Крстарицата Потемкин (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Плакатот за филмот „Крстарицата Потемкин“

„Крстарицата Потемкин“ (руски: Бронено́сец Потёмкин) — советски филм од 1925 година, во режија на Сергеј Ејзенштајн според сценариото на Нина Агаџанова, а во продукција на „Мосфилм“. Главните улоги ги играат: Александар Антонов, Владимир Барски и Григориј Александров. Филмот е снимен според вистинит настан - бунтот на морнарите од крстарицата „Потемкин“ со кој започнала руската револуција од 1905 година. Филмот бил снимен по порачка на советската власт, по повод дваесетгодишнината од неуспешната револуција при што власта цензурирала некои делови од филмот, меѓу кои и зборовите на Лав Троцки. Според многу филмски критичари, филмот претставува недвосмислена пропаганда, но и исклучително остварување кое донело голем број иновации во кинематографијата. Притоа, тој се смета за еден од најдобрите и највлијателните дела во историјата на филмот.[1] Така, на Светскиот саем одржан во Брисел во 1958 година (Expo 58), тој бил прогласен за најдобар филм на сиte времиња,[2][3][4] а во 2012 година, Британскиот филмски институт го избрал на 11. место на списокот на најдобрите филмови на сите времиња.[5]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Крстарицата Потемкин

Дејствието на филмот се одвива во 1905 година. На морнарите од воениот брод „Потемкин“ им расипано месо и во знак на протест тие ја одбиваат храната. Утредента, командантот на бродот ја повикува стражата, одделува група морнари и им наредува на стражарите да пукаат во нив. Морнарот Вакулинчук (го игра Антонов) ги запира стражарите кои одбиваат да пукаат во нивните другари. Тогаш започнува борба меѓу морнарите и офицерите. Морнарите фрлаат неколку офицери во морето, но во борбата погинува Вакулинчук. Неговото мртво тело го носат во Одеса каде целиот народ му оддава почит. Притоа, народот им дава поддршка на морнарите од „Потемкин“, но војската почнува да пука во луѓето при што има голем број мртви. На веста за масакрот врз цивилите, топовите на „Потемкин“ го гранатираат театарот во Одеса каде се наоѓа штабот на генералот. Адмиралот испраќа ескадрон бродови кон „Потемкин“, но во последен миг, морнарите се солидаризираат со „Потемкин“ кој минува низ ескадронот без борба.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. РТС (пристапено на 1.2.2019)
  2. What's the Big Deal?: Battleship Potemkin (1925). Retrieved March 10, 2017.
  3. „Battleship Potemkin by Roger Ebert“. Архивирано од изворникот на 22 ноември 2010. Посетено на 28 ноември 2010.
  4. „Top Films of All-Time“. Посетено на 2010-11-28.
  5. „The 50 Greatest Films of All Time“. British Film Institute. Sight & Sound. September 2012. Посетено на January 1, 2018.