја, е покриена презвитеријата. Над неа има цилидричен свод. Делот на хорот е надграден со хемисферична покривка. Овој потег е изграден во шеснаесеттиот век од страна на Франческо Торбидо според однапред подготвен проект на Џулио Романо. Романо има создадено импозантен сликовен циклус насликан со класична изведба на кој се прикажуваат библиските сцени во кои има вметнато одредени ликови.

Внатрешноста на црквата

Во внатрешноста, по страните на патеките постојат осум помали жртвеници, по четири на секоја страна. Жртвениците се вметнати во делот од капелите. Од страна на десната патека се наоѓаат капелата наречена Диониси, потоа капелата Калкасоли; параклисот Емили, посветен на Преображението Христово, капелата на Пресвета Сакраменто, позната и како капела Мемо. Од последната капела може да се пристапи до подземната крипта посветена на веронските бискупи. По левата патека се наоѓаат: капелата Картолари-Ничесола заедно со олтарот на Успението; потоа параклисот на Абазија-Лазари, посветен на Пресветото Тело на Исус Христос, капелата Картолари, посветена на Сан Микеле Арканџело, како и капелата посветена на Богородица на народот, позната и како капела Маласпина. Од двете страни на триумфалната порта која дава пристап до презвитериумот постојат уште две капели од кои едната е капелата Мазанти, посветена на светите Фрањо и Агата, и втората е капелата посветена на Мафеи.

Десен коридор[уреди | уреди извор]

Првата капела која припаѓа на десната патека е всушност капелата Дионис, изградена помеѓу 1481 и 1484 година од страна на каноникот Паоло Диониси, а посветена на светите Петар и Павле. Од првобитната градба останал само надворешниот лак на кој стоел натпис со текст: Спасителот и двајцата светци Петар и Павле. Покрај ренесансните фрески кои се вградени во капелата е и делото Олтарниот живопис изработено 1711 година од страна на веронскиот училиштен сликар Антонио Балестра. На тоа дело е прикажана Богородица со детето заедно со свети Петар, Павле и Антонио од Падова.[1]

Капелата Калкасоли со фрески изработени од страна на Џан Марија Фалконето.

Веднаш потоа се наоѓа капелата Калкасоли, изградена од страна на Бернардино Калкасоли помеѓу 1503 и 1504 година. Таа се одликува со една монументалната фреска изработена од Фалконето, изработена во 1503 година. Таа фреска ја опкружува групата од слики пронајдени во делот на олтарот. Во истата капела, од десната страна се вклучени и делата Светите Роко и Себастиано, а од левата страна, Антонио и Бартоломео. На врвот се наоѓа делото наречено Депонијата изработено од Николо Џолфино, а во центарот е сместена сликата на Либерал од Верона со која се доловени на некој начин таканаречените мудреци.[1]

Третата капела е наречена Емили, изградена околу 1504 година од истоименото благородничко семејство од градот Верона. Над олтарот се наоѓа Преображението Христово изработено од страна на веронскиот сликар Џамбетино Чињароли. Таму има и остатоци од триптихот на авторот Франческо Мороне на кој се претставува Сан Џакомо заедно со патрон и Сан Бартоломео.[1]

Веднаш по третата, постои една поголема капела, наречена Пресвета, или едноставно наречена капелата Мемо. Изградена е во 1435 година од страна на бискупот Гвидо Мемо, а фрескоживописана наредната година од уметникот Јакопо Белини. Оваа капела неколку пати била подложена на различни интервенции низ вековите. Последната интервенција се случила во 1762 година. Лакот од кој се пристапува до капелата е украсен со барељефни елементи од делото Пророците и Ангелите изработено од скулпторот Диомиро Чињароли. Олтарот им се припишува на Франческо и Паоло Мадерно. Во олтарниот дел се наоѓаат статуите на светите Зенон и Николо, дело изработено од страна на Франческо Зопи. Олтарното парче кое ја прикажува Тајната вечера е дело на Џан Батиста Бурато.[1]

Ковчегот на Санта Агата во капелата Мацанти

Последната капела сместена од страна на десната патека е капелата Мацанти, реструктуирана во 1508 година од страна на канонот Франческо Мацанти и посветена на светите Фрањо и Агата. На таа локација се наоѓа и прекрасниот споменик од 1353 година во готски стил посветен на Светецот. Овој споменик е надгледуван од страна на четири ангели. Подолу, под олтарот, се наоѓа и урната со телото на Санта Марија Консолатриче, сестра на епископот Анона, на која ѝ е посветена и црквата Санта Марија Консолатриче, која се наоѓа недалеку од веронската катедралата.[1]

Лев коридор[уреди | уреди извор]

Успение на Богородица изработено од Тицијан, во капелата Картолари-Ничесола

Првата капела долж левата патека е онаа на Картолари-Ничесола, која се наоѓа веднаш по гробното место на Галесио Ничесола, веронски прелат кој станал епископ на Белуно во 16 век. Капелата била изградена од страна на канонот Бартоломео Картолари некаде околу 1468 година, а реновирана околу 1532 година од страна на семејството Ничесола. Ова семејство му наредило на познатиот архитект Јакопо Сансовино да ги преправи капелата и олтарот, каде што се наоѓа прекрасниот олтар на Богородица изработено од Тицијан. Ова дело било вратено во Италија по француските кражби од времето на италијанската окупација од 1797 година од страна на француските војски.[1]

Веднаш по оваа капела е капелата на Абазија-Лазари, посветена на Пресветото Тело на Исус Христос, нарачана од канонот Џовани Абазија во 15 век. Подоцна таа била купена од семејството Лазари. Ја задржала првобитната полукружна форма со покрив во облик на школка над апсидата. Олтарното парче, било опкружено со фрески со приказ на светци, апостоли и ангели. Олтарот во капелата претрпел неколку измени со текот на времето. Во моментов таму постои дело на Санте Прунати кое го прикажува Откупителот помеѓу Тобијас и ангелот, потоа Сан Либорио и Сан Франческо ди Салес.[1]

Третата капела на левата патека е капелата Картолари, изградена во 1465 година од страна на канонот Бартоломео Картолари, а обновена во 1880 година. Посветена е на Сан Микеле Арканџело. Барокниот олтар е дело изработено во 17 век од страна на Анџело Рангиери. Тоа е украсено со различни слики. На врвот е сликата на Сан Микеле од Џузепе Занони изработено во 1880 година, во центарот на триптихот од 1531 година на Богородица, Сан Џероламо и Свети Георгиј, инаку светец-заштитник на Поглавјето на каноните. Изработено е од страна на училиштето на Франческо Карото. На долниот дел е делото изработено од Франческо Мороне, кое го претставува моментот на Раѓањето на Крстителот.[1]

Капелата на Богородица на народот, позната и како капела Маласпина

Наредна во редот е капелата свртена кон просторот на Пресвета Богородица. Оваа капела е од особена важност за жителите на Верона. Таа е посветена на Богородица и народот, чиј локален култ води потекло од 13 век. Структурата е некаде од 16 век. Внатрешноста била трансформирана, односно изменета во 1756 година. Внатре во капелата се наоѓа импозантна статуа на Богордица со рожбата, дело изработено во 1921 година од страна на скулпторот Винченцо Кадорин. Веднаш под тој елемент се наоѓа урната со „тронот“ на светите Фермо и Рустико, маченици особено почитувани во градот Верона.[1]

Конечно, на крајот од наосот се наоѓа и капелата Мафеи, изградена на почетокот на 16 век од каноните Франческо и Џироламо Мафеи. Ова капела претрпела бројни реновирања. Сегашниот олтар е дело изработено некаде во 1794 година од страна на Агостино Уголини. Делото ги претставува Богородица и детето заедно со светите Андреј, Анана, Џироламо и Јован Крстител. Во лунетата над лакот има и дел наречен Депонирање од 16 век. Тоа му се препишува на авторот Фалконето. Овој автор имал изработено уште неколку фрески во истата капела.[1]

Оргули[уреди | уреди извор]

Оргула сместена на левата патека, со насликани украси од страна на Феличе Брусасорзи

Во последниот распон на двата патеки, над специјални дрвени тезги за хор, постојат две оргули. Оргулите од десната страна наречени „Антегнати“ и оргулите од левата страна наречени „Фаринати“. И двете се одликуваат со дрвена кутија, фино издлабени со двојни издигнувања, составени од две странични рабови од по седум цевки. Постои и централен дел од пет прошарани цевки со две колони составени од цилиндрични делови.

Оргулата Антегнати била изградена по налог на Агостино Валиер, епископ од Верона помеѓу 1565 и 1606 година. Во 1683 година, бискупот Себастиано Писани II му наредил на сликарот Биаџо Фалчиери да ги украси вратите, прикажувајќи ги делата на Марија од надворешната страна и сликите Раѓањето на Марија и Посетата на балустрадата на хорскиот дел.[1] За жал, оригиналниот инструмент бил изгубен, а сегашниот бил обновен „во постоечкиот стил“ од страна на Бартелеми Форментели во 1992 година. Тој бил инспириран од еден инструмент од тоа време кој користел антички цевки, кои биле соодветно реставрирани.

Оргула од страна на десната патека, украсена со слики од авторот Биаџо Фалчиери.

На левата страна постои инструмент со комбиниран систем на менувач, односно механичко-пневматски менувач кој водел потекло од 1909 година. Оваа оргула била дело на веронскиот мајстор-занаетчија Доменико Фаринати. На крајот на 16 век, Феличе Брусасорзи ги насликал предните делови на вратата со четворица веронски епископи од внатрешна страна и Успението на Марија од надворешната страна. Многу близу до вратата била насликана и сликата на балустрадата од хорската мансарда, која прикажувала одредени приказни од Стариот завет.[1] Инструментот на левата страна бил реставриран и осовремен во 1994 година од страна на Форментели.

Внатре во торнакорото, во делот на мермерниот хор од десната страна, се наоѓа оргулата наречена „Бонато опус 13 “, изградена во 2007 година. Се користи редовно за време на литургии и концерти. Таа е надградена со електронски пренос. Има две тастатури од по 61 нота и една педала со 32 ноти.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 1,18 1,19 1,20 1,21 1,22 „Duomo di Verona“.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Notiziario della Banca Popolare di Verona, Verona, 1991, n. 2.
  3. Guadagnini e Padovani & pp. 4-5.
  4. Guadagnini e Padovani & p. 11.
  5. Guadagnini e Padovani & pp. 8-9.
  6. „Cattedrale Santa Maria Assunta“.

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Chiese e monasteri di Verona. Verona: Banca Popolare di Verona.
  • La cattedrale di Verona nelle sue vicende edilizie dal secolo IV al secolo XVI. Venezia: Arsenale. ISBN 88-7743-023-0.
  • Duomo di Verona. Firenze: Edam.
  • Il campanile della cattedrale di Verona. Verona: Museo canonicale.
  • La cattedrale di Verona. Verona: La grafica.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Други проекти[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

 

VIAF (ИТ) 137700024 LCCN (EN) n88020488 GND (DE) 4630965-2 J9U (МК,ТОЈ) 987007604860905171[мртва врска] · Идентитети на WorldCat (EN) lccn-n88020488