Стечај

Од Википедија — слободната енциклопедија

Стечај претставува престанок на работата на претпријатието поради несолвентност (поглем износ на обврски од капиталот).

Правно регулирање на стечајот[уреди | уреди извор]

Во светот постојат повеќе модели на правно регулирање на отворањето стечајна постапка:[1]

  • неспособност да се плаќаат достасаните обврски
  • неспособност да се плаќаат достасаните обврски или недостиг на средства (помали средства од обврски)
  • модел без прецизен законски критериум каде судијата има право да одлучи дали ќе отвори стечајна постапка
  • модел со комбинирани критериуми

Стечајот во Македонија[уреди | уреди извор]

Основниот текст на Законот за стечај е донесен во 2006 година (Службен весник на Република Македонија бр. 34/06), а чиј консолидиран текст е донесен во 2015 година (Службен весник на Република Македонија бр. 192/15). Овој закон ги уредува: целите и условите за започнување на стечајната постапка; органите, управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса; намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка; правните последици од отворањето на стечајната постапка; планот за реорганизација; личното управување; ослободувањето од другите обврски; посебните стечајни постапки за трговец-поединец; стечајните постапки со странски елемент итн.[2]

Според членот 3 од Законот за стечај, целта на стечајната постапка е колективно подмирување на доверителите на стечајнито должник со претворање во пари на должниковиот имот и распределба на остварените приходи на доверителите или со склучување посебен договор за порамнување на побарувањата утврдени со планот за реорганизација. Притоа, со реорганизацијата може да се изврши порамнување на побарувањата на доверителите и пред отворањето на стечајната постапка. Според Законот за стечај, стечај или реорганизација над стечајниот должник се спроведува кога должникот е неспособен за плаќање или кога му претстои идна неспособност за плаќање. Постоењето на околностите кои докажуваат дека должникот е неспособен за плаќање се докажува со потврда од Централниот регистар.[3]

Условот за започнување на постапката за стечај е дефиниран во членот 5 од Законот за стечај кој пропишува дека „должникот е неспособен за плаќање ако во период од 45 дена од која било негова сметка кај кој било носител на платниот промет не е исплатен износот што требало да биде исплатен врз основа на важечките основи за плаќање“.[4]

Стечајната постапка се отвора на предлог на доверителот, должникот или друго лице кое е овластено со закон. Според членот 51, лицата и органите кои се овластени за управување се лично, солидарно и неограничено одговорни за шттите што им ги предизвикале на доверителите на трговското друштво, ако не поднесат предлог за отворање стечајна постапка најдоцна во рок од 21 ден од денот на настапувањето на причините за нејзино отворање. Притоа, оваа имотна одговорност не ја исклучува можноста и за кривична одговорност на органите на управувањето. Меѓутоа, во праксата, ваквата одговорност ретко се применува, зашто судовите обично одлучуваат дека се работи за побарувања од облигациони односи и упатуваат наплатата на побарувањата да се врши според Законот за парнична постапка и Законот за извршување.[5]

Законот за стечај предвидува различни можности за објавување на известувањата за текот на стечајната постапка, што во праксата отвора можности за злоупотреби и забуни. Во продолжение, законот предвидува дека стечајниот управник мора да поседува лиценца за да може да ја извршува оваа функција. Со отворањето на стечајната постапка, на вработените им престануваат договорите за вработување. Подмирувањето на доверителите се врши врз основа на планот за авансна распределба кој е должен да го состави стечајниот управник во рок од осум дена по приемот на парите од продажбата на имотот на должникот. По добиеното одобрение од одборот на доверителите, од стечајниот судија и од останатите доверители, стечајниот управник е должен во рок од осум дена да им ги распредели парите на доверителите. Конечното подмирување на доверителите се спроведува кога имотот на должникот целосно ќе се претвори во пари.[6]

Табела бр. 1: Број на претпријатија со поведени постапки за стечај[7]

Година Број на стечаи
2007 1.543
2008 1.737
2009 2.270
2010 1.445
2011 1.823
2012 2.160
2013 1.639
2014 2.184
2015 1.869
2016 1.259

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Александар Стојков, „Алтман во наше маало“, Економија и бизнис, година 19, број 232, октомври 2017, стр. 34-35.
  2. Катерина Бошевска, Регулатива 2015/848 на Европскиот парламент и на Советот на Европската Унија, Економија и бизнис, година 22, број 265, септември 2020, стр. 59.
  3. Катерина Бошевска, Регулатива 2015/848 на Европскиот парламент и на Советот на Европската Унија, Економија и бизнис, година 22, број 265, септември 2020, стр. 60.
  4. Александар Стојков, „Алтман во наше маало“, Економија и бизнис, година 19, број 232, октомври 2017, стр. 34.
  5. Катерина Бошевска, Регулатива 2015/848 на Европскиот парламент и на Советот на Европската Унија, Економија и бизнис, година 22, број 265, септември 2020, стр. 60.
  6. Катерина Бошевска, Регулатива 2015/848 на Европскиот парламент и на Советот на Европската Унија, Економија и бизнис, година 22, број 265, септември 2020, стр. 61.
  7. Народна банка на Република Македонија, Извештај за финансиската стабилност