Македонска пастрмка
| Македонска пастрмка | |
|---|---|
| Научна класификација | |
| Царство: | Животни |
| Колено: | Хордови |
| Класа: | Зракоперки |
| Ред: | Пастрмковидни |
| Семејство: | Пастрмки |
| Род: | Пастрмка |
| Вид: | Македонска пастрмка |
| Научен назив | |
| Salmo macedonicus S. L. Karaman, 1938 | |
Македонска пастрмка (науч. Salmo macedonicus) — риба од семејството на пастрмките (Salmonidae), која го населува горниот тек на реката Вардар, како и нејзините притоки Кадина Река и Треска. Достига тежина до 3 кг и моментално не е особено загрозена.
Опис
[уреди | уреди извор]Македонската пастрмка има прилично долга и зашилена глава, со длабоко всечена уста. Горната вилица е тесна и е до крајот на окото. Ралото има двоен ред заби. Бојата на телото која е својствена за повекето салмониди е малку потемна и нема црвени дамки. Наместо нив кај македонската пастрмка се сретнуваат темноцрвени, до бордо петна, густо расфрлени по телото, освен по грбот, каде што воопшто ги нема. Достигнува маса и до неколку килограми. Официјален податок за максималните вредности за должина и тежина не постои, но во текот на 2003 година во Ратевското Езеро уловен е примерок со должина од 79 см и маса од 9,8 кг. Во реката Треска во текот на 2015 година уловен е примерок со маса од 9 кг. Се смета дека максималнаите вредност што може да ги постигне македонската пастрмка е многу над погоре споменататите вредности за должина и тежина. [1]
Распространетост
[уреди | уреди извор]Македонската пастрмка е автохтон и ендемичен вид на риба, својствен за водите на Република Македонија. Се наоѓа распростанета во студените планински потоци и реки со чиста, бистра вода, богата со кислород. Го населува горното течение на реката Вардар со притоките од горното течение, потоа горните текови на притоките од средното течение на реката Вардар, реките: Треска со притоките, Лепенец, Кадина Река, реката Пчиња со притоките, Тополка, Бабуна со притоките, Брегалница со притоките. Исто така ја има и во реките Бошава и Дошница.[1]
Основни биолошки одлики
[уреди | уреди извор]Македонската пастрмка бара песокливо и каменесто дно. Половата зрелост настапува во третата или четвртата година, а кај машките единки може и во втората. Плодноста изнесува 1000 до 2000 зрна икра по килограм телесна маса на женските единки. За време на периодот на мрестењето се јавува полов диморфизам. Машките единки добиваат појака боја, кај постарите единки долната вилица се издолжува и куковидно се извива нагоре (навнатре), додека женските единки имаат силно набрекнат стомак, а околу половиот отвор се забележува надуеност и зацрвенување. Кај машките единки тој отвор е во вид на кон внатре вдлабната цепнатина. Македонската пастрмка се мрести обично во периодот ноември - јануари, а зависно од топлината на водата (настапување на зимата), може да биде и порано, односно подоцна. Икрата ја исфрла на плитки места со силно струење на водата и на песочно - каменеста подлога, во која женската единка претходно со опашката прави длапка (гнездо) со димензии 20-30 см ширина и 15 см длабочина. Веднаш потоа машката единка ја прелива икрата со млеч и по оплодувањето машките и женските единки ја покриваат оплодената икра со камчиња за да ја заштитат. Македонската пастрмка е примарен грабливец, се храни со риби (особено покрупните единки), потоа ларви од водени инсекти, инсекти кои паѓаат во водата и што летаат ниско над неа, икра од други риби, жаби, полноглавци, црви и др.[1]
Значење
[уреди | уреди извор]Значајна е од аспект на рекреативен риболов. Македонската пастрмка е високоатрактивен вид за риболов. Се лови со вештачки мамци (мушица, воблер, блинкери), а со природни мамци од животинско потекло (ларви, црви и др.) риболовот е забранет. Во последно време забележано е нејзино одгледување во рибници од каде се нуди на пазарот како „речна пастрмка“. Како резултат на долгогодишната негрижа и масовното изловување со дозволени и недозволени риболовни средства популацијата и е значително намалена. Денес постојат водотеци во кои е потполно истребена. Од тие причини се прават исклучителни напори за нејзина ревитализација и повторно населување во водотеците каде некогаш живеела.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]Извори
[уреди | уреди извор]- Crivelli, A.J. 2005. Salmo macedonicus[мртва врска]. 2006 IUCN Red List of Threatened Species.