Интернет-банкарство

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Дел од серијата за
Електронска трговија
Мрежни добра и услуги

Streaming media
Електронска книгаs
Софтвер

Retail services

Банкарство
Нарачка на храна
Online flower delivery
Интернет фармација
DVD-by-mail
Патување

Marketplace services

Trading communities
Auctions • Online wallet
Огласување
Price comparison service
Social commerce

Мобилна трговија

Плаќање ·Ticketing
Банкарство

E-procurement
Purchase-to-pay

Интернет-банкарство (англиски: Internet banking) означува пристап до банкарските услуги преку интернет, при што секој клиент добива сопствено корисничко име (user ID) и лозинка (password), кои треба да му обезбедат приватност во користењето на услугите, како и заштита од можни злоупотреби од страна на други лица. Интернет-банкарството претставува банкарство кое се одвива од дома со посредство на интернет-мрежата. За извршување на банкарските трансакции не е потребен специјален софтвер, туку тоа може да се врши од секој компјутер и од секое место каде што има пристап до интернет. Притоа, податоците за трансакцијата не се складираат на тврдиот диск на компјутерот, со што е остварен одреден степен на заштита. Банките се тие кои се грижат за заштита на податоците, односно за одржување на сопствениот хардвер и софтвер.

Опфат[уреди]

Во Македонија, банките нудат бројни услуги преку интернет, наменети за населението и за претпријатијата, како што се: увид во состојбата на сметките, увид во дневните промени на сметките, добивање извод од сметките, префрлање пари од една на друга сметка, плаќање кон други лица итн. Притоа, овие услуги вообичаено се бесплатни за населението, додека претпријатијата плаќаат одреден месечен надомест. Во продолжение, некои банки овозможуваат преку интернет да се поднесуваат барања за потрошувачки кредити, а речиси сите банки, на своите интернет-страници имаат калкулатори преку кои потрошувачите може да прават пресметки на трошоците на кредитите. Се разбира, преку интернет-страниците, банките нудат бројни информации за видовите и цените на своите услуги. Во развиените земји, покрај банките, интернет-банкарство нудат и други, небанкарски оператори. На пример, во САД постојат два големи даватели на вакви услуги: Intuit и CheckFree.

Во поново време, повеќе македонски банки им понудија на потрошувачите можност за плаќање на сметките по електронски пат. Притоа, претпријатијата од областа на снабдувањето со вода, електрична енергија или греење склучуваат договори со банките, со кој нивните клиенти добиваат можност да ги плаќаат сметките на брз и едноставен начин, од своите компјутери. Имено, на својата интернет-страница банката поставува електронски образец на сметките за струја, вода или греење, нејзините клиенти го пополнуваат соодветниот формулар и ја овластуваат банката да ја плати сметката, а таа го извршува плаќањето. Електронското плаќање на сметките им нуди големи погодности, како на потрошувачите на банката, така и на комуналните претпријатија. Kорисниците на оваа услуга можат да ги плаќаат сметките од својот дом, така што не трошат време и не прават други трошоци за одење во банка или во пошта. Од друга страна, оваа услуга ги намалува трошоците на комуналните претпријатија, зашто ја отстранува потребата од печатење и испорака на сметките. Најпосле, самите банки остваруваат придобивки од оваа услуга, бидејќи на овој начин тие ги зацврстуваат односите со своите клиенти, а освен тоа, наплатуваат и одредена провизија за услугата.

Интернет-банкарството во Македонија полека зема замав, иако сè уште не е многу распространето. На пример, во декември 2010 година, од вкупно 3,4 милиони сметки, колку што биле отворени, само 220 000, т.е. 6,5% биле достапни преку компјутер, а од нив само 38 400 сметки им овозможувале на корисниците увид во состојбата и плаќање преку компјутер. Исто така, од вкупниот број поднесени налози за плаќање, само 24% биле преку компјутер, додека 76% биле книжни налози. Според тоа, плаќањата најчесто се вршат преку пополнување и доставување книжни налози, со лично одење во банката и тоа ја отсликува ниската примена на интернет-банкарството, дури и во областа на платниот промет.[1]

Развој[уреди]

Во последните десеттина години, банките масовно започнаа да го користат интернетот како средство за испорачување на своите услуги. Денес, секоја банка поседува своја интернет-страница преку која, ако ништо друго, тогаш барем нуди информации за себе и за активностите што ги извршува. Всушност, примената на интернетот во банкарството е толку раширена што интернет-банкарството се поистоветува со електронското банкарство, иако тоа е само дел од него. Секако, круна на интернет-банкарството е појавата на интернет-банките, коишто воопшто не постојат во физички облик. Првата интернет-банка во светот е Security First Network Bank, основана во 1995 година. Овие банки нудат сеопфатни финансиски услуги (платен промет, депозитни услуги, потрошувачки и станбени кредити итн.) и, во тој поглед, тие им конкурираат на традиционалните банки. Сепак, треба да се забележи дека предвидувањата дека интернетот ќе доведе до изумирање на банките не се остварија, зашто бројот на интернет-банките сè уште е многу мал и тие имаат незначителна улога во финансиското посредување.

Притоа, може да се наведат повеќе причини за бавниот развој на интернет-банкарството:[2]

  • за многу банкарски услуги е потребно физичко присуство на клиентите во банките;
  • за некои слоеви од населението интернетот е недостапен, или пак, неговата употреба е многу сложена;
  • многу луѓе се недоверливи кон интернет-банкарството поради проблемот на сигурноста;
  • традиционалните банки нудат интернет-банкарство, така што нема потреба од интернет-банки.

Всушност, времето покажа дека информациската технологија не доведе до заобиколување на банките, бидејќи интернет-банкарството сè уште подразбира одредена улога на традиционалните банки. Тоа особено се однесува на банкарството на мало. Според некои процени, во Европа, дури 80% од сите малопродажни банкарски услуги се продаваат преку филијалите и експозитурите на банките.[3]

Предности и недостатоци[уреди]

За банките, интернет-банкарството нуди поголем број предности:

  • Креирање имиџ на современа компанија која е во состојба да им ги предложи на своите клиенти најновите технолошки решенија. На тој начин се подобрува конкурентната позиција на банката.
  • Подобрување на комуникацијата со клиентите. Во класичниот однос, банките можеа да им ги нудат своите услуги на клиентите само текот на работното време. Но,со интернет-банкарството, комуникацијата меѓу банката и клиентот е практично неограничена.
  • Рационализација на потенцијалот на банката. Со пренос на одредени услуги на интернет, банката ги намалува трошоците на работењето, на тој начин што при зголемување на бројот на комитенти, банката не мора да отвора нови филијали, односно да изнајмува нови простории, да вработува нови луѓе. Со користење на интернетот, банката може да се покрие многу поголема географска област и да се опслужат голем број клиенти, без дополнителни трошоци.
  • Предности во однос на маркетингот. Банката на својата интернет-страница може да нуди голема количина информации и, на тој начин, своите услуги да ги направи достапни за поширок круг на корисници.

Исто така, интернет-банкарството нуди повеќе предности за клиентите:

  • Интернет-банкарството претставува самоуслужно банкарство, кое е од голема корист за клиентот, посебно поради фактот што е е достапно 24 часа, 7 дена во неделата, од секое место на планетата.
  • Брзо, ефикасно и економично извршување на трансакциите.
  • Можноста за брзо и едноставно запознавање со новите услуги кои ги нуди банката, преку информациите кои се поставени на интернет-страницата на банката.

Од друга страна, основни недостатоци на интернет-банкарството се:

  • Отсуство на сигурност,
  • Недостаток на приватност,
  • Опасност од злоупотреба на податоците во криминални активности,
  • Одбојности спрема нови технолошки иновации,
  • Недостаток на правна регулатива.

Безбедност на плаќањата преку интернет[уреди]

Безбедноста е критичен момент за развојот на е-трговијата и во е-банкарството. Поради тоа, развиени се повеќе методи и протоколи.

SET[уреди]

SET (Secure Electronics Transaction) е технички стандард со кој што се заштитува наплатата со кредитни картички на интернет. Овој стандард вклучува дигитални сертификати со кои што се утврдува кој е вистинскиот носител на кредитната картичка што ја врши нарачката. Од една страна, SET стандардот го идентификува купувачот, но од друга страна тој обезбедува идентификација и за продавачот кој нуди стока и услуги преку интернет. Ова се остварува со помош на дигиталните сертификати, пред да се издаде информацијата за кредитната картичка. Со тоа се спречува продавачите да не ги злоупотребуваат информациите на купувачите. Дополнително, сите SET трансакции се криптирани.

Криптирање[уреди]

Тоа е постапка при која се врши трансформација на оригиналните податоци кои се испраќаат преку интернет, во форма која не е читлива за сите корисници, освен за одреден корисник.

Декрипција е инверзна трансформација, каде шифрираната порака се трансформира во читлива порака, со користење на одредени механизми/алгоритми на декрипција. Кај симетричниот алгоритам на криптирање се користат симетрични клучеви за шифрирање и дешифрирање на пораката. Тајноста, во овој случај, се базира на тајноста на самиот клуч. Меѓутоа, проблем е дистрибуцијата на клучот.

Кај асиметричниот алгоритам на криптирање постојат два клучеви: приватен и јавен. Јавниот клуч се испраќа по мрежата. Корисникот го добива овој клуч и ја криптира пораката. Криптираната порака се испраќа на другиот корисник, кој ја декриптира со помош на тајниот клуч.

Дигитален потпис[уреди]

Целта на дигиталниот потпис е да ја потврди автентичноста на содржината на пораката (односно, да докаже дека пораката не е променета на патот од испраќачот до примачот), како и да го гарантира идентитетот на испраќачот.

Испраќачот со примена на одредени криптографски методи, од својата порака која има произволна содржина, креира запис со фиксна должина, кој одговара на содржината на таа порака. Потоа, овој запис испраќачот го криптира со својот таен клуч и така го формира дигиталниот потпис, кој се испраќа заедно со пораката. Примателот ја дешифрира пораката со добиениот јавен клуч и така може да открие било каква неправилност во пораката (односно, ако некој ја променил содржината на пораката).

Наводи[уреди]

  1. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 342-343.
  2. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 343.
  3. The Banker, Vol. 157, No. 977, July 2007, стр. 120.