Платежна сметка

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Трансакциска сметка)

Платежна сметка (англиски: transaction account, checking Account), позната и како тековна сметка (во минатото трансакциска сметка) — сметка во банка којашто служи за евидентирање и извршување на сите трансакции (уплати и исплати) на клиентот (правно или физичко лице).

Одлики на платежната сметка[уреди | уреди извор]

Платежната сметка претставува единствен и неповторлив бројчен податок од 15 цифри кои служат за идентификација на учесниците во платниот промет и таа е пријавена во Единствениот централен регистар на трансакциски сметки. Секое физичко лице може да поседува (отвори) најмалку една денарска и една девизна платежна сметка, во зависност од своите потреби. Носителот на платниот промет може да отвори сметка на писмено барање на учесникот во платниот промет.[1]

Платежните сметки не служат ниту за зработување на камата, ниту за штедење, туку за задоволување на секојдневните потреби за трошење, поради што тие се каматнонеосетливи.

Историја[уреди | уреди извор]

Во Холандија, во раните 1500-ти години, Амстердам претставувал главен трговски и транспортен центар. Луѓето кои се стекнале со големо богатство, започнале да го депонираат кај благајници, со цел да го заштитат, а за тоа плаќале одреден надомест. Депонентите за извршените уплати добивале потврда во вид на белешка. Конкуренцијата довела до тоа благајниците да почнат да нудат и дополнителни услуги. Тие можеле да испаќаат големи суми на пари на други лица, доколку имале писмен налог од депонентот.

Овој концепт понатаму се проширил кон другите другите земји, при што во Англија, во 17 век, сопствениците своето земјиште го ставале под хипотека и врз основа на тоа, благајниците им отворале сметки, врз основа на кои тие можеле да пишуваат чекови. Во XVIII век, поради тешкотиите за порамнување на чековите, се појавиле првите клириншки куќи.[2]

Видови платежни сметки[уреди | уреди извор]

Во основа постојат два вида трансакциски сметки: денарски платежни сметки и девизни платежни сметки.[3]

Денарска платежна сметка[уреди | уреди извор]

Денарска трансакциска сметка задолжително поседува секое лице кое врши денарски трансакции преку банка. Денарска трансакциска сметка може да отворат сите физички лица кои се државјани на Република Македонија, како и физички лица странски државјани кои имаат третман на резиденти, согласно законската регулатива во Република Македонија, а и имаат добиено лична карта за странец-резидент, издадена од МВР.

Денарска трансакциска сметка може да поседуваат и малолетни лица, како и лица на кои им е одземена деловната способност при што барањето за отворање на сметката мора да биде поднесено од нивните законски застапници или старатели согласно законските одредби.

Девизна платежна сметка[уреди | уреди извор]

Девизна трансакциска сметка е сметка преку која можат да се вршат трансакции кон странство во странска валута. Девизна трансакциска сметка може да отворат физички лица, резиденти и нерезиденти.

Физичко лице резидент девизна трансакциска сметка може да отвори со важечка лична карта или македонски пасош, додека физичко лице нерезидент за да отвори девизна трансакциска сметка потребно е да приложи валиден странски пасош.

Потребни докумети и начин на располагање со средствата[уреди | уреди извор]

При отворање на платежна сметка, клиентот треба да приложи важечки документ за идентификација (лична карта или патна исправа), како и пополнети „Барање за отворање на трансакциска сметка” и „Апликација/Барање за регистрација на клиент” .

Со средствата од платежната сметка можете да се раполага преку следните инструменти:<ref[>http://www.kb.com.mk/Default.aspx?sel=2111&lang=1&uc=1&par=0 Комерцијална банка - Скопје]</ref>

  • потписна картичка – за вршење на готовински уплати и исплати, како и за безготовински пренос на средства на други сметки во банката и сметки во други банки;
  • дебитна картичка– за плаќање на стоки и услуги во трговија како и подигнување на готовина на широка мрежа на продажни места и банкомати во земјата и во странство;
  • чековна картичка и чековни бланкети – за безготовински плаќања на правни и физички лица.

Информација за состојбата на платежната сметка и нејзините промени сопственикот може да добие бесплатно на шалтерите на банката и на интернет, преку електронското банкарство.

Придобивки од поседувањето трансакциска сметка[уреди | уреди извор]

При отворањето на трансакциска сметка, клиентите се здобиваат со следните поволности:

  • Сметка на која можат да примаат плата или други приходи;
  • Користење на меѓународните дебитни и кредитни картички во Македонија и во странство;
  • Вршење уплата и исплата во Македонија и во странство;
  • Плаќање на сметките за комуналии (телефон, струја, вода, парно, кабловска телевизија);
  • Аплицирање за кредит или дозволено пречекорување на сметка;
  • Активирање на траен налог за штедење или плаќање.[4]

Дозволено пречекорување[уреди | уреди извор]

Банките одобруваат дозволено пречекорувањe само на платежни сметки на кои пристигнуваат редовни месечни приливи од редовен работен однос и надoмeст за пензиско и инвалидско осигурување. Одобрувањето на дозволеното пречекорување се врши по прифаќање на понудените преддоговорни услови од страна на клиентот, направени на негово писмено барање, врз основа на претходна анализа на неговото работење со банката. Одобрувањето на дозволеното пречекорување може да биде колективно и поединечно.[5]

Колективно дозволено пречекорување[уреди | уреди извор]

На сите вработени во буџетски институции и јавни претпријатија, како и претпријатија со кои банката има склучено договор за деловна соработка, банката може да им одобри колективно дозволено пречекорување. На сите пензионери кои надоместот од пензиско и инвалидско осигурување го примаат на платежна сметка, банката може да им одобри колективно дозволено пречекорување во висина од една пензија. Доколку на сметката не стигне плата или пензија во рок од два месеци, банката го укинува дозволеното пречекорување. За цело времетраење на дозволеното пречекорување, банката може да прави преоценка на висината и рокот на одобреното дозволено пречекорување, и во секое време има право да го зголеми, намали или укине одобреното дозволено пречекорување.

Поединечно дозволено пречекорување[уреди | уреди извор]

Банката, на барање на клиентот, може да одобри поединечно дозволено пречекорување најмногу до две просечни плати, со рок не подолг од 12 месеци. Непосредно пред истекот на рокот на важност на поединечно одобреното дозволено пречекорување, доколку клиентот уредно работи, банката врши автоматско обновување, при што рокот на користење се продолжува за 12 месеци.

При обновувањето на дозволеното пречекорување, банката има право да одобри различен износ на дозволено пречекорување, земајќи ја предвид искористеноста на дозволеното пречекорување во изминатиот период, како и кредитната способност на клиентот.

За цело времетраење на дозволеното пречекорување, банката може да прави преоценка на висината и рокот на одобреното дозволено пречекорување, и во секое време има право да го зголеми, намали или укине одобреното дозволено пречекорување.

Траен налог[уреди | уреди извор]

Сопственикот на платежната сметка може да отвори траен налог со кој ќе ја овласти банката во негово име и од средствата на неговата транскациска сметка без надомест да врши плаќања на редовните трошоци за домаќинство (сметки за вода, електрична енергија, парно греење, фиксна и мобилна телефонија, интернет и кабелска телевизија), пренос на друга трансакциска сметка, денарска штедна книшка во банката, како и отплата на кредити издадени од банката.[6]

Трошоци поврзани со платежната сметка[уреди | уреди извор]

На платежните сметки банките плаќаат многу мала или воопшто не плаќаат камата, поради што тие се многу погодни за нив. Дополнителна поволност за банките е тоа што тие напалаќаат провизија за одржување на трансакциските сметки. Бидејќи средствата на платежните сметки служат за секојдневно плаќање, а не за штедење тие се сметаат за каматочувствителни иструменти. Исто така, на искористениот износ на дозволено пречекорување баката наплаќа камата. Поради овие погодности банките ги сакаат платежните сметки како депозитен извор. Но, од друга страна тие предизвикуваат високи оперативни трошоци.[7]

Затворање на платежната сметка[уреди | уреди извор]

Носителот на платниот промет, односно банката може да ја затвори платежната сметка на учесникот на негово писмено барање.

Исто така, банката може да покрене постапка за затворање на платежната сметка доколку:

  • учесникот е неактивен субјект чиешто бришење, согласно со законот, е објавено на мрежното место на [Централeн регистар на Република Македонија|Централниот регистар на Република Македонија];
  • учесникот престане да постои како правен субјект врз основа на закон, судска одлука или по налог на надлежен орган;
  • на сметката нема салдо и промени во последните две години и не е блокирана.

Согласно законот, банката е должна во рок од два работни дена да го извести корсникот за затворањето на сметката.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Закон за платен промет“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-12-11. Посетено на 2015-01-18.
  2. Ellis, Blake (2012), „Bank Account History“, преземено од CNN
  3. „Охридска банка“. Архивирано од изворникот на 2015-02-06. Посетено на 2015-01-18.
  4. „Прокредит банка - Скопје“. Архивирано од изворникот на 2015-03-14. Посетено на 2015-01-18.
  5. Комерцијална банка - Скопје
  6. Стопанска банка - Скопје
  7. Горан Петревски, Управување со банките (2. изд.), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 149.
  8. Одлука за начинот и постапката за отворање и затворање платежна сметка