Ostariophysi
Ostariophysi Период: Рана Креда - денес [1] | |
---|---|
Млечна риба, Chanos chanos | |
Научна класификација | |
Царство: | Animalia |
Колено: | Chordata |
Класа: | Actinopterygii |
Надред: | Ostariophysi |
Редови | |
Gonorynchiformes |
Ostariophysi — вториот најголем надред на зракоперки. Оваа нашироко распространета група содржи речиси околу 8000 видови, околу 28% од сите познати риби и 68% од сите слатководни видови. Тие споделуваат неколку заеднички одлики, како производство на алармна супстанца кога се во опасност и Веберов апарат.[1] Некои видови се користат во исхраната, додека други за рекреација (спорт, аквариуми и сл.).
Видовите од овој надред се присутни на сите континенти и поголеми копнени маси, освен на Антарктик, Гренланд и Нов Зеланд.[1] Тука припаѓа најголемата слатководна риба, меконгскиот џиновски сом (Pangasianodon gigas), кој може да тежи и до 300 кг.[2] Исто така, тука се наоѓаат и некои од најмалите риби, како Danionella translucida со само 12 mm во должина.[1] Некои од овие риби се способни да дишат атмосферски воздух (од фамилијата Clariidae) или да живеат надвор од водата (Phreatobius cisternarum).[3] Еден дел од претставниците можат да произведат електричество (Malapteruridae, Gymnotiformes).
Систематика
[уреди | уреди извор]Овој надред е поделен на две серии - Anotophysi и Otophysi. Но, во постарата литература, Ostariophysi бил ограничен само на рибите кои сега се класифицираат како Otophysi.[1] Името Otophysi е создадено во 1970, кога Роузен и Гринвуд се обиделе да ги одделат традиционалните Ostariophysi од додадените Gonorynchiformes.[4]
Систематиката на овој надред е следна:
- Серија Anotophysi
- Gonorynchiformes, со околу 37 вида
- Серија Otophysi (Euostariophysi)
- Cypriniformes, со околу 3,268 вида (ја содржи фамилијата Cyprinidae, најголемата фамилија на слатководни риби)
- Characiformes (пастрмкокраповите и нивните сродници), околу 1674 вида
- Siluriformes (сомови), со околу 1,727 вида
- Gymnotiformes (електрични јагули, америкаснки ножориби), со околу 173 вида (понекогаш се групираат како Siluriformes)
Монофилијата на Ostariophysi е под сомневање со презентираните молекуларни докази. Gonorynchiformes се поблиски со Clupeiformes отколку со Otophysi. Возможно е дека Gonorynchiformes и Clupeiformes образуваат монофилетска група.[5] Постојат докази и за тоа дека Clupeomorpha би можела да е сестринска група на Ostariophysi (во тој случај би постоел таксонот Ostarioclupeomorpha, познат и како Otocephala).[1][5]
Морфологија
[уреди | уреди извор]Повеќето видови имаат рибен меур (освен Gonorynchus). Тој обично е поделен на две комори. Помалата антериорна комора е делумно или целосно прекриена со сребренеста перитонеална туника. Поголемата постериорна комора може да е самалена или да отсуствува кај некои групи. Присутни се ситни, едноклеточни и боцкасти испапчувања на различните телесни делови, наречени ункули. Тие досега се сретнати само кај овој надред.[1]
Многу видови испуштаат во средината алармна супстанца кога се исплашени или повредени. По својата природа таа претставува феромон кој се создава во епидермалните клетки и е слична кај сите видови. Таа ги предупредува останатите единки за опасноста.[1]
Веберов апарат
[уреди | уреди извор]Една од поважните одлики на овие риби е Веберовиот апарат. На него се припишува заслужноста за успехот на овие риби.[6] Се состои од групација на коски наречени Веберови осикули поредени во ланец. Тие го поврзуваат слушниот систем со рибниот меур[1] преку Y-виден лимфен синус, кој се граничи со лимфните канали од левото и десното уво. Ова овозможува пренос на вибрации до внатрешното уво.
Кај Anotophysi, првите три прешлени се специјализирани и поврзани со едно или повеќе цефалични ребра (примитивен Веберов апарат). Кај Otophysi, постои измена на предните четири или пет прешлени.[1]
Целосниот Веберов апарат се состои од рибниот меур, Веберовите осикули, дел од предните прешлени, како и од неколку мускули и лигаменти. Именуван е по германскиот анатом и физиолог Ернст Хајнрих Вебер кој прв ги опишал Веберовите осикули.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 Nelson, Joseph, S. (2006). Fishes of the World. John Wiley & Sons, Inc. ISBN 0471250317.
- ↑ „Grizzly Bear-Size Catfish Caught in Thailand“. National Geographic News. Посетено на 2006-07-14.
- ↑ Froese, R. and D. Pauly. Editors. „Species Summary: Phreatobius cisternarum“. FishBase. Архивирано од изворникот на 2007-09-28. Посетено на 2006-11-26.
- ↑ „Ostariophysi“. Tree of Life Web Project. Архивирано од изворникот на 2011-04-09. Посетено на 2007-03-26.
- ↑ 5,0 5,1 Saitoh, Kenji; Miya, Masaki; Inoue, Jun G.; Ishiguro, Naoya B.; Nishida, Mutsumi (2003). „Mitochondrial Genomics of Ostariophysan Fishes: Perspectives on Phylogeny and Biogeography“ (PDF). Journal of Molecular Evolution. 56: 464–472. doi:10.1007/s00239-002-2417-y. Архивирано од изворникот (PDF) на 2020-05-08. Посетено на 2009-04-20.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Briggs, John C. (2005). „The biogeography of otophysian fishes (Ostariophysi: Otophysi): a new appraisal“ (PDF). Journal of Biogeography. 32: 287–294. doi:10.1111/j.1365-2699.2004.01170.x.[мртва врска][мртва врска]
„Ostariophysi“ на Ризницата ? |