Прејди на содржината

Кво вадис (филм од 1912)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Постерот за филмот

Quo Vadis? - италијански филм од 1912 година, во режија на Енрико Гвацони (Enrico Guazzoni), заснован врз истоимениот роман на Хенрик Шенкевич.[1][2]

Главните улоги во филмот ги играат:[3]

  • Џовани Гици (Св. Петар)
  • Карло Катанео (Нерон)
  • Олга Брандини (Попеа)
  • Бруто Кастелани (Урсус)
  • Леа Џунки (Лигија)
  • Густаво Серена (Петрониј)
  • Амлето Новели (Виникиј)
  • Августо Мастрипјетри (Хило Хилонидес)
  • Амелија Катанео (Евника)

Синопсис

[уреди | уреди извор]

Петрониј Арбитер го пречекува својот пријател Виникиј, кој штотуку се вратил од воениот поход во Ерменија. Виникиј му кажува на домаќинот за својата љубов кон Лигија, а Петрониј ги искористува своите врски со Нерон така што војниците ја грабнуваат Лигија од нејзиниот дом. Притоа, за време на една богата забава, Виникиј се обидува да ја обљуби Лигија, но неа во последен миг ја спасува робот Урсус. Виникиј ги испраќа своите робови да ја грабнат Лигија, но неа ја спасува група христијани, предводени од Урсус. Потоа, Нерон ја обвинува Лигија за смртта на неговата ќерка, а Петрониј му ја нуди на Виникиј својата робинка Евника (која, пак, е вљубена во својот господар Петрониј), но тој не ја прифаќа. Сепак, подоцна, Петрониј ја прифаќа Евника како своја миленичка. Во меѓувреме, Виникиј го ангажира Хило, кој со помош на итрини открива дека Лигија е христијанка. Во една прилика, тој и Виникиј одат на средбата на христијаните при што Виникиј е потресен од говорот на св. Петар. Сепак, заслепен од љубовта кон Лигија, тој ангажира еден гладијатор да ја грабне Лигија, но Урсус го убива гладијаторот, потоа го напаѓа Виникиј кого во последен миг го спасува Лигија. Таа го негува повредениот Виникиј, кој ѝ ја признава својата љубов, а и таа го сака него. Виникиј се враќа во својата палата, скршен од љубовта кон Лигија, така што за време на царската забава ја одбива љубовната понуда на Попеа. Хило ја дознава куќата во која се крие Лигија, каде св. Петар ги венчава Виникиј и Лигија, а подоцна и Нерон го озаконува нивниот брак, а на Виникиј му подарува скапоцен накит.

Во меѓувреме, за време на престојот во близината на Рим, Нерон наредува да се запали градот. Виникиј веднаш заминува за Рим, барајќи ја Лигија низ опожарениот град при што ја губи свеста, но го спасуваат работниците кои го гасат пожарот. Тогаш, во Рим пристига и Нерон, кој на собраните луѓе им ја пее својата нова поема. Поради тоа, народот збеснува, но Петрониј успева да ја смири толпата. Со помош на Хило, Виникиј оди во катакомбите каде се кријат христијаните. Св. Петар го води Виникиј до пештерата во која се крие Лигија, а потоа лично го покрстува Виникиј. За тоа време, по наговор на Хило и на Попеа, Нерон ги обвинува христијаните за пожарот во Рим, по што почнува нивниот прогон, при што Лигија и Урсус се затворени, Виникиј и Петрониј ја губат наклонетоста на Нерон, а Хило добива високо место во хиерархијата. По наредба на Нерон, христијаните се одведени во арената, каде им ги фрлаат на лавовите. Лигија е врзана за грбот на еден бик, но ја спасува Урсус, по што публиката, предводена од Викиниј, бара милост за Лигија и за Урсус. Нерон го осудува Петрониј на смрт, а тој приредува гозба на која тој и Евника си ги сечат вените и умираат во прегратка. Прогонот на христијаните продолжува, а соочен со бруталните убиства, Хило им соопштува на Римјаните дека христијаните се невини и дека Нерон е вистинскиот виновник. Потоа, пред да го затворат, Хило се покрстува. Тогаш, војската се побунува и Нерон е тргнат од власта, а тој успева да побегне од Рим, по што се убива. Додека го напушта Рим, св. Петар го среќава Христос, кој му забележува поради тоа што ги оставил христијаните, по што св. Петар се враќа назад.[3]

  1. Patrick Lucanio. With fire and sword: Italian spectacles on American screens, 1958-1968. Scarecrow Press, 1994. ISBN 9780810828162.
  2. Riccardo Redi. La Cines: storia di una casa di produzione italian. Persiani Editore, 2009. ISBN 9788896013045.
  3. 3,0 3,1 YouTube, Quo vadis? 1912 (пристапено на 22.12.2018)