Златни прозорци

Од Википедија — слободната енциклопедија

Златни прозорци (полски: Złote okna) - новела на полскиот писател Адолф Рудницки.

Содржина[уреди | уреди извор]

Новелата се состои од четири дела:[1]

  • Декемвриско утро
  • Премин
  • Вечниот живот на Марек Кармански
  • Земја

Декемвриско утро
Едно декемвриско утро, на вратата на еден стан во Варшава тропа Јузеф Клон. Девојката која живее во станот му отвора и тие се прегрнуваат, облеани во солзи.[2]

Премин
Осум месеци претходно, во април 1943 година, Јузеф се сретнал со докторот Браун, член на движењето на отпорот, кој му дал задача да појде во варшавското гето и оттаму да го извлече во слободната зона поетот Александар Топаз. Јузеф успешно влегол во гетото, но не го нашол поетот во неговиот стан. Утредента, во гетото влегла германската војска, со намера да го уништи и пред влезот на зградата бил убиен Александар. Потоа, во гетото се воделе тешки борби меѓу нацистите и Евреите, кои се криеле во подрумите, на таваните и во скривниците ископани под земја. Конечно, Јузеф успеал да се пробие низ тунелот до излезот од гетото, го прескокнал ѕидот и се скрил во една зграда. Тогаш, на улицата го видел мртвото тело на поетот Марек Кармански кој, исто така, се обидел да избега.[3]

Вечниот живот на Марек Кармански
Марек бил син на познат полски архитект. Иако имал еврејско потекло, тој живеел во слободната зона на Варшава, но гледајќи ги страдањата во гетото добил желба да им се придружи на Евреите. Во гетото се префрлил заедно со Јузеф, барајќи го поетот Александар Топаз. Кога стигнале во станот на Топаз, Марек бил неправедно обвинет дека е поткажувач, но го спасил Јузеф кој, по смртта на Топаз, си поставил цел да го извлече Марек во слободната зона. Кога започнале борбите во гетото, Јузеф и Марек се криеле во една подземна скривница, но биле откриени од нацистите и заробени. За чудо, нацистите не ги стрелале, туку ги преместиле на друго место во гетото, каде ги измачувале со намера да ги присилат да прифатат да бидат поткажувачи. Јузеф ја одбил понудата да биде предавник, по што бил одведен на стрелање, но како по чудо останал жив, извлекувајќи се со рана во ногата. Потоа, тој бил спасен од вооружените младинци под раководство на Адам, кој заедно со него пристигнал во гетото. Некое време, Јузеф се криел заедно со младинците, а еден ден открил канал преку кој побегнал во слободната зона во градот. Таму, откако закрепнал, тој се поврзал со криумчарот Сташа Стаклениот кого го убедил да одат во гетото за да пренесуваат луѓе. Тие заедно се вратиле во гетото, но Јузеф останал таму, барајќи го поетот Кармански. Еден ден, Јузеф случајно го видел Кармански, кој во меѓувреме станал предавник, а по некое време го пронашол, болен и изнемоштен и започнал да го негува. Една ноќ, заедно со него и со Адам, Јузеф прескокнал преку ѕидот и се префрлил во слободната зона на градот, но тогаш погинал Кармански.[4]

Земја
Во последниот дел се раскажува за животот на Јузеф до неговото преоѓање во гетото: Тој бил родум од мало место, во семејство на татко-занаетчија. Постариот брат умрел од срцева болест пред Втората светска војна, а во 1938 година Јузеф заминал на студии во Варшава. Кога започнала војната, тој и татко му биле мобилизирани, а потоа неговото семејство се преселило во Варшава, живеејќи сиромашен живот. Неговата мајка умрела од тифус, а татко му бил убиен од нацистите. Во Варшава, Јузеф му се приклучил на движењето на отпорот и така се запознал со Елжбјета, која веднаш ја засакал. Сепак, тие стапиле во љубовна врска откако тој се преселил во нејзиниот стан, а особено откако бил уапсен татко ѝ.

По враќањето дома, додека закрепнува, Јузеф постојано ѝ раскажува на Елжбјета за поетот Кармански, но таа мисли само на него. Утредента, во станот доаѓаат нацистите и при обидот да влезат експлодира динамитот што го крие Елжбјета, а таа и Јузеф умираат во прегратка. Всушност, при бегството од гетото, Кармански не загинал, туку бил само ранет, а кај него нацистите ја пронашле адресата на Елжбјета.[5]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Покрај страдањата на Евреите во варшавското гето, во „Златни прозорци“, Рудницки обработува уште една тема - улогата на уметникот во животот. Притоа, тој прикажува два типа поети: Првиот е Александар Топаз, кој живее во гетото, иако не мора, но тој го чувствува тоа како неопходност, а гетото го прифаќа како својот живот. Од друга страна, вториот тип а Марек Кармански кој, исто така, не морал да замине во гетото, но го прави тоа со намера да го види тамошниот живот. Меѓутоа, тој не може да го издржи животот во гетото и постанува предавник токму затоа што секогаш посакувал повеќе отколку што можел. Најпосле, главниот лик во делото, Јузеф Клон е скромен, природен и доследен, човек кој сè прави без патетика и за кого ништо не може да биде поинаку. На тој начин, „Златни прозорци“ претставува несекојдневна исповед на луѓето кои се нашле во несекојдневни околности, притиснати од несекојдневни маки.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961.
  2. Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961, стр. 5-7.
  3. Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961, стр. 7-43.
  4. Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961, стр. 43-101.
  5. Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961, стр. 102-119.
  6. Djorđe Živanović, „Adolf Rudnjicki“, во: Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961, стр. 125-127.