Чуварот на пругата Тил

Од Википедија — слободната енциклопедија

Чуварот на пругата Тил (германски: Bahnwärter Thiel) – расказ на германскиот писател Герхарт Хауптман.

Содржина[уреди | уреди извор]

Тил е чувар на железничката пруга во близината на малото село Ној-Цитау. По пет години поминати во службата, тој се жени со Мина, која две години подоцна умира на пораѓањето, но детето (Тобија) останува живо. По една година, тој се преженува со Лена која, исто така, му раѓа син. Лена е крупна жена, наклонета кон расправии и со тирански карактер и за кусо време таа успева целосно да завладее во семејството, а Тил мирно се повлекува, вредно вршејќи си ја должноста. По раѓањето на бебето, Лена започнува да го тормози Тобија, но Тил не знае ништо за тоа. Сепак, еден јунски ден, тој заминува на работа, но набргу се враќа за да го земе појадокот што го заборавил дома. Таму, тој со свои очи го гледа насилството на Лена над Тобија, меѓутоа не презема ништо, туку само тажен се враќа на работа.[1]

Кога се враќа на должноста, Тил паѓа во длабока жалост и му се причинува дека ја гледа својата прва жена Мина како бега од него. По некој ден, Тил и Лена заминуваат да садат компири на една нива во близината на железничката пруга, а со себе ги земаат и двете деца. Додека Лена работи на нивата, Тобија го чува бебето, а Тил заминува да ја врши својата работа. Во тој миг поминува брзиот воз и го удира Тобија, кој е тешко ранет. Гледајќи го сето тоа со своите очи, Тил е длабоко потресен. Лена заминува со неколку железничари во блискиот град, носејќи го Тобија во болницата, а Тил останува на своето работно место. Во состојба на длабока загриженост, тој се обидува да го задави бебето, но во тоа го прекинува звукот на возот што поминува по пругата. Подоцна, пристигнува друг воз, носејќи го мртвото тело на Тобија и тогаш Тил се онесвестува, така што на носилка го пренесуваат во неговата куќа. Таму, под дејство на заморот, Лена заспива и кога пристигаат луѓето со мртвото тело на Тобија, тие ја здогледуваат страшната глетка: во меѓувреме, Тил ја искасапил Лена и го заклал бебето, а потоа побегнал. Сепак, подоцна успеваат да го најдат на пругата, во близината на местото на смртта на Тобија. Потоа, полицијата го апси и го затвора во болница за душевно болни луѓе.[2]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Расказот „Чуварот на пругата Тил“ се одликува со силно изразена натуралистичка боја. Делото е напишано под големо влијание на Емил Зола и тоа се гледа како во остриот натурализам на сите сцени во кои се појавува жената, така и во симболиката на поетизирањето.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Gerhart Hauptman, Čuvar pruge Til – Jeretik iz Soane. Beograd: Rad, 1960, стр. 3-14.
  2. Gerhart Hauptman, Čuvar pruge Til – Jeretik iz Soane. Beograd: Rad, 1960, стр. 14-35.
  3. B. P., „Gerhart Hauptman“, во: Gerhart Hauptman, Čuvar pruge Til – Jeretik iz Soane. Beograd: Rad, 1960, стр. 130-131.