Бонсаи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Бонсаи-бор во неформален исправен стил. Дрвoво е старо над 30 год.

Бонсаи (јап. 盆栽, букв: „посадено во сад“) е уметността на естетската минитуризација на дрвjа по пат на нивно одгледување во саксии. Изразот „бонсаи“ е јапонски изговор на кинескиот израз „пенџинг“ (盆景). Меѓутоа денес во западната култура, зборот „бонсаи“ е заеднички израз за сите минијатурни дрвенасти растенија одгледани во саксија.

Историја[уреди]

Поставка на бонсаи при градинарска изложба во Татон парк во Чешир, Англија

Одгледување во саксија, како на дрвја така и на други видови растенија, има историски почетоци уште во времето на Египетската култура и цивилизација. Постојат слики кои потекнуваат од 4000 п.н.е. и кои прикажуваат дрвја посадени во камени садови. Фараонот Рамзес III на стотина храмови подарил градини кои биле составени од маслинки, палми и други растенија посадени во саксии. И во стара Индија се саделе дрвја и други растенија во саксии за медицински цели и исхрана.

Изразот penzai првпат се појавува во Кина во времето на Џин (Jìn Cháo) Династијата во периодот од 265 н.е. – 420 н.е. Со тек на времето оваа вештина се развива во нови форми во различни делови на Кина, Јапонија, Кореја, Виетнам и Тајван. Посебно одгледувањето на растенија во саксија било популарно во Јапонија во времето на кинеската династија Сунг, период на голем развој на Кина, кога Јапонците присвоиле и примениле многу од кинеските знаења и вештини. Јапонскиот Зен калуѓер Kokan Shiren (虎関師錬), (1278-1347), во 1300 год. ги поставува естетските принципи за бонсаи, бонсеки и архитектонските принципи на јапонската градина.

На почетокот Јапонците ги одгледувале минијатурните дрвја во саксии за разубавување на нивните домови и градини. Подоцна одгледувањето на азалеатa и јаворот станале симбол на богатство и престиж.

Една од најстарите познати живи збирки на бонсаи, која се смета и за национално богатство на Јапонија е збирката на царот, во која се наоѓа петиглестиот бел бор (Pinus pentaphylla var. negishi), познат како Сандај-Шогун-Но Мацу, за кој се претпоставува дека е стар околу 500 години и дека почнал да се одгледува како бонсаи уште во далечната 1610 година.

Денес одгледувањето бонсаи веќе не е привилегија на богатите, туку тоа стана светски позната хортикултурна уметност.

Одгледување[уреди]

Бонсаи може да се создаде од скоро секој вид на дрво или грмушка. Со помош на посебни техники на кастрење на крошната и корењата и чување во мали саксии, тие растенија се одржуват минијатурни во развојот. Но некои видови дрвја се попогодни за одгледување како бонсаи поради нивните природни карактеристики да имаат мали игли или листови. Целта на одгледување бонсаи е да се направи рамнотежа меѓу човекот и природата, а одгледувачите на бонсаи, во себе ја негуваат креативноста и секоја година преку своите дрва одново го доживуваат ритамот на природата и годишните времиња. Одгледувањето бонсаи бара многу трпение и внимание, а како награда за вложениот труд се добива внатрешна смиреност.

Снабдување со стартен бонсаи материјал[уреди]

Одгледувањето бонсаи е невообичаена, односно нестандардна форма на одгледување дрвја, при што начинот на обезбедување со стартен материјал за бонсаи со садење од семе, е најмалку користениот начин. Карактеристиките кои го прават едно бонсаи врвен примерок, покрај другото се староста на стеблото, негова интересна форма, или некои рани на стеблото и гранките што ги одсликуваат временските неприлики во кои растело дрвото и кои се вообичаени за дрвата кои растат во дивина, а сето тоа е скоро невозможно да се добие од дрво засадено од семе, барем не во еден човечки век.

Естетика[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Бонсаи-естетика.

Јапонска школа[уреди]

Јапонската естетика за централна идеја ја зема "небеса и земја во еден сад", што е јапонско клише. За добро бонсаи потребни се три елементи: шин-зен-би (真善美) или вистина, суштина и убавина.

Традиционалнен избор за бонсаи се растенијата бор, јавор, брест, уме, јапонска глицинија, смрека, сакура, азалија и ариш. Растенијата се чуваат надвор, а се внесувааат во токонома по посебни пригоди каде највеќе го евоцираат моменталното годишно време.

Јапонските бонсаи секогаш мораат да го рефлектираат духот на растението: секогаш мора да изгледаат сосем природни и да не покажуваат ниедна трага од човечка интервенција.

Кинеска школа[уреди]

Кинеската естетика тежнее да ја долови суштината и духот на природата по пат на контрасти. Философски, кинеската уметност го следи принципот на таоизмот, особено Јин и Јанг концептуализацијата на космосот како владеан од две исконски спротивставени, но надополнителни (комплементарни) сили. Инспирацијата не се ограничува на природата, туку и на поезијата и ликовната уметност, од кои се земаат слични естетски вреднсти. Чести теми се змеови и јунаци. Но на највисоко ниво, уметничката вредност на пенџинг е иста со вредноста на поезијата, калиграфијата, четкосликарството и градинарската уметност.


Најчести стилови[уреди]

Бонсаи-градина кај пагодата Јунјуан Та (Облакокарпеста пагода; Сужоу, Кина)
Бонсаи-дрво

Постојат најразлични стилови на бонсаи, со тоа што извесни се почести од сите други. ова се формалниот исправен, накривениот, неформланиот исправен, каскадниот, полукаскадниот, сплав, литерати, и групен/шумски стил.

  • Формалниот исправен стил како што самото име нѝ кажува, се карактеризира со исправено вретенесто стебло. Стеблото и гранките на неформалниот исправен стил може да имаат изразени кривини, но врвот му е секогаш директно над корењата.
  • Навалениот стил е сличен на формалниот исправен стил во стеблото, но тука тоа излегува од земјата под агол, и врвотна дрвото е лево или десно од корењата.
  • Каскаден стил се заснова на обликот на дрвата кои растат над вода или ендеци. Врвот на полукаскадниот стил се протега само веднаш под работ на саксијата, додека врвот на (полниот) каскаден стил паѓа под основата на саксијата.
  • Сплавниот стилот го имитира природниот феномен кога едно дрво е соборено (обично поради ерозија и др.) и затао гранките долж отворената страна на стеблото сочинуваат други стебла. Понекогаш од долната страна на стеблото излегуваат и корења. Овој стил опфаѓа и други третмани на дрвото како змијулест, праволиниски и навален стил. Сето ова дава илузија на привидна група дрва, но тоа всучност се гранките на едно дрво засадено бочно.
  • Литерати-стилот се карактеризира со потенцирање на голема надолжна видливост на стеблото, а гранките се сведени на минимум, кои обично се наоѓаат погоре, на стебло кое е криво. Овој стил е инспириран од кинеското четкосликарство, како оние во древниот ракопис,Сликарски прирачник „Синапова градина“, на кој се насликани борови кои растат на сурова клима, борејќи се за светлина. Литерати-стилот во Јапонија е наречен бунџин-ги. (Бунџин е превод од кинескиот збор венрен што значи „академци-уметници“ и ги е дериват од јапонскиот збор, ки, - „дрво“).
  • Групниот или шумски стил се состои од повеќе дрва (обично непарен број ако се три или повеќе) заеднички засадени во една саксија. Обично овие се од ист вид, но дрвата се чуваат на различна височина по примерот на зрелите шуми.

Големински класификации[уреди]

Покрај ова, бонсаите се класифицираат и по големина. Постојат ред техники и стилови поврзано со т.н. големини маме и шито, најмалите бонсаи. Овие се доволно мали за да се одгледуваат во саксии со големина на напрсток, и заради нивната минијатурност, барааат посебна нега и стилови на одгледување.

Техники[уреди]

Обликувањето и смалувањето на дрвата се постигнува со неколку основни, но прецизни техники. Минијатурноста на дрвото и листовите се одржува со рамномерно кастрење на лисјата и корењата. Тука се применуваат разни методи, бидејќи секој вид дрво различно разлистува. Покрај ова, извесни кастрења мора да се вршат сезонски, бидејќи највеќето дрва имаат период на мирување,односно период кога не растат корењата и лисјата, и несоодветното кастрење може да го ослаби или уништи дрвото.

Дрвата соодветни за бонсаи се обликуваат со жица. Бакарна или алуминиумска жица се обвиткува околу гранките и стеблата, држејќи ги гранките во саканата положба додека тие самите не се здрвенат и потоа жицата се отстранува. Некои видови не се здрвенуваат многу, или се веќе премногу крути/крти за да бидат обликувани на овој начин. Во овој случај обликувањето се врши главно со кастрење.

За симулирање на возраста и зрелоста на едно бонсаи, може да се применат техниките наречени Џин и Шари. Џин се прави со отстранување на кората од поврината на голема гранка или стеблото, додека Шари е целосно соголување на кората од една гранка. Овие техники го имитираат природното создавење на лузни и отпаѓање на гранки. Овие техники треба да се применуваат со внимание, бидејќи соголените места се подложни на инфекции, а претерано отстранување доведува до прекин на растот на дрвото над тоа место. Исто така кората не смее никогаш да се отстранува сосема во облик на прстен бидејќи тоа го прекинува доводот на вода и хренливи материи од тоа место нагоре.

Нега[уреди]

Наводнување[уреди]

Заради ограничениот простор во бонсаи-саксијата, негата може да биде незгодна. Плитките садови го ограничуваат кореновиот систем со што соодветното наводнување станува уметност сама за себе. Додека некои видови можат да издржат периоди на релативна суша, други бараат речиси постојана влажност. Пречестото наводнување или оставање на земјата расквасена може да резултира со габични инфекции и трулење на корењата. Сонце, врелина и изложеност на ветер можат бргу да го исушат растението, и затоа влажноста на почвата треба да се проверува на дневна база, а кога е потребно, растението да се нававадува обилно. Земјата не смее да стане „барут-сува“ дури ни за кратки периоди. Лисјата на некои растенија кои се одгледуваат за бонсаи (како обичната смрека) не покажуваат знаци на оштетеност пред штетата да стане преголема, и може да изгледаат зелени и здрави дури и во случај кога корените им се уништени.

Во постудени клими не смее да се дозволи земјата да стане презаситена со вода бидејќи тоа доведува до гниење на корењата. Во потоплите клими, бонсаите треба да седат во плитки водоотпорни садови кога не се користат, и да им се даде можност да опсорбираат вода од дното на саксијата за да не дојде до дехидрација.

Пресадување[уреди]

Пресадувањето и кастрењето на корените на бонсаите се врши на пролет, веднаш пред да излезат од периодот на мирување. Додека се во развој, бонсаите се пресадуваат еднаш на две години, и поретко кога се позрели. Пресадувањето од една во друга саксија спречува растението да стане врзано за саксијата и предизвикува раст на нови корени, за дрвото да може послободно да апсорбира влага.

Жичено обликување[уреди]

Најмоќната алатка за обликување на дрвото е жицата. Најдоброто време за обвивање на дрвото е пролет или есен кога дрвото има најмалку лисја и не е круто. (Дрвјата зиме стануваат крути заради многу помалиот притисок на растителните сокови во стеблото и гранките.)

Дрвото се обвива прво околу стеблото, а потоа спирално околу гранките. Самото дрво потоа ги води гранките во саканиот правец. Друга метода е закачување на тегови на гранките, така што тие виснуваат и дрвото изгледа постаро.

Жицата се остава на дрвото за време на сезоната на растење. Меѓутоа дрвото не смее да ја надрасне жицата, бидејќи кората се врзува за жицата и потоа отстранувањето е трауматично. Кога е време да се отстрани жицата, таа се сече на мали парчиња (а не се одвиткува) и вака се прави помала штета на лисјата.

Дебелината на жицата треба да одговара на големината на гранката — поголеми гранки се обвиткуваат со подебела жица. Наместо подебела жица може да се користат и две потенки жици заедно. Жиците не смеат да се вкрстат.

При виткањето на гранките треба да се внимава да не се прекине или прекрши некоја гранка. Особено внимание треба да се обрне при виткање на гранката близу до стеблото, бидејќи таму таа е најкршлива. Можно е и гранката да се витка постепено, малку по малку, преку подолг временски период.

При работа со гранките треба да се внимава и на саканиот стил на дрвото.

Алатки[уреди]

Постојат посебни алатки за одржувањена бонсаи. Најчестата алатка е конкавниот секач за кастрење на фиданки без оставање на никулци. Други алатки се прачки за виткање, клешти за жица и разни ножици за фино или грубо обликување. За обликување и држење на гранки се користи алуминиумска или анодизирана бакарна жица.

Ѓубрење и земја[уреди]

Ставовите за мешавините на земја и ѓубривата се поделени. Некои познавачи велат дека треба да се користат органски ѓубрива бидејќи мешавината од земја е неорганска, додека други слободно користат хемиски ѓубрива. Почвите за бонсаи се направени за најдобра дренажа. Земјата за бонсаи е лабава, брзодренажна мешавина од компоненти како груб песок или чакал, печени глинени топчиња и проширени шкрилци помешани со органски компонент како тресет или кора. Во Јапонија се преферираат вулкански почви базирани на глина (акадама, или „црвенотопчеста“ почва, и канума, вид жолта пемза).

Садови[уреди]

Секоја саксија за бонсаи има дупки за одлевање на одвишок вода. Дупките се покриваат со ситна пластична мрежа која ја задржува земјата. Самите садови можат да бидат во различен облик. Садовите со прави страни и остри агли се подобри за формални дрва, додека овални и округли садови се соодветни за неформалните стилови. Квалитетните бонсаи-садови се керамички, и се печени на висока температура за да издржуваат мразови. Најчестите садови се без глазура и кафени по боја. Глазираните садови се користат за листопадни и цветни дрва. Економичните садови од калапена пластика („мика“) можат да се користат за бонсаи во развој, но речиси секаков сад со добар одвод може да се употреби за дрва во развој. Некои ентизујасти израотуваат свои кутии од дрво и летви.

Место на чување[уреди]

Наспроти широко распространетото мислење, бонсаите не се одгледуваат во затворени простории, бидејќи така најверојатно би умреле. Додека некои тропски растенија (Ficus, Schefflera, и др.) успеваат на затворено, повеќето бонсаи се развиени од дрва кои растат во умерена клима (четинари, јавори, ариш итн.) и сакаат период на мирување. Речиси сите дрва бараат неколку часа директна или сосема малку филтрирана сончева светлина секој ден.

Презимување[уреди]

Некои дрва бараат заштита од временските неприлики и зимските техники на заштита се применуваат во зависност од тоа колку дрвото е приспособено за дадената клима. За време на презимувањето, умерените видови дрва треба да мируваат, но треба да се внимава листопадните дрва да не излезат од мирувањето прерано. Саксии поставени во земја, незагреани гаражи, тремови и слично се најчести места за презимување. Растението во својот сад може да се покрие и со лисја или слама или пак корењата да се закопаат под мразот на земјата.

Собирање[уреди]

Бонсаите можат да се развиваат од материјал купен од локалната градинарска продавница, или пак да се земат од соодветни растенија во дивина или од урбаниот пејзаж.

Собраните дрва се високо ценети и на нив се гледат старосните карактеристики уште при самото собирање. При собирањето треба да се биде многу внимателен, бидејќи е многу лесно непоправливо да се оштетат корењата при откопувањето. Затоа потенцијалниот материјал мора внимателно да се анализира пред да се реши дали може безбедно да се откопа. Идеални кандидати се дрва со плитки или делумно видливи корења. Се разбира, треба да се има предвид сопственоста на земјата каде тоа дрво расте.

Надворешни врски[уреди]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]