Гроот

Координати: 41°44′47″N 21°43′13″E / 41.74639° СГШ; 21.72028° ИГД / 41.74639; 21.72028
Од Википедија — слободната енциклопедија
Гроот во рамките на Македонија
Гроот
Местоположба на Гроот во Македонија

Гроот (познат и како Грохот) — рид во средишниот дел на Македонија од десната страна на реката Вардар недалеку од градот Велес.

Највисоката точка на ридот изнесува 450 метри надморска височина, северозападно од Велес, чија периферија и последни куќи од населбата Ќерамидна, како и Топилницата за олово и цинк „МХК Злетово“ се наоѓаат во подножјето на овој рид. Протегањето на ридот Гроот е во меридијански правец, север-југ и воедно претставува вододелница, односно ги одделува долините на реките Вардар и Тополка. Името на ридот доаѓа од зборот гро(в)от, гроотиште што означува каменливо место, помешана земја и камења[1], каков што впрочем е и теренот на самиот рид.

Источно од ридот Гроот тече реката Вардар, на југ и југоисток се наоѓа градот Велес, на запад е долината на реката Тополка, додека на север е ограничен од долината на малиот С’лпски Поток (Влахчанска Река). Ридот Гроот не е пошумен и на него растат само трева и нискостеблести грмушки, а се одгледуваат и лозја во подножјето. Повеќе акции за пошумување се спроведени на падините на ридот Гроот[2]. Селата кои се сместени на западната и северозападната падина на ридот Гроот, заедно со останатите села во долното течение на реката Тополка го сочинуваат малиот етно-географски предел Гроот. На западната и северозападната падина на ридот Гроот се сместени селата Раштани, Белештевица и Бузалково.

Поглед на Гроот кај Велес

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Видоески, Божидар (1999). Географската терминологија во дијалектите на македонскиот јазик. Скопје: МАНУ. стр. 47-48. ISBN 9989-649-64-2.
  2. Пошумени нови 15 хектари на ридот Гроот

41°44′47″N 21°43′13″E / 41.74639° СГШ; 21.72028° ИГД / 41.74639; 21.72028