Дактилоскопија

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Дактилоскопирањето (грч.: δάκτυλος dactilo - прст + лат.: scopien - набљудување) е постапка при која се врши идентификација на лица со помош на трагите оставени од прстите на рацете. Оваа метода е составен дел на една поширока криминалистичко-техничка метода, наречена папилоскопирање. Дактилоскопирањето, заедно со педоскопијата, пороскопијата и хејроскопијата, ја сочинуваат методата на папилоскопирање.

Папиларна структура на прст

Во минатото, водењето декадактилоскопски и монодактилоскопски збирки се вршело со помош на картонски датотеки. Денес, тие се заменети со новите методи на компјутерска обработка на овие податоци, со специјални системи кои ги користат криминалистичко-форензичките институции: APIS (automatic palmprint identification system) и AFIS (automatic fingerprint identification system), односно системи за компјутерска обработка на отпечатоци од дланки и прсти.

Историски развој на дактилоскопската метода[уреди]

Иван Вучетиќ

Во 1664година, италијанскиот лекар и анатом, Марчело Малпиџи (ита. Marcello Malpighi), во внатрешниот слој на кожата кај човекот (ендодерм), открил голем број на испакнати брадавички, кои ги нарекол папили. Во внатрешноста на овој слој, се одигруваат функциите на лачење на пот, лој и други продукти на метаболизмот. Анатомски, папилите имаат форма на вулкански кратери, на кои се наоѓаат отворите на лојните и потните жлезди. Лојните жлезди лачат излачевина наречена лој, чија задача е да ја омекнува кожата, а потните жлезди лачат пот, која освен што ја регулира температурата во телото, ја навлажнува кожата и не и дава да се суши. Густината на папиларните линии не се подеднакво распространети секаде по телото. Нив најмногу ги има на дланките од рацете и на стапалата од нозете. Сите папиларни линии на еден прст, односно на една фаланга од прстот, го сочинуваат цртежот на папиларни линии на тој прст, кој е единствен и непоновлив, односно карактеристичен само за едно лице. Вршени се испитувања на еднојајчaни близнаци, и било утврдено дека и покрај одредениот степен на подударност на цртежите на папиларните линии, постојат многу разлики и меѓу нив, што значи дека оваа метода е сигурна кога станува збор за утврдување на идентитет на лице. Според некои нови истражувања, постои можност два папиларни цртежи да бидат исти, доколку популацијата на Земјата достигне 65 милијарди луѓе.

Вистинскиот развој на техниката за идентификација на основ на споредување на папиларни линии, започнал во Англија, кон средината на 19 век. Веднаш потоа, оваа метода почнала да се применува и во САД, по што започнала сеопшта примена и во европските земји. Првиот криминалистички случај кој бил решен со помош на оваа метода е двоструко убиство на деца во Аргентина, разрешен од страна на криминалистот Иван Вучетиќ, аргентински Хрват. Во 1894 во истата земја, оваа метода била и официјално призната и воведена како метода за регистрација и идентификација на лица. Истата година резултатите од своите истражувања Вучетиќ ги објавил во книгата Дактилоскопија, а во 1904 година ја издал книгата Споредбена дактилоскопија, во која ги објавил резултатите од областа на класификација на отисоците од прсти и нивната примена во идентификацијата на лица. Таквиот систем на класификација е наречен Вучетиќев, во чест на нејзиниот основач. Освен овој систем, постои, и во западноевропските земји во примена е Галтон-Хенриевиот систем. Вучетиќевиот систем е во примена во земјите на Јужна Америка, Шпанија, Франција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија.

Вучетиќев метод на дактилоскопирање[уреди]

Дактилоскопски фиш од 1859-1860

Според овој метод, декадактилоскопирањето се состои во земање на отпечатоци од прстите на двете раце, кои се бележат на еден дактилоскопски фиш. Оваа метода се нарекува и десетопрсна, односно регистрациона, бидејќи се користи за регисрација на сторители на кривични дела. Монодактилоскопијата опфаќа земање на отпечатоци од сите десет прсти, но на десет посебни дактилоскопски фишеви, при што на секој фиш се земаат отпечатоци од еден прст. Оваа метода се нарекува истражна, бидејќи се користи во случај кога на местото на настанот е најден еден отпечаток од прст, при што по одредувањето на неговата монодактилоскопска формула, се пребарува по дактилоскопските збирки кои имаат иста монодактилоскопска формула.

Карактеристики на отпечатоците од прсти[уреди]

Отпечатоците од прсти се карактеризираат со следниве својста:

  • Непроменливост - тие кај една личност остануваат исти во текот на целиот живот на индивидуата. Папиларните линии, се формираат во периодот на бременост, кога плодот е во четвртиот месец од развојот;
  • Индивидуалност - папиларните линии се карактеристични за една единка, тие се единствени за неа и неповторливи;
  • Можност за пресликување - можност отпечатокот од прстите да се пренесе на друг предмет, како и веќе оставената трага да се подигне; и
  • Можност за групирање - со чија помош е возможно да се издвојат неколку основни групи на отпечатоци од прсти.

Основна декадактилоскопска класификација[уреди]

Цртежите од папиларни линии на рацете можат да се групираат во четири основни групи:

  • лачни цртежи (се белажат со бројот 1)
  • леви јазли (се бележат со бројот 2)
  • десни јазли (се бележат со бројот 3) и
  • кружни цртежи (се бележат со бројот4).

За полесна идентификација, воведени се и три помошни видови:

  • сложени (кои не можат да се класифицираат во ниту една од претходните групи)
  • оштетени цртежи на папиларни линии (намерно оштетување, повреди на кожата, стругање) и
  • ампитиран прст (отсуството на првата фаланга од прстот).
Лачен цртеж  
Десен јазол  
Кружен цртеж  

Цртежите од папиларни линии во вид на лакови поаѓаат од едната страна, го минуваат предниот испакнат дела на првата фаланга од прстот (јагодицата) и продолжуваат на спротивната страна. Линиите, кои се во вид на бранови, односно лаци, се извиваат кон врвот на прстот. Одсуствува појава на тријаголник (делта), која ја има на другите видови папиларни цртежи. Лачните цртежи ретко се појавуваат помеѓу популацијата, а некои истражувања покажале дека само 5% од луѓето имаат вакви отпечатоци на своите прсти.

Цртежите на папиларни линии во вид на јазол започнуваат од едната страна на првата фаланга од прстот, продолжуваат кон центарот, каде прават завртување и се враќаат кон местото од каде започнале. Исклучителна карактеристика на овој вид цртеж, е што на спротивната страна на прстот од каде започнал јазолот, доаѓа до спојување на надворешните папиларни линии во вид на тријаголник (делта). Цртежите во вид на лев јазол, содржат делта на десната страна, а цртежите во вид на десен јазол - делта на левата страна.

Цртежите на папиларни линии во вид на кругови имаат присуство на круг или некој сличен облик во средината на јагодицата, додека папиларните линии од горниот и долниот дел се спојуваат лево и десно во долниот дел, формирајќи лева и десна делта. Секој цртеж од папиларни линии кој има најмалку две делти, припаѓа на оваа група цртежи. Во центарот, освен чисти кругови може да се најдат и спирали во десно или лево, двојни спирали, т.н. јазли близнаци и елипси. Околу 30 до 35% од човековата популација има цртежи со ваков облик.

Минуции, карактеристични точки преку кои е можна електронска идентификација

Декадактилоскопска формула[уреди]

Декадактилоскопската формула претставува дропка во чиј броител се запишуваат броевите на папилоскопските цртежи од десната рака, по редослед од палецот кон малиот прст, а во именителот се запишуваат броевите кои соодветствуваат на цртежите на левата рака. Редоследот на запишување е ист како и кај десната рака.

Декадактилоскопска поткласификација[уреди]

На поткласификација подлежат цртежите на папиларните линии во вид на јазли и кругови, бидејќи оние во вид на лаци ретко се среќаваат Поткласификацијата ги опфаќа само трите средни прсти на двете раце (показалецот, средниот и домалиот прст) и малиот десен прст, доколку тој е во вид на јазол, како облик кој најмногу се среќава кај малите прсти.

За разлика од основната дактилоскопска формула, поткласификационата формула е релативно потешка за составување.

Поткласификација на папиларните линии во вид на јазли[уреди]

Кај декадактилоскопската поткласификација, папиларните цртежи во вид на јазли се класифицираат по пат на броење на папиларните линии од надворешниот до внатрешниот терминус (лат. terminus - крајна точка), кој претставува замислена точка која се наоѓа во центарот на цртежот од папиларни линии, место каде петљата свртува и се враќа назад или таму каде една или повеќе внатрешни линии го завршуваат својот пат. Врз основа на бројот на линии, цртежите во вид на јазли се означуваат со броевите:

  • 1 - од 2 до 6 папиларни линии
  • 2 - од 7 до 10 папиларни линии
  • 3 - од 11 до 14 папиларни линии и
  • 4 - над 14 папиларни линии.

Поткласификација на папиларните линии во вид на кругови[уреди]

Фиксирање на дактилоскопски отпечатоци со помош на магнетен прав

Овој вид на цртежи од папиларни линии се поткласифицира според системот на пратење на папиларните линии. Кружните примероци имаат по две делти, лева и десна. По овој метод, се следи долниот крак на едната делта во однос на другата. Во зависност од меѓусебната положба, овој вид на цртежи се класифицира во три групи:

  • група 5 - ако долниот крак на левата делта е над нивото на долниот крак на десната делта
  • група 6 - ако двата долни краци од двете делти се на исто ниво и
  • група 7 - ако долниот крак на левата делта е под нивото на долниот крак на десната делта.

Монодактилоскопирање[уреди]

Монодактилоскопијата е метод за идентификација на непознати сторители на кривични дела, врз основа на траги од папиларни линии кои сторителот ги оставил на местото на настанот, кои се споредуваат со постоечка база на папиларни цртежи земени од познати сторители. Оваа идентификација опфаќа дактилоскопирање на сите десет прсти, со што многу полесно се наоѓа бараното лице.