Станко Караман
| Станко Караман Станко Лука Караман | |
|---|---|
| Роден(а) | 8 декември 1889 Сараево, Босански Вилает, Отоманско Царство |
| Починал(а) | 17 мај 1959 (возр. 69) Скопје, СР Македонија, СФРЈ |
| Националност | Југословен |
| Полиња | биологија, зоологија, ихтиологија, карцинологија, музеологија |
| Познат по | основач на Природонаучниот музеј во Скопје, Зоолошката градина и Градскиот парк |
Станко Лука Караман (8 декември 1889 – 17 мај 1959 ) — југословенски природонаучник — биолог, зоолог, ихтиолог и музеолог — кој одиграл клучна улога во развојот на природните науки и музејската дејност во Македонија. Тој е основач на Природонаучниот музеј во Скопје, Зоолошката градина во Скопје и еден од иницијаторите за уредување на Градскиот парк покрај реката Вардар.[1]
Биографија
[уреди | уреди извор]Станко Караман е роден на 8 декември 1889 година во Сараево, како син на биологот и директор на гимназија Лука Караман и неговата сопруга Анка Миладинов, родум од Сплит.[2] Гимназија завршил во Сараево во 1912 година, по што започнал студии по природни науки во Загреб и Неапол. По прекинот за време на Првата светска војна, студиите ги продолжил во Загреб, каде што дипломирал во 1920 година и во јануари 1921 година докторирал со дисертација за филогенезата на краповите (Cyprinidae).[3]
Научна дејност и доаѓањето во Македонија
[уреди | уреди извор]По докторирањето работел како асистент во Народниот зоолошки музеј и Зоолошкиот институт во Загреб (1919–1924). Две истражувачки патувања во Македонија го определиле неговиот понатамошен научен ангажман целосно да го посвети на ова подрачје.[2]
Во 1924 година дошол во Македонија и ја објавил капиталната студија Pisces Macedoniae, првото систематско научно дело за слатководните риби во земјата.[1] Во рамките на ова истражување издвоил и опишал 16 видови и подвидови нови за науката, чии називи и денес се во употреба.[1]
Во текот на својата кариера објавил повеќе од 100 научни трудови (според дел од библиографиите – 108), во кои ги обработувал таксономијата и екологијата на рибите, водоземците, влекачите, лилјаците и особено слатководните ракови од редовите Amphipoda и Isopoda.[2][3] Опишал околу 60 нови видови и пониски таксони риби, како и околу 150 нови родови, видови и форми слатководни ракови, најчесто ендемски.[3]
Караман прв започнал со систематско истражување на слатководната подземна фауна и пештерските екосистеми на Балканот и се вбројува меѓу основоположниците на оваа истражувачка област.[3]

Истражувања поврзани со маларијата
[уреди | уреди извор]Во 1924 година Караман бил назначен за паразитолог во Институтот за тропски болести во Скопје, каде што објавил неколку трудови за комарците и хелминтијазата.[2] Во 1923–1924 година шест месеци ги истражувал мочуриштата, езерата, оризиштата и другите ендемски подрачја во Македонија каде што комарците ја пренесувале маларијата. Во трудот „Анофелитна Македонија и нивното сузбивање“ идентификувал пет вида маларични комарци и предложил биолошки, еколошки и економски мерки за нивно сузбивање, вклучително и употреба на мали риби за уништување на ларвите.[1]
Покрај тоа, ги проучувал и жариштата на маларија во Далмација, каде што идентификувал повеќе видови комарци и опишал начини за нивно сузбивање.[3]
Институционална и музејска дејност
[уреди | уреди извор]Во 1926 година, по негова иницијатива, бил основан Зоолошкиот музеј во Скопје, од кој подоцна се развил Природонаучниот музеј на Македонија. Караман бил на чело на музејот сè до почетокот на Втората светска војна, како единствен научен работник, при што лично собирал, обработувал и координирал научен материјал со соработници од Европа.[1]
Во истиот период ја раководел Зоолошката градина во Скопје и на калливите и неплодни брегови на Вардар уредил парк од англиски тип со површина од околу 120 хектари, денес познат како Градски парк.[2][3]
Подоцнежен живот
[уреди | уреди извор]Со почетокот на Втората светска војна во 1941 година, Караман со семејството го напуштил Скопје и престојувал во Крагуевац и Смедерево, каде што до 1945 година го раководел новоформираниот Биолошки институт. Потоа работел во Сплит, а во периодот 1950–1952 бил раководител на Биолошкиот институт на Југословенската академија на науките и уметностите во Дубровник. Во 1952 година се вратил во Скопје и повторно се вклучил во работата на Природонаучниот музеј.[2][3]
По сопствено барање бил пензиониран во 1957 година, но продолжил со научната работа до крајот на животот. Починал на 17 мај 1959 година во Скопје.[2]
Списанија и уредничка работа
[уреди | уреди извор]Караман бил уредник на „Гласник на Скопското научно друштво“ (1937–1941) и иницијатор или коиницијатор на повеќе научни изданија и списанија, меѓу кои Acta Musei Macedonici scientiarum naturalium, Fragmenta Balcanica, Izdanija и Folia Balcanica, преку кои биле објавувани резултатите од научноистражувачката дејност во Македонија и поширокиот балкански регион.[1][3]
Семејство
[уреди | уреди извор]Станко Караман бил оженет со биологот Зора Караман, со која имал два сина и една ќерка. Неговиот син, Гордан (Станко) Караман (роден во Скопје во 1938 година), е биолог и универзитетски професор, автор на голем број научни трудови од областа на зоологијата и слатководната фауна. Студиите по биологија ги завршил на Природно-математичкиот факултет во Скопје во 1961 година, по што во 1963 година ја напуштил Македонија и ја продолжил својата научна кариера во Црна Гора, каде што подоцна докторирал и работел во низа научни и академски институции..[4]
Почести и признанија
[уреди | уреди извор]Во 2009 година Македонска пошта издаде комеморативна поштенска марка со ликот на Станко Караман, како признание за неговиот придонес во природните науки и музејската дејност во Македонија.[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 4 5 6 „Станко Караман – пионер на природните науки во Македонија“. Македонски легенди. https://www.mn.mk/makedonski-legendi/10306
- 1 2 3 4 5 6 7 Karaman, Z. (1960). Dr. Stanko Karaman†. Crustaceana, 1(1), 68–71. Brill. https://brill.com/view/journals/cr/1/1/article-p68_8.xml
- 1 2 3 4 5 6 7 8 Britvec, B. „Karaman, Stanko“. Hrvatski biografski leksikon. https://hbl.lzmk.hr/clanak/karaman-stanko
- ↑ Karaman, G. – Биографски податоци. University of Montenegro / Montenegrin Academy of Sciences and Arts. https://www.agricultforest.ac.me/agriculture&forestry/page/61
- ↑ Dr. Stanko Karaman (2009), комеморативна поштенска марка. Colnect – Stamp Catalogue. https://colnect.com/en/stamps/stamp/356511
|